1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвав почеток на изборите во Пакистан

Шамил Шамс
25 јули 2018

Најмалку 28 лица ги загубија животите, а повеќе од 40 се повредени во самоубиствен бомбашки напад кој утрово се случи на гласачко место во југозападен Пакистан. Граѓаните бираат нов парламент во зовриена атмосфера

Pakistan Quetta Anschlag bei Parlamentswahl
Гласачкото место во Кета кое утрово беше цел на самоубиствен бомбашки нападФотографија: Reuters/N. Ahmed

Дали некогашната крикет ѕвезда Имран Кан ќе биде идниот премиер на Пакистан? Дали обидот на поранешниот премиер Наваз Шариф да ги стави под контрола воените генерали и неговото „храбро“ враќање во Пакистан каде се соочува со затворска казна ќе и помогне на неговата Пакистанска муслиманска лига во денешното гласање? Дали моќната армија се меша во изборите? Тука, во главниот град Исламабад постојано се дебатира за овие прашања. Влошената економија, акутната водна и енергетска криза, надворешната и безбедносната политика, односите со Индија и Пакистан, речиси и не се споменуваат.
Звучи како клише заклучокот дека Пакистан е на крстопат, но во пресрет на изборите, земјата е во мрачно расположение. Аналитичарите и граѓаните се единствени во оценката дека овие парламентарни избори можат да значат почеток или крај за Пакистан.
Резултатите е тешко да се предвидат. Доколку победи партијата на Шариф, која сега е раководена од неговиот помлад брат Шахбаз Шариф, Пакистан би можел да се соочи со уште поостар цивилно-воен судир во следните месеци. 
Доколку партијата на Имран Кан, Терек е Инсаф (Движење за правда) успее да освои мнозинство места во националниот парламент, приврзаниците на Шариф многу веројатно ќе протестираат против војската и наводната поддршка која таа му ја дава на Кан. Евентуалната победа на конзервативната и популистичка партија на Кан би можела да доведе до раст на анти-западното расположение. Тоа особено се однесува на односите со САД чие влошување би можело да доведе и до економски санкции.

Според анкетите, некогашната крикет ѕвезда Имран Кан ќе биде идниот премиерФотографија: Reuters/M. Raza

Кан води во анкетите

„Анкетите предвидуваат победа на партијата на Кан. Таа ќе освои најмногу места во парламентот, но и можно е да и треба поддршка од некои независни пратеници за да формира влада“, вели Јан Ашакзаи, политички аналитичар кој годинава ја напушти владејачката партија на Шариф. Според него, изборите ќе ги одлучат околу 20 милиони новорегистрирани гласачи, повеќето млади луѓе.
Но, многу аналитичари велат дека Шариф, кој е во затвор поради обвинувања за корупција, најверојатно ќе остане значаен фактор во пакистанската политика дури и ако неговата партија ги загуби изборите.
Сатар Кан, дописник на Дојче веле од Исламабад, вели дека Шариф и натаму ужива голема поддршка особено во провинцијата Пунџаб.
„Под раководство на Шариф и неговиот брат Шабаз, Пунџаб многу напредуваше. Провинцијата е понапредна и развојните проекти се огромни. Владата на Шариф отвори многу болници, изгради нови патишта...“, вели Сатар Кан додавајќи дека на поддржувачите на Шариф не им е грижа за обвинувањата за корупција кон него и му остануваат лојални.

Изборниот ден минува со огромно полициско и воено присуствоФотографија: Getty Images/AFP/W. Kohsar

Корупцијата треба да се казни
Спротивно мислење има пензионираниот генерал Амџад Шоаиб.
„Економската состојба во државата е очајна, Наваз Шариф и неговата партија ја уништија економијата. Пакистан мора да ја искорени корупцијата. Не ни треба помирување со оние кои му наштетија на Пакистан“, вели тој.
Шоаиб е лут на западните медиуми кои упорно го туркаат наративот дека „армијата се меша во изборите“.
„Шариф е осуден за корупција и испратен во затвор од судовите. Тој ја обвинува армијата само за да ги прикрие своите криминали“, вели пензионираниот генерал.
„Армијата не се меша во изборите. Западните медиуми треба да ја разберат природата на случајот против Шариф. Корупцијата и корумпираните политичари се соочуваат со казна во секоја земја. Зошто да ја обвинуваат армијата за корупцијата“, се прашува тој.

Лидерот на Муслиманската лига Шехбаз Шариф утрово гласаше во ЛахореФотографија: Reuters/M. Raza
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми