1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Критики за Трамп од сите страни

ЖА
14 октомври 2017

Новата стратегија на американскиот претседател кон Иран наидува на меѓународна критика и незадоволство. ЕУ е меѓу критичарите, а Техеран најави натамошно придржување кон нуклеарниот договор.

USA PK Präsident Trump über Atomabkommen mit Iran
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Германија, Франција и Велика Британија во заедничко соопштение ја критикуваа одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да не го потврди постојниот нуклеарен договор со Иран. „Задржувањето на договорот е во наш заеднички национален безбедносен интерес“, се вели во документот издаден од германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и британската премиерка Тереза Меј. Во него се истакнува дека спогодбата со Иран е плод на 13-годишни дипломатски напори и е едногласно усвоена во Советот за безбедност на ОН. САД би требало многу внимателно да одмерат дали има смисол прекршувањето на овој договор, истакнуваат Меркел, Макрон и Меј.

Опасен сигнал

Во говорот во Белата куќа, кој беше очекуван со напнато внмание, Трамп синоќа прво ја претстави својата стратегија во поглед на Иран. Тој не соопшти директно напуштање на нуклеарниот договор со Иран од страна на САД, но најави дека планира заедно со сојузниците да изврши негова преработка. Иран повеќепати го прекршил нуклеарниот договор и како „светски водечки поддржувач на тероризмот“ поттикнува насилство на Блискиот Исток, смета Трамп. Доколку не бидат елиминирани „многуте тешки недостатоци“ во договорот од 2015 година, Трамп најави дека ќе го откаже во наредна прилика. Истовремено, тој најави нови санкции против Исламската Република, за кои допрва треба да одлучува Конгресот.

Зигмар Габриел гледа опасен потенцијал во намерите на ТрампФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел говорот на Тамп го критикуваше како „компликуван и опасен сигнал“.  Според него, нуклеарниот договор на вето-силите во ОН и Германија со Иран претставува важна основа во напорите и Северна Кореја да се убеди да се откаже од атомско вооружување. „Уништувањето на овој атомски договор за последица ќе има другите во светот да не се впуштаат во слични спогодби, од тој аспект, опасноста ги надминува рамките на односите со Иран“, изјави Габриел.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го обвини американскиот претседател за „агресивна и заканувачка реторика“, која е целосно неприфатлива. Тој истакна дека обидите за решавање на безбедносните проблеми со вакви „методи“, се осудени на пропаст.

Меѓународната агенција за атомска енергија во меѓувреме уверува дека ги има сите можности за детална контрола на иранската атомска програма. Нејзиниот шеф Јукија Амано во Виена потврди дека Иран се придржува кон нуклеарниот договор.

Иранскиот претседател Рохани: Иран нема да се откаже од договоротФотографија: IRNA

„САД, со своите погледи и теориите за заговор против иранскиот народ се осамени како никогаш досега“, изјави иранскиот претседател Хасан Рохани. Говорот на Трамп тој го оцени како „сплет од навреди и обвинувања без основа“, истакнувајќи дека нуклеарниот договор не подлежи на промени, а неговата земја и натаму ќе се придржува кон преземените обврски, сѐ додека е тоа во ирански интерес. Ако тоа некогаш се промени, Техеран нема да се двоуми ни една секунда и соодветно ќе реагира.

Пофалби за Трамп

Од Саудиска Арабија и од Израел пак стигнаа пофалби за Трамп: „американскиот претседател отворено му се спротистави на терористичкиот режим на Иран“, се вели во овие земји. Атомскиот договор, во неговата сегашна форма, ќе води само кон тоа Иран по неколку години да располага со „цел арсенал од атомско оружје, што е огромна опасност за нашата заедничка иднина“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во видео-порака.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми