Кревко примирје меѓу Палестинците и Израелците
27 ноември 2006Нормалниот сообраќај е добродојдена реткост на улиците на градот Газа. За жителите е дури невообичаено да нема детонации на израелската артилерија, да го нема заканувачкиот звук на воените хеликоптери или пак чкрипењето на тенковите и булдожерите на израелската армија. Така и овој постар граѓанин од бегалскиот камп Беит Ханун го фали постигнатото прмирје меѓу палестинските радикални групи и израелската армија:
“Тоа е позитивен договор. Ние сме за секое решение што ќе ги гарантира правата на Палестинците. Ние сме и против насилство, Израелците се тие, кои постојано почнуваат со насилство, ни ги уништуваат куќите, дрвјата, животните, луѓето – едноставно се‘!“
Само неколку часа по склучувањето на примирјето, во неделата изутрина примиријето меѓутоа го прекршија вооружени припадници на владеачкиот Хамаз. Тие истрелаа пет касам ракети врз израелска територија. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас и израелскиот премиер Ехуд Олмерт побрзаа да изјават дека сепак ќе се придржуваат до постигнатата спогодба. Абас дури испрати палестински безбедносни сили на северот од Газа за да обезбедат дека нема да има нови провокации за прмирјето, а портпаролот на палестинската влада Гази Хамад порача:
“Потврдуваме дека се чувствуваме обврзани кон спогодбата и дека нема да дозволиме никому да го загрози или прекрши договорот за примирје.“
И израелскиот премиер Олмерт порача дека со трпение ќе го набљудува натамошниот развој на настаните. Неговата влада ќе и‘ даде шанса на спогодбата и нема да ја проигра можноста за враќање на мирот.