Крим: Загрозени фудбалски сништа
23 септември 2014Многу млади момчиња од фудбалскиот клуб „Севастопол“ сонуваат за професионална кариера. Нивниот клуб играше во првата украинска лига. Но, сега нивните сништа станаа понеостварливи.
Откако Русија го анектира Крим тие како клуб всушност треба да припаѓаат кон Русија. Момчињата се чувствуваат несигурно. „Нашата професионална екипа веќе ја нема. Сега се обидуваат да направат нова. Се плашиме, секако. Во опасност исто така е и нашата фудбалска школа“, вели едно од нив дополнувајќи: „Ова овде е мојот живот. Фудбалот ми е се’, нему му го посветив речиси целиот свој живот.“
Никој од нив не ни помислуваше дека еден ден со нив ќе си поигра политиката. Меѓутоа, спорот меѓу Русија и Украина во моментов е честа тема на разговор во соблекувалната, истакнува клубскиот психолог Ана Маслова.
„Секако дека сме сите загрижени, посебно младите фудбалери. Тие се’ уште не се доволно зрели да имаат јасно дефинирани политички и граѓански ставови. Но сега е најважно да не престанат да го сакаат спортот, да останат во добра форма и да го задржат сето она што тука го научија“, вели Маслова.
Засега можат само да тренираат. Новото руско раководство на Крим му забрани на клубот да игра во укринската лига, а украинскиот фудбалски сојуз не им дозволува да преминат во руската лига.
Ова го лути основачот на клубот Евгениј Репенков. Професионалците поради тоа веќе го напуштија Севастопол и играат во други украински клубови. Меѓутоа, подмладокот е целосно во аут. Репенков истакнува: „Сиве овие момчиња на теренот се регистрирани играчи во украинскиот фудбалски сојуз од нивна 10-годишна возраст, а сојузот сега им забранува да играат за Русија. Јас тоа едноставно не можам да го разберам. А ФИФА и УЕФА... За кого работат тие? Па за играчите! Тие би требало да ги застапуваат нивните интереси.“
И покрај тоа клубот има намера следната сезона да ја започне на големиот стадион во Севастопол како нов, руски клуб - дури и ако не добијат благослов од меѓународните фудбалски сојузи.
Русија ова би можела да го протолкува како одобрување на нејзиното незаконско присојување на Севастопол и украинскиот полуостров Крим минатата зима.
Рускиот фудбалски сојуз со задоволство издаде лиценца за новиот клуб, а и за 15 нови руски играчи.
Но, недостасуваат пари. Поранешниот спонзор се повлече оти се противеше на руската анексија, дури и во фудбалот. А и затоа што одтогаш пропадна банкарскиот систем. Претседателот на клубот Александар Красилников, раскажува за проблемите: „Бев повеќепати во Москва и се сретнав со разни фудбалски организации и политичари. Донесено е решение да му се помогне на нашиот клуб оти моментално јас ни како претприемач не можам да земам кредит, а како клуб уште помалку. Овде не работи речиси ниедна банка.“
Но момчињата не сакаат да чекаат да се врати нормалното секојдневие на Крим. Сакаат да играат фудбал и да ја држат политиката надвор од спортот. Евгениј Репенков бара од украинскиот фудбалски сојуз да им даде исписници на играчите за да можат со својот матичен клуб Севастопол повторно да играат, дури и под руско знаме.