1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата ги отвори вентилите на албанското незадоволство

Катерина Блажевска5 јуни 2015

Најавениот сеалбански протестен марш на 13 јуни, освен неотповиклива оставка на владата на Груевски и Ахмети, има и други барања кои тешко можат да се решат во момент на државна криза.

Фотографија: Petr Stojanoski

Политичката криза, бавното темпо на нејзиното решавање и недовербата дека лидерските разговори на 10 јуни во Брисел може да донесат некакво конструктивно решение, го крена незадоволството и кај вонпарламентарната опозиција во албанскиот политички кампус. Гласот на тој револт ќе биде изразен на 13 јуни, на сеалбански протестен марш што го организира движењето „Беса“. Ќе почне во 17.00 часот од Чаир, а ќе заврши на адресата што го провоцира граѓанското незадоволство - „Илинденска“ број 2, пред зградата на Владата.

„Основни барања на овој протест се неотповиклива оставка на Владата на Никола Груевски и Али Ахмети поради партизација на државата, злоупотреба на институциите, неуспехот во интеграцискиот пат и антиалбанскиот пристап. Ќе бараме од Заев да ги објави сите материјали кои се поврзани со монтираните случаи, како што е случајот ’Монструм’. Инаку, ќе го сметаме и него како дел од покривање на криминалот. По објавените снимки и по неуспехот во одбрана на некоја албанска агенда, ДУИ и ДПА не се веќе претставници на Албанците во Македонија и немаат мандат да одлучуваат за Албанците во какви било преговори“, соопшти претседателот на координативниот совет на „Беса“, Билал Касами. Тие ќе бараат и албанскиот јазик да биде официјален на целата територија на земјата, да има правична распределба на буџетот и договор за редефинирање на Македонија како заедничка консензуална држава на Албанците и Македонците.

Фактот дека протестниот марш е закажан три дена по закажаната рунда лидерски разговори во Брисел, зборува за отсуство на надеж дека таму ќе се дојде до некакво решение, а уште помалку дека постои каква било доверба во политичките претставници на Албанците. Од „Беса“ веќе најавија дека ќе побараат оставки од сите министри на ДУИ, бидејќи и досега не успеале успешно да завршат ниту еден процес за кој биле одговорни.

Движењето кое се декларира само како иницијатор, но не и организатор на протестот, повика и други албански политички субјекти - Движењето за реформи во ДПА, Националната Демократска Преродба, невладини организации, интелектуалци, уметници, новинари и други јавни личности заедно да формираат Совет за организација на протестниот марш кој ќе се одржи „под албанско знаме и под албанска химна“.

Нека се приклучат и Македонците!

Со тоа станува извесно дека овој протест нема да има инклузивен граѓански крактер. Аналитичарот Исен Салиу вели дека постојат „милион причини“ зошто Албанците во Македонија треба да протестираат потив актуелната Влада, но не само тие.

Ниту еден албански субјект не покажа доблест да ги повика граѓаните Албанци да го поддржат опозицискиот протест на 17 мај, потсетува СалиуФотографија: Reuters/M. Djurica

„Слично како што на 17 мај многу граѓани Албанци се приклучија на опозициските протести предводени од СДСМ, така и голем број Македонци без никакви предрасуди треба да се приклучат на протестот што го најавува 'Беса', на кој очекувам да се приклучат и други опозициски партии и граѓански организации. Штетата што им ја направи оваа Влада на граѓаните на Македонија е многу голема, па затоа треба да биде голем и широк секој протест против нејзините политики, без разлика кој субјект е иницијатор или организатор. Додека ниту еден албански субјект не покажа доблест да ги повика граѓаните Албанци да го поддржат опозицискиот протест на 17 мај, македонските опозициски партии треба да покажат доблест и јавно да ги повикаат своите членови и симпатизери да се приклучат на протестот на 13 јуни. Токму заедничкиот револт кој го покажаа граѓаните од сите заедници на 17 мај, беше клучниот момент кој ја раздвижи меѓународната заедница да се вклучи во што побрзо изнаоѓање решение за кризата во Македонија, а тоа ќе биде потребно и во наредниот период“, вели Салиу.

„Беса“ беше политичкиот субјект кој во последен миг јавно го откажа претходно најавеното учество на големиот антивладин протест на 17 мај, поради незадоволство што лидерот на СДСМ во „бомбите“ ги поштедил функционерите од ДУИ.

„Од објавените аудио-снимки, се покажа дека за СДСМ владата е само ВМРО-ДПМНЕ, а не и ДУИ. За нас криминална влада не е само ВМРО-ДПМНЕ, туку и ДУИ“, реагираа тогаш од Движењето.

Засега е извесно дека „бомбите“ ќе молчат до следната рунда разговори во Брисел, а дали ќе „прозборат“ потоа, ќе зависи од еветуален договор на средбата. Објавувањето на аудио-снимката за „Монструм“ беше одложено поради сензитивноста на ситуацијата по настаните во Куманово. Без оглед на тоа, фокусот на „Беса“ и натаму останува насочен кон расветлувањето на одредени судски пресуди кои добија епитет „контроверзни“ или „политички монтирани“ случаи.

Ќе се бара неотповиклива оставка на ВладатаФотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

„Ќе бараме ослободување на осудените од случаите 'Монструм, 'Сопот' и 'Бродец'. Ќе бараме обелоденување на убиството на Харун Алиу и на неговите пријатели. Ќе бараме целосно расветлување на случајот 'Куманово', одговорност од авторите и организаторите на тоа сценарио и итно надоместување на предизвиканите штети на албанските населени места“, велат од „Беса“.

Мобилизација за демократија

Публицистот Нијази Мухамеди објаснува зошто расте гневот кај Албанците, но ги посочува и главните приоритети што стојат пред нив во овој момент.

„Договорот за надминување на кризата, ги оцрни двата албански политички претставника (ДУИ и ДПА) полошо и од медиумскиот чад од 'бомбите' на Заев. Претходно, тие излегоа пред албанската медиумска јавност од Скопје до Тирана и мафтаа со некакви условувања кои ќе им ги претставеле на двата македонски политички претставника во оваа политичка кавга, без да размислат дека тоа нема да биде лидерска средба пред изборна кампања, туку лидерска средба за надминување на политичката криза, а во која самите се држат на страната на нивниот заеднички тутор. Против нивното погрешно престројување на страна на антидемократската лошотија, нивниот народ се бунтува и протестира, а тие се оглушуваат на тоа и со нелегитимна тврдоглавост го тераат своето. Нивното срамно држење на лидерската средба и нивното излегување од неа со празни раце во поглед на неинкорпорирањето во договорот на некои фундаментални интереси и позиции на Албанците во Македонија во однос на кризата и по неа, го споредувам со пример на ќелав човек кој отишол во берберница за да купи влакна, а излегол и со избричена глава“, вели Мухамеди.

Тој потсетува дека и косовските медиуми овие актери ги нарекле „мајстори на шарени лаги и ветувања“, од кои не може да се очекува друго нешто освен предавство на достоинството на политичкото претставување на Албанците во Македонија. Но, смета дека во овој политички момент, најважно е да се застане во одбрана на фундаменталните демократски вредности, а за се‘ друго да се разговара потоа.

„Наместо најавениот митинг за ослободување на затворениците на 'Монструм' или за оставка на Владата, движењето 'Беса', и не само тие, треба да размислуваат како да се артикулира една поширока албанска опозициска мобилизација и јасна стратегија низ која на достоинствен начин треба да се афирмира политичкиот протагонизам на Албанците во надминување на сегашнава политичка криза. Тој протагонизам треба да се ангажира во чистењето на сметот на нелегитимните албански претставници во Владата, но и да се покаже во претстојните демократски реформи на политичкиот живот и на демократските институции кои претрпеле тоталитарен колапс“, порачува Мухамеди.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми