1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата - катализатор за промени во Фолксваген

З.Јордановски/дпа/афпд/ртр10 декември 2015

Фолксваген нема да се распадне поради кризата, претстои темелна преориентација - најавено на прес-конференција.

Фотографија: Reuters/N. Treblin

Со темелна преориентација Фолксваген сака да спречи во иднина скандали како аферата со издувните гасови. „Правиме се’ за да излеземе на крај со актуелната ситуација. Нема да дозволиме кризава да не’ парализира“, рече Матијас Милер, шеф на управниот одбор на автомобилскиот концерн на денешната прес-конференција во Волфсбург. „Кризава ја користиме како катализатор за промени, кои му се потребни на Фолксваген. (...) Колку и да е сериозна актуелната ситуација, таа нема да предизвика распад на ова претпријатие“, нагласи Милер.

Најголемиот европски производител на автомобили во септември годинава призна - откако тоа претходно беше обелоденето во САД - дека во милиони возила со дизел-мотори биле вградени софтвери кои во тест-фаза покажувале значително помали емисии на штетниот по здравје азотен оксид, отколку при нормален погон.

Фотографија: Reuters/F. Bimmer

Обемна акција за расветлување, тесен круг на сомнителни

Во барањето на одговорните за скандалот со вградените софтвери за манипулирање на издувните гасови на возилата на Фолксваген, првенствено оние со дизел-мотори, раководството на концернот и натаму има во фокусот еден релативно мал круг на сомнителни. „Ние и натаму сметаме дека е веројатно оти само еден прегледен број на соработници активно придонел за манипулациите“, нагласи претседателот на Надзорниот одбор Дитер Печ, кој заедно со Милер за првпат на овој начин излегоа во јавноста по избивањето на кризата. Во меѓувреме биле собрани 1500 електронски носачи на податоци од вработените, за да се откријат индиции за изворот на аферата. Во рамките на истрагата биле водени 87 исцрпни интервјуа, а „ќе следат и уште многу други“, најави Печ. Девет претставници на менаџментот се суспендирани. На расветлувањето на аферата работат околу 450 експерти - од концернот и од една американска фирма, паралелно и независно едни од други - со цел до Главното собрание на 21 април наредната година да се даде целосен преглед за резултатите од истрагата.

Раководството не знаело за измамата?

Но, веќе сега можело во голема мера да се сфати генезата на проблемот: појдовен момент бил големата стратегиска дизел-офанзива на Фолксваген во САД во 2005. година, кога концернот имал криза на пласманот на возила и заостанувал зад конкуренцијата. Тогаш не можел да биде изнајден пат како во зададените временски и трошковни рамки да се исполнат построгите норми во САД за количеството на азотен оксид во издувните гасови. Така дошло до вградувањето на манипулативните софтвери. Според досегашните сознанија, рече понатаму Печ, раководството на концернот не знаело за измамата.

Тој изјави дека манипулацијата на издувните гасови се должи на 3 фактори: индивидуално погрешно однесување, слаби точки во процесите и толерирање на кршењето на правилата во некои делови од претпријатието.

Мерки како консеквенција од скандалот

Во иднина при креирањето на нови софтвери за уреди за менаџмент на моторот стриктно ќе се применува принципот на „четири очи“. Една од клучните консеквенции ќе биде и далекусежна промена на праксата на проверки. Така, тестовите на емисиите на издувни гасови во иднина начелно ќе бидат екстерно и независно проверувани. Финансиските „последици од кризата, може да се претпостави, ќе бидат значителни“, рече Печ. Сега, смета тој, е битно да се врати довербата кај муштериите, инвеститорите, соработниците и јавноста.

Како последица на скандалот, Матијас Милер најави дека треба да бидат променети структурите и начинот на размислување. Преориентацијата веќе започнала. Врвниот менаџмент во иднина ќе го води концернот помалку централистички, а поединечните марки и региони ќе добијат поголема одговорност. Милер повика и на „промена на културата“ во концернот: треба поотворено да се дискутира и да се одвива поблиска соработка.

Фотографија: Reuters/N. Treblin

Пад на акциите на Фолксваген по прес-конференцијата

На берзата денеска акциите на Фолксваген прво скокнаа за 3,7 проценти, но по прес-конференцијата отидоа во минус, на моменти и од 2,5 процента. Вчерашниот и денешниот скок се должеа на веста дека по темелната проверка е утврдено оти само 37 000, а не 800 000 возила, како што првобитно се претпоставуваше, се со манипулирани вредности на јаглерод-диоксид (ЦО2). Очигледно некои акционери и денеска очекуваа позитивни вести - оттука и нивното разочарување, коментираат луѓе од берзата во Франкфурт.

По скандалот досега не е забележан пад на пласманот на возила. За надминување на последиците од кризата концернот веќе издвои 6,7 милијарди евра.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми