1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криза со гасот - Германија пред тешки предизвици

Јенс Турау
Јенс Турау
22 јуни 2022

Слабо загреани станови, туширање секои три дена? Германија наесен и в зима може да го доживее она што потсетува на одамна заборавени времиња. Тоа се должи на руската војна, но и на сопствени грешки, смета Јенс Турау.

Фотографија: Nord Stream AG/Russian Look/ZUMA Wire/picture alliance

Откажување од атомската енергија по Фукушима 2011. година, откажување од јагленот до 2030. година условено со заштита на климата. Масивно користење на обновливи енергии – Германија со сегашната влада (а имаше и со претходната) има амбициозни планови за реорганизација на енергетското снабдување. Речиси срамежливо притоа постојано беше истакнувана улогата на гасот како „премостувачка технологија“. Со други зборови: во Германија уште е потребен гас, за затоплување, во индустријата, за производство на струја. Но, не уште долго, така беше барем планот. Ова меѓутоа припаѓа на друго, минато време. Време во кое слепо се веруваше во Русија како најважен испорачувач на гас.

Бавно преориентирање на енергија од ветар и сонце

Дури сега е вистински јасно дека важен дел од индустрјата, како производството на стакло, е зависен од големи количини на гас. Претпријатијата  и самите често велат дека се залагаат за „зелен" водород како енергетски столб во иднина, но многу од овие изјави се само фантазирања. Водородот е „зелен“ имено само ако се произведува од енергија од ветар или сончева енергија. Значи, сѐ зависи од брза и интензивна изградба на обновливи енергии. Во енергетската транзиција многу нешта отидоа наопаку, но вакви константации не помагаат во сегашната ситуација.

Струјата од јаглен ќе го замени гасот чекор во правилна насока

Иако редуцирањето на испораката на гас со проѕирни изговори е дел од агресивната логика на рускиот претседател Путин, и новата германска влада долго не сакаше да се соочи со она што е сега факт: се заканува  вонредна состојба со гасот.  Министерот за економија и заштита на климата, Роберт Хабек одамна отфри бројни принципи, на пример во Катар преговараше за испорака на течен гас.

Планот на владата сега е  да ги реактивира термоелектраните на  јаглен заради испорачување дополнителна струја, со цел заштедите од гас да се чуваат за в зима. Тоа веќе звучи како вонредна состојба и е токму тоа. А заштитата на климата е турната во заднина, но во моментов овој чекор сепак е правилен.

Јенс Турау, автор на коментарот

Назадна дебата

Истовремено во владата, посебно меѓу Зелените и Либералите, се разгорува жестока дебата околу трите преостанати атомски централи во Германија, од кои се добиваат само уште околу пет проценти од струјата и всушност до крајот на годинава би требало да бидат дефинитивно икслучени од погон. Технички, нивната натамошна работа е можна, но поврзана со значителни трошоци. За трите нуклеарки би биле потребни и дополнителни ураниумски прачки, кои не се некаде толку брзо на располагање. Дури и самите електропретријатија, во чија сопственост се нуклеарните централи, одмавнуваат со рака и сметаат дека се води контрапродуктивна дебата. Но, правилно е сите опции за преодно време да се чуваат на маса. 

Снабдување со нафта и гас: Кои земји би можеле да ја заменат Русија?

02:18

This browser does not support the video element.

Подготовка на луѓето на тешки времиња

Ситуацијата е премногу сериозна за водење партиски пресметки. Сега би било правилно на луѓето јасно да им се каже што ги чека, да се повикаат на штедење на енергија, да се подготват за претстојни тешки времиња. Делумно тоа и се случува, но не би било лошо канцеларот со јасни зборови да му се обрати на населението. А на среден и долг рок, постои само еден пат, сега сериозно да се започне со изградба на обвовливите енергии. Германија речиси нема сопствени извори на фосилни горива, а долготрајна работа на термоелектраните би ги сотрела сите напори за заштита на климата.

Сега наеднаш се акумулираа бројни проблеми. Прво пандемијата, потоа војната, инфлацијата и ужасните растечки цени на енергијата, па заканувачката вонредна состојба со гасот. Меѓутоа,  Германија  како технолошки високоразвиена земја е во подобра положба во споредба со многу земји во светот на кои им се заканува криза со глад. Сега конечно мора да се спроведе енергетска транзиција, постои само еден пат за  постигнување независност.  Од фосилните горива, од климатските оптоварувања, од Русија. Кој, ако не Германија би можел да успее во тоа?

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми