Конфликтот околу Северна Кореја натамошно ескалира. И покрај сите санкции, Пјонгјанг продолжува со ракетни тестови. Испалена е ракета преку Јапонија.
Реклама
Северна Кореја ги игнорира сите санкции на ОН и закани од страна на САД: повторно е испалена ракета, која овојпат прелета преку Јапонија и заврши источно од островот Хокаидо во Пацификот. Јапонската телевизија НХК, повикувајќи се на армиски извори, јави дека не била испалена одбранбена ракета. Јапонија во минатото најавуваше дека ќе пресретне севернокорејски ракети кои претставуваат опасност за јапонската територија. Според јапонскиот министер за одбрана Ицунори Онодера, проценето е дека ракетата, која летала околу две минути, не претставува закана за јапонската територија.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе оцени дека станува збор за сериозна закана, со каква што досега земјата не се соочила. Јапонија доби поддршка од Јужна Кореја и САД. Според Абе, овие две земји имаат намера да го зголемат притисокот врз севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун.
Советот за безбедност на ОН најверојатно веќе денеска ќе одржи итна седница, се вели од дипломатски кругови. Кина ги повика сите страни на воздржаност и побара враќање на маса за преговори и соопшти дека проблемот со Северна Кореја не може да се реши со притисок и санкции.Според Пекинг, кризата е на „критична точка“.
Дел од експертите сметаат дека Северна Кореја со ракетните тестови сака да ги принуди САД да се вратат на преговарачка маса. Пјонгјанг е уверен дека ќе се отвори патот за дијалог доколку се демонстрираат сопствените способности, оценува професор Масао Оконоги од јапонскиот универзитет Кеио. „Меѓутоа, остатокот на светот не ја разбира оваа логика и тоа не ја олеснува целата работа“, вели професорот.
Конфликтот околу Северна Кореја предизвика нервоза на азиските и европските берзи. Се бараат сигурни влогови, како злато или швајцарски франци, а се продаваат акции.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.