Кризна средба во германската влада за цените на храната
3 февруари 2020
Месото во Германија станува сѐ поевтино. Од тоа профитира муштеријата кој води сметка за цените, но селаните и активистите за заштита на животната средина реагираат бурно. Владата свика кризна средба.
Реклама
„Кога селаните преговараат со трговците, тоа е борба како Давид против Голијат“, се жали сојузната министерка за земјоделство Јулија Клекнер од ЦДУ. Таа во изминатите месеци се соочи со неколку демонстрации на селаните насочени против нова регулатива за заштита на средината, но и против понудата на евтино месо и други прехранбени производи.
Клекнер сега сака да застане зад селаните кои се чувствуваат ставени под притисок од страна на четирите големи ланци на супермаркети - Алди, Реве, Лидл и Едека, кои имаат постојани дампинг цени. Проблемот не е нов и беше ударна тема и кога стануваше збор за ценовната политика за млечни производи. Сточарите се жалеа дека производните трошоци за млекото едвај се покриваат со приходите од самата продажба. Затоа Клекнер планира да преземе една европска регулатива во националното законодавство, со која во иднина треба да се отежнат „нефер трговски мерки" и дампинг цени, на што пак се противат трговците.
На кризната средба денеска во седиштето на канцеларката збор добиваат двете страни - трговците и прехранбената индустрија. Канцеларката Меркел со двете страни разговара за „фер цени“, а на средбата учествуваат и Клекнер и министерот за економија Петер Алтмајер. Разговорот се води околу прашањето како „на пазарот за прехранбени производи кои имаат добар квалитет и висок стандард да се постигнат и соодветни цени“, изјави портпаролот на Меркел, Штефен Зајберт.
Каде е поевтино: во Македонија или во Германија?
Нашиот заклучок: без оглед на огромната разлика во животниот стандард и просечната плата, цените во Германија во најголем дел се поевтини. Во Македонија осетно поевтини се само солта, кафето, овошјето и зеленчукот.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Леб
Во просек, векна бел леб од 750 грама во Германија чини 0,85 евра (51 денар), а француски багет од 250 грама чини 0,60 центи (36 денари). Векна бел леб од 250 грама во Македонија чини 27 денари, а некаде достигнува и 39 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Масло за јадење
Еден литар од најевтиното сончогледово масло за готвење во Германија чини околу 1 евро (60 денари). Во Македонија еден литар од најевтиното масло чини 65 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Млеко
Еден литар кравјо трајно млеко со масленост од 3,2 проценти во Македонија може да се најде за најниски 38 денари, а просечната цена се движи околу 45 денари за литар. Во Германија, најевтиното млеко започнува од околу 0,55 центи (33 денари), а поскапото „Алпско“ млеко е околу 1 евро.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Кашкавал
Кашкавалот од типот Гауда и Едамер во Македонија чини од 350 до 370 денари за килограм. Во Германија, холандската Гауда ќе ве чини околу 5 евра за килограм (300 денари), а Ементалер околу 5,4 евра (330 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Сол и шеќер
Сол во Германија чини околу 1,38 евра за килограм (85 денари), во Македонија 28 денари.
Килограм шеќер во Германија чини околу 0,69 центи (42 денари), а во Македонија најевтиниот кој го најдовме во супермаркет беше 38 денари за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Ориз и брашно
Домашен ориз од втора класа во Македонија за 900 грама чини 46 денари. Во Германија, ориз од прва класа чини од 0,80 центи (48 денари) за килограм.Најевтиното брашно од Тип 400 во Македонија може да се најде за околу 24 денари за килограм. Истото во Германија чини од 0,30 центи (18 денари) за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Јајца
Мала табла со шест јајца во Македонија чини околу 50 денари, а во Германија околу 1 евро (60 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Зеленчук
Доматите во Македонија чинат меѓу 80 и 120 денари за килограм, а во Германија - 2,50 евра (150 денари). Краставиците чинат 192 денари за килограм во Македонија, а во Германија 0,70 евра (42 денари) е едно парче кое вообичаено тежи меѓу 250 и 300 грама.
Килограм пиперки во Германија ќе ве чини околу 2,50 евра (150 денари), а во Македонија 125 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Овошје
Јаболката во Македонија се продаваат од 23 денари за килограм, па нагоре. Во Германија најевтините домашни јаболка не можете да ги најдете за помалку од 1 евро за килограм, а увозните достигнуваат и до 3 евра. Мандарини во Македонија чинат околу 45 денари за килограм, а во Германија 1,33 евра (80 денари) за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Пиво и алкохол
Просечната цена на пивото е нешто пониска во Македонија и тоа само за домашните марки. „Хајнекен“ од 0,33 литри во Македонија чини 55 денари. Во Германија нешто под 1 евро, доколку купите „сикспек“. Поеетиното виски од 0,75 литри како „Џони Вокер“, „Балантајн“ или „Џејмисон“ во Македонија чини околу 1.000 денари. Во Германија истото има просечна цена од 10 евра (600 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Вино
Цените на виното во Македонија се релативно високи во споредба со она што се нуди на европските пазари. Најевтиното сортно македонско вино започнува од 170 денари за шише, а поквалитетното се нуди во просек за 500 денари. За споредба, македонско вино флаширано во Германија во овдешните супермаркети чини 1,6 евра (100 денари). Врвните сорти во Германија можат да се купат за просечни 6-7 евра.
Фотографија: DW/B. Georgievski
Шампони за коса и гел за туширање
Разликите се големи и во цените на шампоните за коса меѓу двете земји иако се работи за истиот маркет. Шампон „Пантен Про-В“ од 200 милилитри во Македонија чини 208 денари, а во Германија 1,45 евра или околу 90 денари. Гел за туширање од 250 мл на „Балеа“ во Македонија во просек чини околу 120 денари, а во Германија поголемо количество од 300 мл чини 0,55 евра или малку над 30 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Течен сапун и детергент
Течен сапун „Балеа“ во моментов се нуди на попуст во Македонија за 79 денари, а редовната цена му е 105 денари. Во Германија редовно се продава за 55 центи или за нешто повеќе од 30 денари, а на попуст и поевтино. Детергент „Персил“ за 20 перења во македонскиот ДМ чини 365 денари. Во германскиот ДМ истиот детергент по редовна цена се продава за 5,15 евра или околу 320 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
13 фотографии1 | 13
Но, токму тоа е и проблемот, оти пазарната моќ и позиција на четирите големи ланци на супермаркети е огромна со оглед на тоа дека покриваат 85 проценти од пазарот. 70 проценти од нивната понуда на месо е етикетирана како специјална понуда и тоа уште повеќе го зголемува притисокот. Германците сакаат да јадат евтино месо. Најголемите месарски концерни во земјата во 2018 имале обрт од околу 27 милијарди евра. Последица на тоа е што работниците во претпријатијата за одгледување животни и во кланиците се лошо платени, животните се чуваат во огромни штали на најтесен можен простор и за кратко време се ‘пумпаат’ до фаза за колење.
Германците плаќаат сѐ помалку за прехранбени производи
Тоа што Германците толку сакаат да јадат месо има и историски причини. Имено, по поствоените години на сиромаштија, симбол за растечката благосостојба било во недела да се јаде убаво печено месо. Апетитот за месо изгледа и покрај сите вегетаријански трендови се одржува веќе 70 години: статистиката покажува дека во првите шест месеци од минатата година во Германија биле заклани речиси 30 милиони свињи, телиња, овци и кози, што е е најмногу во светски рамки.
А, потрошувачите одамна се навикнати на ниските цени во маркетите. Во просек Германците трошат помалку пари на храна отколку во други земји, а и онака нискиот удел на трошоците за храна во изминатите години е уште повеќе намален.
Био-месар: 15 евра за коковче за супа
Секако дека има и производители кои имаат различен пристап. „Навистина постојат и добри месари", е слоганот на Јерг Ерхингер на неговата интернет страница, на која ја рекламира малата месарница во елитниот берлински кварт Пренцлауер Берг. Неговите производи се без вештачки додатоци или засилувачи на вкусот, а соработува со сточари од регионот кои ги одгледуваат животните на природен начин, во што тој и самиот се уверува посетувајќи ги. Сето тоа има своја цена, како на пример кокошките за супа кои моментално ги има во понуда: „Пилето чини меѓу 15 и 16 евра килограм, во евтините маркети ќе го најдете за 2,99 евра."
Со други зборови, кај Ерхингер доаѓа една специфична група клиенти кои – за разлика од мнозинството Германци – вреднуваат високо квалитетна храна, но и се добростоечки и имаат доволно пари за да платат. „Гледаме дека клиентите однапред знаат што и колку купуваат од кај нас“, вели Ерхингер. „Нашите клиенти се посвесни за месото и храната. Имаме многу клиенти кои јадат месо само еднаш неделно. Не мора секој ден на софрата да има стек, шницла или нешто слично."
Ерхингер се смета за класичен занаетчија и како таков не се чувствува соодветно застапуван од владата. „На политиката мора да ѝ даваме насоки за да може политичарите да ги застапуваат нашите интереси на национално и европско ниво. Лобито на месната индустрија е толку големо, што за жал повеќе се спроведуваат нивните интереси, а не нашите.”
Висококвалитетно месо на софрата само за Божик
И Клаус Герлах, првиот човек на месарскиот еснаф во Берлин, слично гледа на работите. Тој во разговор за ДВ посочи повеќе причини зошто малите месарници, кои работат со регионални добавувачи, покриваат само еден мал сегмент. Само околу празниците, како што е Божик, луѓето се подготвени да дадат повеќе пари за добро месо, вели тој. Во многу домаќинства, во кои и двајцата партнери работат, сепак сѐ помалку се готви.
И тој исто така се жали на сѐ поагресивната ценовна политика на големите маркети, чиј притисок врз сточарите е толку голем што помалите фарми често не можат да го издржат. Исто така, помалите месарници за разлика од големите маркети, во големите градови не можат да понудат бесплатни паркинг места – ова ја отежнува логистиката и третманот на клиентите. Токму затоа и во неговото здружение во Берлин сега има само 20 компании, додека пред неколку години биле 100.
Сега се јавуваат барања да се зголеми ДДВ на месните производи во Германија од седум на 19 проценти. Зголемениот приход – кој според проценките на експертите би бил околу 3,5 милијарди евра – може да се искористи за подобрување на условите за одгледување на животните. Организацијата за заштита на животната средина Гринпис предлага и воведување на таканаречен „данок за благосостојба на животни“, од кој би биле ослободени еко-фармите кои се занимаваат со органско производство и сточарски фарми кои се грижат за животните кои ги одгледуваат.
Многу теми има на дневен ред на средбата кај канцеларката. За да се намалат очекувањата, од таму се вели дека денешната средба е само првичен разговор. Маркетите пак соопштија дека креирањето на цените си е нивна работа.
11 корисни совети за германските супермаркети
Каде се наоѓаат јајцата? Зошто количките се врзани една со друга? При првата посета на германски супермаркет некои работи може да изгледаат чудно. Еве што треба да се знае.
Фотографија: DW/E. Grenier
Треба да се знае што се бара
Продавниците за прехранбени производи во Германија се категоризирани, а тоа може да збуни многу новодојдени. Некои ланци се супермаркети, други се викаат дисконти. Покрај тоа има и био-маркети, кои продаваат само био-производи. За рецепти од Блискиот Исток се препорачува купување во турски и арапски маркети, за азиската кујна пак - азиските маркети. Па и не е така тешко ако човек знае што бара.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Anspach
Разновидност или добра цена
Типичните супермаркети имаат широка палета на производи, а дисконтите имаат помалку марки и производи, што некогаш може да фрустрира. Сепак, политиката на ниски цени во дисконтите се покажа како успешен модел, па така Алди и Лидл имаат филијали во цел свет.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Murat
Без ситни пари нема количка за пазарење
Многу доселеници се чудат што количките се врзуваат една со друга. Мора да се уфрлат 50 центи или 1 евро за да се ослободи количка за користење, што секако не е пара која некого би го предомислила од кражба на количката. Но, заштита од кражба и не е целта на капарот за количка. Тој треба да ги мотивира купувачите по користењето уредно да ја вратат количката на свое место.
Фотографија: DW/E. Grenier
Одушеви ја татковината со ниски цени
Пудинг во дисконт предизвика дипломатска вознемиреност откако Израелец на сега веќе избришаната Фејсбук-страница Олим Л-Берлин или во превод „Да се преселиме во Берлин” ја постираше сметката од маркетот како доказ за неверојатно ниските цени во германскиот главен град. Израелски политичари беа бесни што „Израелците би ја напуштиле земјата за еден пудинг”.
Фотографија: DW/E. Grenier
Јајцата не се во фрижидер
Секој Северноамериканец во потрага по јајца би се упатил кон фрижидерите. Во Германија јајцата се на обична полица. Зошто? За да се спречи ширење на салмонели во САД јајцата се дезинфицираат пред продажбата и процесот го уништува надворешниот заштитен слој, поради што јајцата мора да се чуваат на ладно. Во ЕУ јајцата не се третираат - наместо тоа се вакцинираат кокошките.
Фотографија: picture-alliance/Eibner-Pressefoto
За неделите да се планира однапред
Наполнете си го фрижидерот однапред, оти во недела продавниците не работат. Продажното време е законски регулирано и работниците имаат загарантиран еден ден одмор во неделата. Алтернатива се киосци и бензински пумпи, кои работат и во недела и имаат само најосновни работи. Има и исклучоци: во недели кои се регулирани да бидат работни, особено пред Божик, може да работат сите продавници.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst
Продолжените викенди се како апокалипса
Празници како Велигден и Божик германските семејства ги слават со празнични ручеци и вечери. Купувањето пред таквите празници е налик на апокалипса пред атомски напад. Ако на таков ден ви треба само чоколадо или леб, одете во пекарницата, во киоск или заборавете сосема на производот. Ова е добронамерен совет.
Фотографија: picture-alliance/imageBROKER
Нова каса прави хаос
Кога во супермаркет заради гужва се отвора нова каса прочуениот германски ред и поредок исчезнува. Предност нема оној што најдолго чека во редот, туку почнува трка за тоа кој прв ќе застане и притоа се користат лакти, колички и други средства. Кога се работи за тоа да се заштедат неколку минути, Германците не знаат за стоп.
Фотографија: DW/E. Grenier
Значењето на разделниците на лента во маркет
Искрено, имате ли идеја како се викаат оние долги нешта за одделување на производите на еден од тие на друг купувач на лентата на каса? Ако во Германија ставите неколку производи на лента и мислите дека уште има време да ја ставите разделницата пред да дојдете на ред, заборавете – веќе ви се гарантирани лути погледи и можно е веќе друг да ја завршил работата за вас. Приоритет си е приоритет.
Фотографија: DW/E. Grenier
Луѓето на каса се ефективни и кога седат
Северноамериканците се навикнати луѓето на каса да работат во стоење, додека пак доселениците во Германија наидуваат на малку поинаква слика – на каса се седи, но тоа не ги прави работниците ништо помалку ефективни.
Фотографија: picture alliance/dpa/O. Berg
Пакувај брзо!
За доселениците е стрес тоа што мора брзо да се пакува и има само малку простор за производите. Се сеќавате на разделниците од пред малку? Е, па тие веќе не играат никаква улога, бидејќи касиерот едноставно ги става работите од следниот клиент кај вашите. Ако не сте доволно брзи во пакувањето, сами сте си виновни.