1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кремљ сака да предизвика внатрешна криза во Бугарија“

Александар Детев
27 април 2022

„Газпром“ прекина со испорака на гас на Бугарија, доведувајќи ја земјата во неприлики. Од Софија велат дека Русија го користи гасот како политичко оружје, но нема да запрат со транзит на гас кон БиХ, Србија и Унгарија.

Belarus | Arbeiter an der Jamal-Pipeline
Фотографија: Sergei Grits/AP Photo/picture alliance

„Бидејќи ги испочитувавме сите трговски и правни аспекти, јасно е дека гасот сега се користи како политичко оружје“, изјави бугарскиот министер за енергетика Александар Николов денеска пред новинарите во Софија.

Николов изјави дека снабдувањето со гас „е гарантирано најмалку за еден месец“, откако Русија воведе ембарго  на испораките на Бугарија и Полска.

Рускиот монополски концерн „Газпром“ тоа го оправдува со одбивање на двете земји  гасот да го плаќаат во рубљи.  Тие пак се повикуваат на важечките договори, според кои плаќањето се врши во долари или евра.

Така Бугарија се најде во  потенцијален теснец,  бидејќи околу три четвртини од гасот стигнуваат од Русија. Потребата за набавка од други извори со години ја окупира политичката сцена во оваа земја.

Така во 2019 година беа потпишани договори меѓу бугарско и грчко енергетско претпријатие за  изградба на гасовод  меѓу двете земји, преку кој Бугарија би добивала гас од Азербејџан. Бугарскиот премиер Кирил Петков вели дека работите ќе бидат завршени во јуни, а гасот ќе потече неколку месеци подоцна.

Проценките на стручњаците се дека течниот гас, кој стигнува преку Грција, ќе чини најмалку 20 % повеќе од оној кој доаѓа од Русија.

Без блокада на гасот за БиХ и Србија

Петков го обвинува својот претходник Бојко Борисов за непреземање никакви чекори за намалување на зависноста од  руски гас.  „Откако дадовме милијарди за Турски тек, видовме каде нѐ одведе политиката на ГЕРБ“, изјави Петков за партијата на Борисов, која десет години владееше со земјата.

Бугарија вложи околу 1,5 милијарди евра во кракот Турски тек кој поминува преку Балкан. Со тој крак Бугарија и заработува како транзитна земја, зашто преку неа оди гас за БиХ, Србија и Унгарија.

„Го изградивме Турски тек за една година, а 12 години не можеше да биде завршен гасниот конектор со Грција. Бугарија значи свесно со години беше доведувана во зависност од руски гас, а сега гледаме колкав е тој проблем“, вели за Дојче веле пратеникот и експерт за енергетика, Мартин Димитров.

Русија преку „Газпром“ го користи гасот како политичко оружје, велат во БугаријаФотографија: Stringer/dpa/picture alliance

Одлуката на „Газпром“ да воведе ембарго донесува неизвесност и за Србија и за Унгарија. Но, министерот за енергетика Николов веднаш рече дека Бугарија нема да го попречува транзитот. „Бугарија не е Русија, нема да им правиме вештачки пречки на соседите“, рече тој.

Мартин Димитров исто така мисли дека Бугарија треба да  остане доверлива транзитна земја. „Бугарија мора да се однесува како добар сосед и партнер. Москва еднострано реши да не се придржува до договорот, но ние мора да се држиме до сите меѓународни договори“, изјави тој. „Тоа значи дека Бугарија не треба да го прекинува транзитот кон БиХ, Србија и Унгарија.“

Потреба од алтернативи

Димитров вели дека Софија треба да бара отштета од „Газпром“: „Проблем е што Бугарија до крајот на годината има договор за испорака на руски природен гас, склучен согласно сите норми на меѓународното право. Москва тоа го крши еднострано“, вели тој.

Бугарските власти веќе сигнализираа поддршка за идејата на Европската комисија од сега таа да преговара за договори за набавка на гас во име на сите членки. „Освен тоа, Бугарија мора да најде алтернативи и да почне да купува азербејџански гас и течен гас. Мора да се надокнади она што долго не е правено“, додава Димитров.

Бугарските власти јасно се приклучија кон санкциите против Русија. Денеска премиерот Петков отпатува во посета на Киев. Бугарија се најде на листата на „непријателски земји“ на Москва.

„Запирањето на гасот може да се посматра како обид на Русија да предизвика внатрешна криза во најслабата од тие земји, како што е Бугарија. Идејата е на тој начин да се наруши единствената позиција на Европа за Украина“, вели Мартин Владимиров од Центарот за истражување на демократијата.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми