1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризна средба на Трамп и Ердоган во Вашингтон

Даниел Белут
13 ноември 2019

Американскиот претседател Трамп го пречекува турскиот колега Ердоган во Белата куќа. Им претстојат тешки разговори, зашто односите меѓу двете земји ретко кога биле толку затегнати. Кои се најспорните теми на дневен ред?

Trump und Erdogan
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Zenkovich

Пред заминувањето за Вашингтон, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на прес-конференција потврди дека турско-американските односи поминуваат низ исклучително тешки времиња. За состојбата на односите сведочи и фактот што малку фалеше за да не дојде до средба меѓу Ердоган и Трамп, откако американскиот Претставнички дом извршениот масакр врз Ерменците пред 100 години во Отоманското царство го оквалификува за геноцид.

Но, на релација Анкара - Вашингтон спиралата тензии расте уште од август 2018 година, почнувајќи со одлуката на турски суд да го одбие барањето за ослободување од затвор на американскиот свештеник Ендрју Брансон. Владата на Трамп реагираше со воведување казнени царини за челик и алуминиум, кои осетно ја ослабеа разнишаната турска економија. Во меѓувреме тие се укинати, но од лани наваму се случија работи кои натамошно ги оптоварија односите, а за кои Трамп и Ердоган сега ќе разговараат. 

Руски ракетен систем С-400

Во мај турската влада го стави односот со Вашингтон на проба, решавајќи својот воздушен простор да го обезбеди преку рускиот ракетен одбранбен систем С-400. Вашингтон со недели вршеше притисок врз турската влада во намера да ја одврати од дилот со Русија и да купи американски систем за воздушна одбрана- Патриот. Ни заканите со санкции, ниту ултиматумот не помогнаа, Турција се одлучи за рускиот систем. Тврдоглавиот став на Анкара не остана неказнет: турската авијација во јули е исклучена од воената програма за борбени авиони Ф-35, иако и самата учествуваше во нивното производство. Турција всушност требаше да добие стотици авиони, турски пилоти веќе ја имаа поминато и обуката, па владата планира и натаму да учествува во програмата. А тоа сега не е баш нереално, кај темата уште постои преговарачки маневарски простор: според турски медиуми, ракетниот одбранбен систем С-400 е купен, но не и инсталиран, ќе биде активиран дури во првиот квартал идната година, а дефинитивната одлука за исклучувањето на Турција од програмата Ф-35 ќе падне дури во март.

Безбедносните зони треба да се претворат во „мировен коридор“

Воените операции во северна Сирија натамошно ги влошија односите меѓу двете земји. Трамп повеќепати се закани со економско уништување на Турција во случај Анкара да ги нападне американските сојузници, курдската милиција ИПГ. Турската влада и овојпат остана непоколеблива: турските трупи навлегоа на 9 октомври во Сирија и ја потиснаа ИПГ со цел да создадат сигурносна зона. Но, „уништувањето на турската економија“ беше избегнато со преговарачка умешност: во Анкара Ердоган и американскиот државен секретар Мајк Помпео договорија петдневно примирје во северна Сирија заради создавање безбедносна зона без присуство на Курдите и ИПГ. Санкциите станаа минато.

Мајк Помпео и Ердоган делумно ги испеглаа разликитеФотографија: picture-alliance/dpa/Presidential Press Service

Ситуацијата во Сирија сега ќе биде најжешка тема на средбата Трамп- Ердоган. Посебно безбедносната зона, подоцна испреговарана и со Русија, се чини дека не го задоволува Ердоган, тој тврди дека на САД и на Русија не им успеа целосно истиснување на ИПГ од регионот, дека не ги остварија дадените ветувања и преземените обврски да ги принудат курдските сили да се повлечат од пограничниот простор, обврска која беше услов Анкара да ја запре воената интервенција. Освен тоа, Ердоган планира безбедносната зона да ја трансформира во „мировен коридор“, зона исчистена не само од терористи, туку долгорочно населена со сириски бегалци кои сега престојуваат во Турција.

Повеќе: 

Нов удар за турско–американските односи

Што по повлекувањето на САД од Сирија?

Губитници се повторно Курдите

Како С-400 ќе ѝ помогне на Турција?

Депортација на терористи од ИД

Ќе се дискутира сигурно и за терористите од Исламска држава, заробени во турската воена операција, кои Ердоган сега сака да ги враќа во земјите од каде дошле. За темата е воден телефонски разговор, по што Трамп на Твитер напиша дека Ердоган го информирал за намерата. Некои од засегнатите западни земји не сакаат да ги примат назад терористите од ИД, но Ердоган тоа не го интересира: „Ние и натаму ќе вршиме нивна депортација, сеедно дали некој сака да ги прими или не“, изјави тој вчера.

Испорачување на Ѓулен

Малку изненадува што Ердоган сака да обнови една стара тема - духовниот водач на движењето Ѓулен: „Главата на терористичка организација, кој се наоѓа во Пенсилванија, треба да биде испорачан“, порача Ердоган. Ѓулен се наоѓа во егзил во САД, а неговото движење, од Анкара прогласено за терористичко, во Турција се смета за одговорно за обидот за државен удар од јули 2016 година.

Американските власти меѓутоа постојано укажуваат дека не можат да извршат испорачување без приложени доволно докази.

Средбата во Вашингтон за Ердоган има и големо внатрешнополитичко значење - тој сака да се инсценира кај своите гласачи како моќен актер на светската сцена, на исто рамниште со американскиот претседател.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми