По најавата дека СЈО денеска ќе одржи прес-конференција, случајно или не, техничкиот премиер се впушти во остри критики кон оваа институција. Анкетите, пак, и натаму покажуваат огромна доверба на граѓаните во СЈО.
Реклама
Стравот во ВМРО-ДПМНЕ од истрагите на СЈО со кои се засегнати нејзини функционери, се претвори во континуирана партиска критика на оваа институција. На завчерашната средба со еврокомесарот Јоханес Хан, од партиското раководсто го опишале СЈО „како политичка испостава на СДСМ и на некои надворешни центри за уцени, притисоци, замолкнување и закана кон политичари, новинари и медиуми“. Случајно или не, веднаш по вчерашната најава дека СЈО денеска ќе одржи прес-конференција, техничкиот премиер Емил Димитриев посвети голем дел од тв-интервју за да го одржи „ладниот синџир“ за дистрибуција на дискредитации насочени кон ова обвинителство. Тој изјави дека најголемото оспорување на кредибилноста на СЈО, дошло од самата институција.
„Досегашното функционирање на оваа институција донесе големо разочарување кај сите граѓани. Можеби дел од нив на почетокот имале позитивни очекувања и симпатии кон оваа институција, но од СЈО сами си ја срушија својата кредибилност“, рече Димитриев.
Највисока доверба во СЈО
Ваквиот став на Димитриев е во целосна спротивност со резултатите од спроведените истражувања на јавното мислење.
„Институција со најголема доверба е Специјално јавно обвинителство, за кое 63 отсто од анкетираните се изјасниле дека ја поддржуваат неговата работа“, покажа ланската анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон. Дека ни по осум месеци од тоа истражување не е намален рејтингот на СЈО меѓу граѓаните, покажа и годинашнава анкета на агенцијата „М-проспект“ направена по нарачка на ТВ „Телма“ и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). На прашањето - дали е потребно да се продолжи периодот во кој СЈО може да покренува обвиненија, 62,8 отсто се изјасниле со „да“, а против биле 28 отсто. И додека кај етничките Македонци „за“ биле 56,5 отсто, а 36,1 „против“, меѓу анкетираните Албанци позитивен одговор дале дури 82,7 отсто, додека само 10,6 отсто биле против!
Сличен тренд покажа и мартовската интерна анкета на ТВ „21“ во емисијата „Клик Плус“. Од приближно 1.000 учесници кои одговараа на прашањето што е поважно - декларацијата на албанските партии или СЈО, тимот на Катица Јанева доби околу 750 гласови, а декларацијата 150.
Обвинувања за партизираност
И покрај високата доверба на граѓаните во СЈО како независна институција, техничкиот премиер, исто како и неговата матична партија, вчера го претстави ова обвинителство како партизиран приврзок на СДСМ.
„Јас во една прилика нагласив дека СЈО не смее да се претвори во алатка за борба меѓу политичките партии. И не само што се претвори во алатка, туку стана главен егзекутор на опозицијата кон сите структури што не мислат како неа. Ова мора да престане. Ова не можам да го премолчам како претседател на Владата, која помогна за формирање на оваа институција, за која на годишно ниво одвојуваме 4 милиони евра и со таа финансиска конструкција на некој начин создадовме двојни стандарди и повод одредени институции оправдано да реагираат. И мора да реагираме кога ќе ги надмине рамките на професионалноста и на владеењето на правото“, изјави Димитриев.
Додека Димитриев со ваквите ставови остава простор за толкување - дека ако Владата ги одобрува парите, тогаш би било очекувано владини функционери да бидат изземени од постапките на СЈО, од тимот на Јанева во континуитет ги демантираат наводите за нивна поврзаност со СДСМ.
„Ова обвинителство како независна и професионална институција е формирано со Закон, за кој во Собранието на Република Македонија гласаа вкупно 111 пратеници, вклучително и пратениците од партијата ВМРО-ДПМНЕ“, потсетија од СЈО во реакцијата по таквите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму укажуваат на суштинските потреби за непречена работа на СЈО, кое не е во еднаква положба со другите јавни обвинителства од аспект на роковите за постапување. Ова беше нотирано и во третиот шестмесечен извештај кој СЈО го објави пред десетина дена. Со член 22 од Законот за СЈО, на ова обвинителство му е определен рок од 18 месеци за понесување на обвинение по определен предмет по кој постапува, а во тој рок е вклучен периодот за формирање на предмети, отворање и спроведување на предистражна постапка, како и отворање и спроведување на истражна постапка и евентуално поднесување на обвинение.
„Роковите во кои е задолжено да постапува ова Јавно обвинителство се далеку пократки од роковите во кои постапуваат останатите јавни обвинителства, пред сѐ од аспект на роковите пропишани со Законот за кривична постапка“, се потенцира во извештајот на СЈО.
Страв од обвиненија
Но, премиерот Димитриев, кој по професија е социолог, веројатно не ги знае овие законски „дребулии“ кога зборува за разни аспекти на владеење на правото. Врз основа на политичко-партиски мотиви, тој потенцираше дека „не постои ниту една оправдана причина да се продолжи мандатот на СЈО, особено имајќи го предвид неговото досегашно работење“.
„Се покренаа обвиненија против поединци, а интенцијата е да се покрене и против цела една партија, односно против ВМРО-ДПМНЕ. Сега имам информации дека се покренуваат обвиненија и кон партии од албанскиот корпус, што на некој начин ќе влијае во прегрупирањето на силите во парламентот и во формирањето на некоја идна влада. Треба да му се овозможи на СЈО да си го одработи своето во предвидениот рок и понатаму процесите да се вратат во нормална правосудна процедура“, рече техничкиот премиер.
Несогласувањето на ВМРО-ДПМНЕ да се продолжи мандатот на СЈО, како што соопштија од ДУИ, е единствената причина поради која партијата на Ахмети не постигна договор за ново коалицирање со партијата на Груевски.
А, заклучно до објавувањето на третиот Извештај, СЈО соопшти дека била анализирана содржината на 272.950 аудио фајлови, односно во обработка биле 45% од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова обвинителство. Притоа биле изработени 960 транскрипти, каде што врз основа на преслушаните разговори имало индикација дека е сторено кривично дело.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.