Критики за воздржаноста на владата
21 март 2011
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле денеска повторно го бранеше ставот на владата да се воздржи од учество во воздушните напади врз либиските сили, лојални на Моамер ел Гадафи: „Ги одмеривме ризиците“, изјави Вестервеле за време на средбата на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, што се одржува во Брисел. Тој притоа укажа и на тоа дека Арапската лига во меѓувреме исто така со скепса гледа на воздушните и ракетни напади на сојузничките сили во Либија. Вестервеле вчера во слично формулирана изјава уште истакна:
„Многу други земји и во Европската унија не само што ја разбираат нашата позиција, не само што ја респектираат, туку ја споделуваат и токму така и се однесуваат“, рече Вестервеле.
Спротиставени гледишта во владејачката коалиција
Тој денеска за ваквите ставови доби поддршка од раководството на неговата Партија на либералите. Меѓутоа критички гласови за ваквата одлука на германската влада можат се’ погласно да се чујат во другите партии во владејачката коалиција. Некои политичари од редовите на Христијанско-демократската (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), наспроти ставот на раководствата на нивните партии, сметаат дека Германија требала да постапи поинаку, пред се` при гласањето за резолуцијата за Либија во ОН. Фридберт Флигер од ЦДУ оцени дека таквата одлука е тешка грешка, додавајќи дека Германија реторички се залага за заедничка европска надворешна политика, а во конкретниот случај се одлучила за спротивен пат. И европратеникот од редовите на ЦСУ, Манфред Вагнер, истакна дека посакувал Германија да покаже повеќе храброст при давањето поддршка на Западната Алијанса во заложбата за демократија и слобода. Наспроти тоа, лидерот на партијата, Хорст Зехофер, истакна дека одлуката за воздржување од поддршка на резолуцијата за Либија е апсолутно исправна и претходно договорена во владејачката коалиција, а згора на тоа има голема поддршка кај населението.
Опозицијата критикува
И шефот на пратеничката група на партиите на Унијата во Бундестагот, Фолкер Каудер, истакна дека германската одлука во Советот за безбедност е исправна и соодветна на ставот на Германија дека не сака да се вклучува во воени операции.
Повеќето политичари од опозицијата жестоко го критикуваа ваквиот став на владата во Берлин, со објаснување дека Германија можела да гласа во полза на резолуцијата, а истовремено преку амандман јасно да укаже дека нема да учествува со свои сили во воената операција во Либија. Целите на резолуцијата се драгоцени и исправни и не значат автоматско вклучување на Германија во воениот ангажман против Либија, изјави генералниот секретар на Социјалдемократската партија, Андреа Налес.
Автор:СН/ ап/ ртр/ дпа
Редактор: Александра Трајковска