1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата го промени односот на силите во ЕУ

Бернд Ригерт / Александар Методијев10 јануари 2013

Улогата што треба да ја извршуваат Европската комисија и Парламентот не можат да ја исполнат во време на должничка криза. Земјите членки во Советот на ЕУ го имаат главниот збор. Односот на силите во Европа се менува.

Фотографија: picture alliance/dpa

„Виенски конгрес“ – вака во октомври 2011-та година, во дебата претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц ја спореди моменталната политика на европските лидери на нивните самити. На почетокот од 19-от век неколку европски сили, на тајни преговори меѓу нив, ја делеле Европа. Демократијата тогаш им била странски збор. Во ЕУ всушност Советот на министри, кој ги претставува земјите-членки, и Европскиот парламент, како тело на граѓанките и граѓаните, треба заедно да одлучуваат за законите. Европската комисија ги подготвува законите и таа го контролира придржувањето до европските договори.

Европските лидери често ги носат одлуките на самити во доцните вечерни часовиФотографија: AFP/Getty Images

Така е барем во теоријата, која е содржана во Лисабонскиот договор за принципите и функционирањето на Унијата. Од почетокот на должничката криза, во пролетта 2010-та година, овој систем повеќе не функционира. Со цел да ја спасат Грција од колапс, претставниците на земјите-членки преговараат ад хок. Тие основаа Фонд за спас како фирма, која потпаѓа под луксембуршкото право, и склучуваат меѓународни договори. Ова се случи и покрај постоечките институции и методи. Образложението звучи уверливо – времето и финансиските пазари притискале, додека институциите на ЕУ не дејствувале доволно брзо.

Нема демократија на европско ниво

Европскиот парламент и националните парламенти можат ноќните одлуки или само да ги земат во предвид или, пак, подоцна да ги одобрат. Овој развој кулминираше со потпишувањето на Фискалниот пакт. Овој нов меѓународен договор беше потпишан од 25 од 27 земји од ЕУ. Тој не беше спроведен во рамките на ЕУ. И германската канцеларка Ангела Меркел, која го туркаше пактот со тогашниот француски претседател Никола Саркози, призна дека договорот надвор од секоја постоечка европска правна рамка е само „второ најдобро решение“.

Во должничката криза се покажа дека и во европската политика важи принципот – „кој плаќа, тој и нарачува музика!“ Бидејќи само земјите-членки имаат финансиска моќ да ги спасат загрозените членки, Европскиот совет е централното тело за кризен менаџмент. Европската комисија може само да прави статистики и да пишува ревизорски извештаи, се пожали претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо. Европскиот парламент може да земе учество во законодавството само при заострување на дефицитот на процедури, т.н. „сикс-пек“. Клучните одлуки ги одминуваат пратениците.

Повеќе демократија во Европа не мора нужно да резултира со подобри политики, предупредува политикологот Херфрид Минклер во неделникот Шпигел. Демократијата не мора да доведе до тоа да владеат подобри европски елити. „Оној кој сега бара демократизација на Европа, прави смела игра, која брзо може да заврши со распаѓање на Европа. Можеби тие, кои се потпираат на демократизацијата како кризна реакција, да не се ни свесни за тоа. Демократизацијата за нив е автоматски кризен рефлекс. Но, за демократијата се потребни предуслови кои сега недостасуваат во Европа“. Европа, смета Херфрид Минклер, нема свои државјани и страда од политичко раситнување и етнички квоти. Недовербата на луѓето во однос на Европа останува длабока. Ова исто така ја објаснува малата излезност на изборите за Европскиот парламент. „Тоа е поради сите грешки и недостатокот на вештини на елитите, кои заедно ја држат Европа. Значи, сега треба да се размислува не за демократизација, туку за подобрен капацитет на елитите?“, реторички прашува Минклер во Шпигел.

Меркел раководи, бидејќи плаќа

Германија и Франција од секогаш се моторот на европскиот развој. Кризата покажа дека Германија, како финансиски најсилна земја во ЕУ, заедно со Франција, прави се’ за курсот за спас. Во оваа лидерска улога Ангела Меркел, германската канцеларка, не се стави со своите зборови. Земјите-должнички дури и ја обвинија неа за колебање и одолговлекување. Помалите земји се бунат, бидејќи големата Германија со брзањето ги потиснува нивните предлози. Германскиот министер за одбрана Томас де Мезие предупреди на Минхенската безбедносна конференција во февруари 2012 дека Германија не треба да се преоптоварува. „Кога другите бараат менаџирање, најчесто мислат само на пари“, рече Де Мезие. Тоа е тешко да им се пренесе на германските даночни обврзници. Се’ додека должничката криза е доминантна тема во Европа, се’ дотогаш центарот на моќ и на сила на националните влади, а посебно германската, ќе остане во Европа. Германија не сакајќи е „квази-хегемон“ во ослабената Европа, пишува за тоа британскиот историчар Тимоти Гартон Еш.

Центарот на моќ е Централната банка

Кој плаќа, тој и нарачува што ќе се свириФотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Ohde
Повеќе демократија во носењето одлуки не мора да значи и подобра политикаФотографија: picture-alliance/dpa

Во кризата многу позначајна стана улогата на Европската централана банка (ЕЦБ) во Франкфурт на Мајна. Всушност ЕЦБ е одговорна за монетарната стабилност во 17 земји, кои го воведоа еврото како заедничка валута. Во моментов ЕЦБ е единствената наднационална институција на ЕУ која може брзо и ефекасно да влијае на пазарот, и тоа без некоја парламентарна контрола и независно од очигледното политичко влијание. ЕЦБ ги преплавува приватните банки со евтини заеми, го зголемува количеството на пари и купува државни обврзници од евро-земјите. Овие мерки беа табу тема, која во нормални времиња би довела до погласно негодување. Но, во криза останува воздржана критиката за курсот на ЕЦБ, освен од некои германски чувари на стабилноста. И претседателот на ЕЦБ Марио Драги знае дека краткорочно ЕЦБ може да ги ублажи ефектите од кризата и да го одржи во функција банкарскиот систем. Во многу истражувања на јавното мислење на европските граѓани е јасно – тие сметаат дека спасувачките напори на Европскиот совет не се доволни. Само една четвртина од Британците, Французите или Германците веруваат дека многу одлуки од самитите ќе доведат до добар крај. Меѓутоа, повеќето луѓе од еврозоната, според истражувањата, се определуваат за тоа дека и по десет години ќе ја има заедничката валута.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми