1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот канцелар Шолц во потрага по својата улога

Сабине Кинкарц
9 февруари 2022

Вашингтон, Берлин, Киев, Москва - германскиот канцелар тргнува во дипломатска офанзива. Тоа не е едноставно. Шолц е нов на функцијата, а во неговата СПД има многу „разбирачи на Русија“ кои му седат на вратот.

Berlin Weimar Triangle Duda Scholz und Macron
Фотографија: HANNIBAL HANSCHKE/REUTERS

Трезвено, прагматично и што е можно потивко - така Олаф Шолц води политика. Можеби малку претивко во последните неколку недели. На домашен план, канцеларот изгуби многу во анкетите, на меѓународно ниво мораше да го трпи обвинувањето дека потонал  и не зазел јасен став во украинската криза.

Критики има пред сѐ поради германското одбивање на испорака на оружје за Украина. Уште во мандатот на канцеларката Ангела Меркел овој став наиде на мало меѓународно одобрување. На крајот на краиштата, германските оружари со години прават добар бизнис со Египет, Израел или Курдите. Која е разликата?

Со чудење беше забележано и како сојузната влада долго време се обидуваше да го држи гасоводот Северен тек 2, кој сè уште не е пуштен во употреба, подалеку од списокот на можни санкции. Гасоводот што минува низ Балтичкото Море од Русија до Германија е „проект од приватниот сектор“, а процесот на одобрување е „целосно неполитички“, рече Олаф Шолц во декември.

Изнервираниот канцелар

Прашањето дали Германија е сè уште доверлив сојузник доаѓа првенствено од САД . Тоа е „нонсенс“, изјави Шолц за американскиот информативен канал Си-Ен-Ен во понеделникот (7.02) во Вашингтон, по неговиот разговор со американскиот претседател Џо Бајден, звучејќи притоа невообичаено грубо. Канцеларот е видно изнервиран што перцепцијата на јавноста толку многу се разликува од тоа како тој и неговите советници ја гледаат и планираат ситуацијата.

Од Канцлерамтот се вели дека со недели напорно се работи зад сцената за да се најде мирно решение за украинската криза. Освен тоа, постои постојана координација со европските и трансатлантските партнери за чекорите што треба да се преземат во случај на натамошна ескалација. „Направивме интензивни подготовки за да можеме конкретно да донесеме неопходни санкции во случај на воена агресија против Украина“, рече канцеларот во Вашингтон.

Олаф Шолц се обиде да направи сѐ за да го увери Џо Бајден дека Германија е доверлив сојузникФотографија: Anna Moneymaker/Getty Images

Владимир, мора да разговараме!

Дали недостига видливост? Дали има грешки во комуникацијата? „Оваа сојузна влада има пех поради тоа што ја презеде функцијата токму кога оваа криза политички експлодираше и прерасна во трансатлантска, евроатлантска  голема криза“, вели Волфганг Ишингер, шеф на Минхенската безбедносна конференција.

До пред само неколку дена, Ишингер исто така ја критикуваше новата влада поради нејзината политика околу Украина. Сега ја зема во заштита. „Треба да се почитува и фактот што канцеларот Шолц, кој никогаш претходно немал лична средба како канцелар со Владимир Путин или Џо Бајден, сега не крева телефон како Емануел Макрон и не вели - Владимир, сега мора да разговараме за ова или она“.

Недела на дипломатијата

Францускиот претседател во понеделникот (7.02) помина пет часа преговарајќи со рускиот претседател во Москва, потоа отпатува за Киев да се види со украинскиот претседател Владимир Зеленски, а потоа замина за Берлин. Во вторникот вечерта тој во Канцеларијата размени мислења со Олаф Шолц и со полскиот претседател Анджеј Дуда. Името на форматот за дискусија меѓу трите земји е Вајмарски триаголник, тој постои 30 години и канцеларот го свика во Берлин за време на украинската криза.

Тоа не е ништо помалку од дипломатска офанзива што Олаф Шолц сака да ја искористи за да излезе од дефанзива. По неговиот лет за Вашингтон, за 14 и 15 февруари се планирани посети на Киев и Москва. Во периодот помеѓу овие посети, гостите во Берлин се менуваат како на лента. По Вајмарскиот триаголник, денеска се очекува посета на данската премиерка, а во четврток доаѓаат шефовите на владите на Естонија, Литванија и Летонија. По прашањето на распоредување на руските трупи, балтичките држави се во линија со Полска. „Се наоѓаме во најтешката ситуација од 1989 година“, изјави Анджеј Дуда  вчеравечер во Берлин.

Анджеј Дуда, Олаф Шолц и Емануел Макрон во Берлин, 8.02.2022Фотографија: HANNIBAL HANSCHKE/REUTERS

Што ќе се случи со Северен тек 2?

Источните Европејци стануваат сè понервозни поради, како што вели Дуда, „невидено“ распоредување руски трупи. Тие би сакале поостар однос кон Москва и вршење поголем притисок врз неа. „Ни треба единство и солидарност и не смееме да правиме чекор наназад и верувам дека ги имаме потребните алатки.“

Една од алатките, во тоа се уверени и Полјаците, е гасоводот Северен тек. Гасоводот ја поврзува Русија со Германија преку Балтичкото Море. Северен тек 2 е завршен, но сè уште не е во функција. „Ако Русија, на пример, ја премине границата со Украина со тенкови и војници, Северен тек 2 нема веќе да постои“, рече категорично во понеделникот американскиот претседател Бајден. Канцеларот кој стоеше до него, пак, делуваше нервозно. „Северен тек 2“ - Олаф Шолц не сака ни да го изговори ова име.

Гасоводот Северен тек ја поврзува Русија со Германија преку Балтичкото МореФотографија: Nikolai Ryutin/Nord Stream 2

Во СПД има многу „разбирачи на Русија“

Воздржаноста не е случајна. Шолц мора да го земе предвид расположението во својата партија. Во СПД традиционално постои широко распространето разбирање за Русија. Во левото крило на партијата, мировните политичари се за зачувување на традицијата на претходната „политика кон Истокот“ на СПД и со неа поврзаното зближување со Русија. Политичарите на СПД од источногерманските сојузни покраини следат главно економски интереси, кои се потпираат на старите врски од времето на ГДР.

Северен тек 2 завршува во покраината Мекленбург-Предна Померанија. Мануела Швезиг, премиерка на оваа североисточната сојузна покраина која е од редовите на СПД, со години прави сѐ за да ја обезбеди изградбата на гасоводот и притоа се движи во иста насока со нејзиниот сопартиец и поранешен канцелар Герхард Шредер, кој е личен пријател на Владимир Путин.

Премиерката на покраината Мекленбург-Предна Померанија, Мануела Швезиг, на т.н. Руски ден во Росток, 2.06.2021Фотографија: BildFunkMV/imago images

Шредер се префрли на бизнисот со руски гас веднаш по поразот на изборите во 2005 година. Тој е претседател на Комисијата на акционери на Северен тек АГ и претседател на управниот одбор на Северен тек 2 АГ. Освен тоа, тој е и шеф на надзорниот одбор на руската државна енергетска компанија Роснефт. Шредер неодамна беше номиниран и за надзорниот одбор на руски Газпром.

Родерих Кизеветер (ЦДУ), член на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот, претпоставува дека зад номинацијата на Шредер стои калкулација на Кремљ. Тоа, според него, треба да се гледа како „шаховски потег на Русија со кој треба да се предизвика поделба во ставот на германската влада за запирање на Северен тек 2 како потенцијална санкција и на тој начин да се дискредитира Германија како целина“.

- повеќе: Програмиран конфликт - Бербок, Шолц и надворешната политика на Германија

„Јас сум канцелар!“

Канцеларот Олаф Шолц жестоко се спротивставува на ваквите наводи. Во Вашингтон, тој за Си-Ен-Ен изјави: „Тој не зборува во име на владата. Тој не работи за владата. Тој не е влада. Јас сум сега канцелар и политичките стратегии на Германија се она што го слушате од мене“.

Меѓутоа, кога станува збор за санкциите, овие стратегии остануваат нејасни. Канцеларот не сака категорично да каже дали Германија во итен случај ќе се откаже од Северен тек 2 или не. Тој ова го образлага со тоа дека Германија не сака да ја наруши својата улога на посредник и, како што вели Шолц, не се сака да се стави „сè на маса“, бидејќи „е неопходно и Русија да сфати дека може да се случи многу повеќе од она што таа можеби го претпоставува“.

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми