1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критичар на материјализмот

Тони Гламчевски10 октомври 2008

Жан-Мари Густав ле Клезио, годинашниов Нобеловец за литература е еден од најпознатите претставници на современата франкофонска проза.

Жан - Мари Густав ле КлезиоФотографија: AP

Нобеловата награда за литература за францускиот писател Жан-Мари Густав ле Клезио, кого шведската академија го нарече „истражувач на човештвото надвор од владеачката цивилизација“, е круна за неговата 45 годишна кариера, во која има напишано педесетина романи. Веста за високото признание, по обичај, тој ја прими со филозофски став:

„Среќата, судбината или некои други причини и мотиви дозволија да ја добијам, но можеше да биде и некој друг. Таа е охрабрување. На сите возрасти од животот е добро да се добиваат награди...“

Жирито кое му ја додели наградатаФотографија: AP

Хуманист и бранител на природата

Шеесет и осумгодишниот ле Клезио веќе неколку години се сметаше за потенцијален Нобеловец. Евидентно е дека авторот на „Пустина“ имаше голема поддршка кај академците, чувствителни на неговиот идеализам и на неговите критики на материјалистичката цивилизација. Во Шведска се преведени многу романи на ле Клезио, на крајот на месецов требаше да отпатува во Шведска за да ја добие наградата „Стиг Дигерман“, патување кое ќе го одложи до 10 декември, кога ќе ја прими Нобеловата награда.

Главните јунаци во делата на Ле Клезио се осаменици, кои се трудат да најдат начин како да фатат чекор со модрениот начин на живот и технологијата или пак, влегуваат во конфликт со урбаната средина што ги опкружува.

„Татко му беше Британец со потекло од Бретања, дедо му беше од Маурициус, и покрај што неговото детство го помина во Ница, патувањата беа важни за него. Тој не стравува да биде универзалист, хуманист, бранител на природата, многу жесток критичар на сите видови угнетувања или колонијализам. Тоа денес изгледа можеби банално или политички коректно, но неговата Нобелова награда само потсетува дека тоа се вредности кои што остануваат.“ - вели литературниот критичар на париски „Ле Монд“ Патрик Кешишиан.

Ле Клезио - преокупација: животната срединаФотографија: AP

Една од темите: влијанието на глобализацијата

Постојаните патувања од пустината во градот, од Африка во Ново Мексико, се рефлектираат во делата и потсетуваат на нешта, кои ги игнориравме во нашата историја. Преку своите искуства, тој ја опишува разноликоста на културите, нееднаквата страна на глобализацијата, влијанието на западниот глобализам...

Пораката на Жан-Мари Густав ле Клезио, автор меѓу другото на романите „Сослушување“,„Трагачот“ , „Африканецот“, „Проспекторот“ итн. е јасна:

„Потребно е да се продолжи со читање романи, бидејќи мислам дека романот е многу убаво средство за да се запрашуваме за актуелниот свет, без притоа да имаме шематски и автоматски одговори. Романсиерот не е филозоф, не е техничар на говорниот јазик, тој пред се‘ пишува и преку романот поставува прашања. Ако има една порака, која сакам да ја испратам, таа е следнава: да поставувам прашања.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми