1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското стопанство - стабилно и во 2016!

Жанг Данхонг / З. Јордановски31 декември 2015

Што го очекува германското стопанство во 2016? Во кои бранши изгледите се подобри, а во кои полоши? Што предизвикува најголема загриженост? Одговорите ги дава анкетата на Институтот на германското стопанство од Келн.

Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Институтот на германското стопанство (ИВ) од Келн кон крајот на годината веќе 4 децении ги прашува германските стопански здруженија како ги оценуваат својата состојба, производство, инвестиции и вработување во годината што претстои. Во анкетата во меѓувреме учествуваат 46 здруженија од разни бранши, кои, како што вели Михаел Хитер, директор на ИВ, го одразуваат целиот спектар на германското стопанство, што овозможува и споредби на годишно ниво. Резултатот од годинашната анкета, спореден со претходните две, дава слика на танкер кој го одржува курсот - „без дополнителна динамика, но и без загуба во динамиката“, вели Хитер за ДВ.

Значи, слика на ограничен оптимизам. Така, 12 здруженија очекуваат подобро расположение во нивната бранша, а 13 оценуваат дека кај нив тоа се влошува. Слична рамнотежа постои и во однос на вработувањето: 12 очекуваат пораст, исто толку сметаат на намалување на бројката на вработените. Подобро е кај инвестициите: 17 бранши гледаат простор за пораст, а само во пет проценуваат дека се намалуваат можностите. Најпроблематично, според Хитер, е кај банките, „оти тие имаат енормни трошоци поради регулаторските обврски, а добивките опаѓаат поради ниските камати“.

Поголемо производство

Позитивно гледање доминира во однос на производството: 29 брани очекуваат во нивните претпријатија тоа да расте, само во седум да опаѓа. Од силната внатрешна побарувачка особено профитираат занаетчиството, трговијата на мало и угостителството. „Луѓето имаат куповна моќ, работните места се сигурни. Инфлацијата е блиску до нула. Во такви услови со задоволство се трошат пари“, вели директорот на ИВ.

Михаел Хитер, директор на Институтот на германското стопанство од КелнФотографија: picture alliance/ZB

Кај извозниците сликата е мешана. Хемиската и електроиндустријата остануваат стабилни, но без големи импулси. Извонреден оптимизам кај автомобилската бранша, и покрај дизелгејт-скандалот на Фолксваген. Хитер вака ја објаснува причината: „Во 2015. за првпат по 10 години има поголем пораст на производството во домашните, отколку во погоните во странство. Тоа покажува дека силната внатрешна побарувачка и пласманот и на домашниот пазар секако се значајни и за извозните бранши“.

Интеграцијата на бегалците чини пари и време

На градежништвото елан му дава бумот на пазарот на недвижности, но тоа страда од недостиг на стручни кадри. Тука бегалците можат итно да помогнат, смета Михаел Хитер. Но, ним прво мора да им биде признаен статус на бегалци, па дури тогаш можат да се влучат на пазарот на работна сила. Потоа мора да се здобијат со познавања на јазикот и да завршат обука. Тоа би можело да потрае 4-5 години. „Интеграцијата едноставно бара многу време и пари“, констатира Хитер.

Германскиот танкер плови без оглед на буритеФотографија: Reuters/D. Boylan

Германското стопанство дава голем придонес со понудата за практична обука и тестирања за способности за вработување, но истовремено во претпријатијата се појави несигурност поради несогледливоста на бегалската криза, оценува економистот од Келн. Но, најмногу грижи на претпријатијата им задаваат земјите во подем, кои во последните две децении со својата динамика ја овозможија експанзијата на германското стопанство. Се отвораат повеќе прашања, првенствено во случајот со Кина: „Како ќе успее преуредувањето на развојниот модел на едно толку големо стопанство? Индија и натаму има значителни проблеми. Русија запаѓа под двоен притисок - од ниските цени на нафтата и од санкциите“. Хитер напоменува дека и на Бразил и Турција им претстојат тешки времиња.

Новите грижи - поради иднината на земјите во подем, интергацијата на бегалците и најновите терористички акти - ги заменија старите поради Грција и Украина. Поинаку кажано: германското стопанство останува и натаму робустно, само се сменија жариштата на криза надвор од земјата. Или, со зборовите на Михаел Хитер, директор на Институтот на германското стопанство од Келн: „Овој танкер плови, како и да е. Тој е многу робустен, има своја линија по која плови и базична брзина на пловидбата. Што и да се случува на океаните, навистина се прима со загриженост, но може да се излезе на крај со тоа“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми