Кризна седница на ЕУ за скандалот со затруени јајца
ЕМФ /агенции
11 август 2017
ЕУ ќе свика кризна седница за скандалот со јајцата контаминирани со Фипронил. Во меѓувреме, скандалот зафати 12 земји и се прошири и на Источна Европа.
Реклама
Кризната седница ќе се одржи штом на маса ќе ги имаме сите факти, изјави изутринава еврокомесарот за здравство Витјанис Андриукаитис.
Скандалот со затруените јајца се шири сѐ повеќе. Покрај Белгија, Холандија и Германија, 20 тони јајца со Фипронил се доставени во Данска. Јајцата биле произведени во Холандија, а во Данска стигнале преку белгиски трговец. Концентрацијата на Фипронил во јајцата не е опасна за здравјето, но е сепак превисока за продажба на јајцата.
Велика Британија проценува дека во земјата се увезени околу 700.000 контаминирани јајца. Тоа е 33 пати повеќе од она што првично се претпоставуваше. Романија вчеравечер соопшти дека властите заплениле еден тон течни жолчки затруени со Фипронил, увезени од Германија. Во Австрија две претпријатија кои се занимаваат со трговија на големо продале стотици килограми контаминирани јајца. Во тек е акција на повлекување на јајцата од продажба. Во Франција, според наводи на Министерството за земјоделство, досега се погодени само јајца наменети за натамошна преработка. Пет претпријатија добиле 1,7 милиони контаминирани јајца од Холандија и Белгија.
Од скандалот се погодени и Луксембург, Шведска и Швајцарија, додека Шпанија, Португалија и Италија, според досегашните сознанија, немаат затруени јајца. Холандската полиција вчера уапси две лица поврзани со скандалот. Станува збор за двајца менаџери на претпријатието ЧикФренд, кои се обвинети дека свесно употребувале Фипронил за чистење на кокошарниците. ЧикФренд веќе два дена молчи за обвинувањата.
Во Германија потрошувачите веќе може да сметаат со јајца во продавниците кои се подобро тестирани. Трговскиот ланец Алди повторно продава јајца. Минатата недела Алди ги повлече јајцата од продажба како мерка на претпазливост. Во земјата се стигнати 10,7 милиони затруени јајца од Холандија, соопшти Министерството за земјоделство.
Инсектицидот Фипронил се употребува против кожни паразити како болви или крлежи. Употреба на инцкетицидот кај животни кои даваат храна е забрането во ЕУ. Во високи концентрации инсектицидот може да биде опасен по здравјето на луѓето.
Поглед во јајцето
Дали како омлет, на око или варено - главната сезона на јајцето не се само велигденските денови. Јајцето за појадок има кафеава или бела лушпа и најпрво е снесено во некое гнездо. Но, што се случува со него во меѓувреме?
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gerten
Традиционалното велигденско јајце
Бојосувањето јајца потекнува од 13-от век. На почетокот свештениците биле тие кои правеле тврдо варени јајца, бојадисани во црвена боја и нив ги делеле на членовите на нивната парохија. Тие се симбол на воскресението на Исус. Подоцна и луѓето самите започнале да вапсаат шарени јајца и меѓусебно да си ги делат.
Фотографија: cc-by:Daniel Rüd-nc
Првокласно јајце за појадок
Најголем дел од луѓето сакаат белката во вареното јајце да биде цврсто сварена, а жолчката потечна. Трикот за варење вакво јајце е во додавањето едно лажиче сол во врелата вода. Доколку јајцето пукне, на тој начин белката која протекува бргу ќе се згусти. Но, во секој случај најважно е времето на готвење - за да се сварат мали јајца се потребни пет минути, а за големите шест минути.
Фотографија: cc-by:Larry Page
Бело или кафеаво?
Многумина мислат дека бојата на јајцата, односно на нивната лушпа, е поврзана со бојата на пердувите на кокошката. Ова и не е сосема погрешно. Но, многу позначајна притоа е бојата на ушната школка. Кокошките со бели ушни школки снесуваат бели јајца, а оние со црвени ушни школки снесуваат јајца со кафена боја на лушпата.
Фотографија: cc-by:Madelinetosh-nc-nd
Зошто јајцето е овално?
На масата за појадок малите садови за јајца ги спречуваат да се истркалаат. Иако некоја аголна форма би била попрактична, сепак има добра причина зошто лушпата на јајцето е заоблена. Таквата форма е посебно значајна за квачењето на јајцата, бидејќи со паметна распределба на тежината јајцето може да ја издржи квачката, па дури е во состојба да издржи и уште некој килограм.
Фотографија: cc-by:Chris Campbell-nc
Од течно до цврсто
Белката во јајцето е составена од речиси 90 проценти вода и до 10 проценти протеини - познати и како белковини. Последниве се создадени од аминокиселини, кои формираат долги ланци. Ако јајцето се загрева, тие ја губат својата меѓусебна поврзаност и молекулите и атомите летаат во хаотичен метеж. Тие си бараат нови партнери. Преку оваа мрежа, на околу 85 Целзиусови степени, белката се згустува.
Фотографија: cc-by:mac.black-nc-nd
Жолчката во јајцето
Жолчката е составена од вода, маснотии, холестерин, минерални материи, витамини и протеини. Оваа мешавина делува како емулгатор и овозможува течностите, кои вообичаено не се мешаат, да се измешаат меѓусебно. Пример за тоа е производството на мајонез, на сосот „Холандез“ или, пак, на сладоледот. Жолчката служи како сврзливо средство дури и при цртањето со маслени бои.
Фотографија: cc-by:pj_vanf/Daniel Novta
Приказните за холестеринот
Јајцето важи за холестеринска бомба. Дали е точно? Холестеринот е важна материја која организмот ја произведува во големи количества. Ако таа се внесува во телото, тогаш тоа го намалува нејзиното производство и вредностите во крвта остануваат константни. Така јајцата придонесуваат за врамнотежена исхрана, бидејќи содржат значајни хранливи материи и помагаат при производство на протеини во телото.
Фотографија: cc-by:malias-nc
Од јајце до кокошка
Кокошката снесува јајце речиси секој ден. Во рамки на 24 часа во телото на кокошката од мала јајце-клетка се развива јајце тешко до 73 грама. Еден ден откако е снесено јајцето почнува да чука срцето на ембрионот. По 14 дена од квачењето пилето е речиси големо колку и јајцето и по дополнителни шест дена од јајцето излегува мало, жолто пиле.
Фотографија: Fotolia/Ramona Heim
Не излегува пиле од секое јајце
Но, пилиња не се кријат во јајцата за појадок или, пак, оние за Велигден. Пилиња се испилуваат само од јајцата кои претходно се оплодени од петел.