1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

По крвопролевањето во училиште во Тексас - шок во САД

ЖА / агенции
25 мај 2022

Најмалку 19 ученици и двајца возрасни се убиени во пукање во основно училиште во Тексас. Американскиот претседател Џо Бајден апелира за построги закони за носење оружје и прашува – кога ќе се спротиставиме на лобистите?

USA Texas | Tote nach Schüssen an der Robb Elementary School in Uvalde
Фотографија: San Antonio Express-News/ZUMA Press/IMAGO

САД повторно се потресени од масакр во училиште со повеќе убиени деца. Во најкрвавиот оружен напад во последнава деценија во основно училиште во гратчето Увалдево американската сојузна држава Тексас се убиени најмалку 19 ученици и двајца возрасни, од кои едниот е наставник, соопштија локалните власти. Гувернерот на Тексас, Грег Абот изјави дека осомничениот 18-годишен Салвадор Рамос, ученик во средно училиште, исто така е мртов – тој е застрелан од полицијата. 
Американскиот претседател Џо Бајден, кој тукушто се врати од патувањето во Азија, упати емотивна порака до јавноста. Веста ја добил за време на 17-часовниот лет на враќање кон Вашингтон, кога наредил спуштање на знамињата пред сите јавни објекти во земјата на половина копје, во знак на жалост поради масакрот.

Емотивни пораки од претседателот на САД, Џо БајденФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS


„Вакви масовни пукања ретко се случуваат некаде на друго место во светот. Зошто? Како нација мораме да се запрашаме - кога конечно ќе им се спротиставиме на лобистите за оружје? Време е оваа болка конечно да се претвори во акција“, изјави американскиот претседател.  
Американскиот Конгрес во повеќе наврати не успеа во обидот да се усвои закон за контрола на оружјето, а блокирањето се припишува првенствено на притисоците од моќното лоби – Национално стрелачно здружение. 

Што се знае за пукањето во Увалде?

Масакрот се одигра во малиот град Увалде со околу 16.000 жители, со мнозинска заедница на Латиноамериканци, оддалечен околу 137 километри од Сан Антонио, во близина на мексиканската граница. 
Осомничениот 18-годишен Салвадор Рамос бил жител на градот, според наводите од Министерството за јавна безбедност во Тексас, тој прво пукал во својата баба, по што вооружен со најмалку една пушка се качил во својот автомобил. 
По „спектакуларен“ сообраќаен инцидент, продрел во основното училиште, каде отворил оган во повеќе училници, убивајќи покрај 19 деца и двајца возрасни, од кои еден наставник. Децата се на возраст од седум до девет години. Обидот на полицијата да го спречи да влезе во училишттео бил неуспешен, а напаѓачот, опремен со панцирен елек, потоа бил застрелан. Основното училиште во Увалде има 500 ученици, главно со хиспански корени, а утре, четврток, би бил нивниот последен училишен ден. 

Шок по нападот врз основното училиште во УвалдеФотографија: William Luther/The San Antonio Express-News/AP/picture alliance


Мотивот за нападот е непознат, полицијата смета дека напаѓачот дејствувал сам. На во меѓувреме отстранетите фотографии на Инстаграм, тој презентирал две полуавтоматски пушки. Однесувањето на момчето во последно време било променето, изјавил негов школски другар за „Вашингтон пост“. Момчето живеело кај својата мајка, а повремено кај бабата, а во последниот период се однесувало агресивно. 

„Уште еден Сенди Хук“
Вчерашното пукање е еден од најсмртоносните напади врз училиште во САД од кога пред речиси една деценија во Сенди Кук во Конектикат беа убиени 28 луѓе. 
„Имаме уште еден Сенди Хук на нашите раце“, изјави сенаторот на Конектикат Крис Марфи. „Нашите деца живеат во страв секој пат кога ќе стапнат во училница, мислејќи дека тие се следните“, додаде Марфи. 
Нападот во Увелде се случи неполни две недели откако бел напаѓач уби десет Афроамериканци во продавница во Бафало, втор по големина град во државата Њујорк. 
Во САД редовно се случуваат смртоносни напади со оружје, а зачестено се погодени училиштата. Според податоците на тамошниот Центар за контрола на болести и превенција (ЦДЦ), во 2020 година се пријавени 19.350 убиства со огнено оружје, што е скоро 35 проценти повеќе во однос на претходната година. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми