1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криминалните групи на северот се под контрола на Белград

3 август 2011

Косовскиот министер за внатрешни работи, Бајрам Реџепи, во интервју за ДВ вели дека српските претставници можат да влезат во земјата само со одобрение на Приштина. Во спротивно, им се заканува апсење и депортација.

Бајрам РеџепиФотографија: DW/Ajete Beqiraj

Говорејќи за состојбата на северот на Косово, особено на премините Јариње и Брњак, Реџепи вели дека таа е генерално под контрола, иако се` уште постојат барикади на патиштата. Тие барикади ги контролираат криминални групи од северот на Косово, по налог на државните органи во Белград, тврди Реџепи.

ДВ: Во понеделникот дојде до дипломатски инцидент, откако српски претставници влегоа во Косово преку таканаречената зелена граница. Им се заканивте со апсење. Зошто?

Реџепи: За престој на Косово процедурата е јасна. За секој српски претставник, кој сака да дојде, мора да се упати барање до специјалниот пратеник на ЕУ, кој потоа тоа барање и го проследува на косовската влада. Потоа ние одлучуваме дали барањето ќе биде прифатено или одбиено. Бидејќи КФОР сега не дозволува влез без дозвола, тие го користеле патот преку шумата. Таквиот влез е нелегален и претставува охрабрување за другите да постапуваат на ист начин. Секој нелегален влез ќе биде казнуван и тие можат да бидат уапсени и депортирани во Србија во секој момент.

При последната интервенција немавте поддршка од полицијата на ЕУЛЕКС. Како го објаснувате ставот на мисијата на ЕУЛЕКС и каква ќе биде соработката во иднина?

Косовската Влада се консултирала со КФОР за акциите, вели РеџепиФотографија: picture alliance/dpa

Ние не ни баравме поддршка од ЕУЛЕКС. Тоа беше акција на косовската полиција по налог на претседателот на владата. Во текот на акцијата делувавме во консултација со КФОР, за да воспоставиме безбедност и да ги смириме луѓето. Тоа не значи дека КФОР директно учествувал во акцијата, но се координиравме за да не дојде до недоразбирања. Од ЕУЛЕКС не баравме никаква помош, знаејќи дека тие не сакаат да се спроведе владиниот заклучок за реципроцитет во трговијата со Србија. ЕУЛЕКС дозволи камионите со стока од Србија непречено да влегуваат во Косово. Затоа моравме итно да преземеме контрола врз Јариње и Брњак за да биде спроведена владината одлука.

Во Белград велат дека сакаат сите отворени прашања да се решаваат со преговори. Како ја гледате иднината на дијалогот меѓу Белград и Приштина?

Ние сме подготвени за дијалог без никакви ограничувања, но во рамките кои ги поставија ЕУ и САД и за договорените теми. Надвор од тие рамки нема да има никакви разговори. Нема да има разговори за било што, што е во врска со внатрешните прашања на Косово, границите, полицијата или правосудството. Никој нема право, па ни ЕУ, со Србија да разговара за внатрешните прашања на Косово.

Автор: Есат Ахмети/ Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми