1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кревка победа на разумот

Џамшид Фаруги / превод: ЕМФ17 јануари 2016

Иран го слави укинувањето на економските санкции и меѓународната заедница може да здивне. Но, некои сили порадо би се вратиле назад, на погрешниот пат, предупредува Џамшид Фаруги.

Österreich Wien Atomverhandlungen USA Iran IAEA
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Bruna

Крај на долгиот нуклеарен спор со Иран. Цели 13 години се правеа секакви обиди. И сега, навистина историски момент - шеф-дипломатот на ЕУ Федерика Могерини и иранскиот министер за надворешни работи Зариф со радост официјално објавија крај на нуклеарниот спор.

Само ако погледнеме назад, кон долгиот и каменест пат до атомскиот договор, може да разбереме колку тежок беше и, токму затоа, колкава вредност има договорот со Иран.

Опасна авантура

Имаше неброени рунди разговори, пропаднати преговори, краткотрајни решенија, воени закани, како и опширни санкции. Треба да се споменат и чудните напади врз ирански нукеларни физичари, саботажите и мистериозните сајбер-напади врз иранските атомски постројки.

Со години, тактиката на одолговлекување му даваше печат на однесувањето на Иран во атомските преговори. Раководството во Техеран дури тврдеше дека санкциите немаат ефект. Сепак, сега Иран вршеше притисок за итно укинување на казнените мерки.

Пробивот во атомскиот конфликт е најголемата дипломатска придобивка во мандатот на американскиот претседател Барак Обама и истовремено победа на модерните сили во Иран, кои конечно ги сфатија знаците на времето и се дистанцираа од опасната нуклеарна авантура на својата земја.

Џамшид Фаруги

Лабилна состојба

Дотука е добро! Но, ако работите се погледнат трезвено, победата на разумот беше постигната многу тесно. Оттука, состојбата останува лабилна. Освен тоа, има многу непријатели на договорот, кои се сеприсутни на сите можни нивоа: национално, регионално и меѓународно.

Иранскиот народ го слави укинувањето на санкциите Но, во круговите на моќ во Иран има и друга група, која со години профитираше од растечките тензии и насилство во регионот. Токму на таа група САД и‘ се потребни како непријател, како идеолошки, така и финансиски. Многумина станаа супер богати во сенката на санкциите и од кризата што од тоа произлезе. Тоа се оние чии приврзаници ги напаѓаат амбасадите, кои на улиците постојано извикуваат пароли против Израел и Западот и кои палат знамиња.

Непријателите на дипломатскиот пробив и враќањето на Иран во меѓународната заедница дејствуваат заеднички. Така погледнато, хардлајнерите во Иран, израелскиот премиер Нетанјаху, американскиот претседателски кандидат Трамп и кралот Салман од Саудиска Арабија, имаат заеднички цели. Зашто, тие се плашат од приближување на Иран кон Западот.

Не треба да се очекуваат чуда

Санкциите длабоко ја погодија иранската економија. Лошата состојба на индустријата, немањето инвестиции, недоволното ноу-хау и трговските ограничувања, пред се‘ при извозот на сурова нафта и земен гас, се најтешкото наследство на една бесмислена нуклеарна програма. Билансот гласи: се потрошија милијарди долари, се пропуштија политичките шанси по големите промени во арапскиот свет и - Иран на крајот беше изолиран како никогаш дотогаш.

Укинувањето на санкциите е најнеопходниот предуслов за борба против социјалните проблеми, но без сомневање - не е и клуч за решавање на сите проблеми. Оттука, не треба да се очекуваат чуда.

Мирното завршување на атомскиот спор е победа на разумот во Иран. Сега, овој успех треба да се одбрани од нападите одвнатре и однадвор. Се‘ друго е едноставно погрешен пат!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми