Секоја „романтизација“ на Југославија, без критичко соочување со нејзиното наследство, е многу проблематична. Колумна на Кица Колбе.
Реклама
Паметам, кога бев дете во педесеттите, во Југославија, возрасните често велеа: „за идеја се живее!“ Се прашував, како тоа се живее за идеја? Притоа немав поим што значи тоа чудо - „идеја“. Ама од увереноста со која тоа го изговараа возрасните, верував тоа таа „идеја“ мора да е нешто многу драгоцено. Кои беа тие што прокламираа дека „се живее за идеја“? Тие беа идеолозите на социјалистичката идеја. Партиските функционери, учителите, младинските активисти и пропагандистите на иднината. Ако таа идеолошка максима на раниот социјализам значеше дека се живее за идеалот на хуманото општество, се прашувам зошто толку брзо тој идеал се распрсна како меур од сапуница, кога во деведесеттите се распадна некогашната федерација? Ако сите луѓе во Југославија веруваа во тоа дека живеат за идејата на „братството и единството“, како тогаш тие социјалистички браќа толку брзо се преобразија во непријатели и отворија фронт едни против други? Ниту една друга социјалистичка земја не се распадна во долги и крвави братоубиствени војни, како Југославија. Ниту Советскиот Сојуз, ниту Албанија на Енвер Хоџа, ниту Романија на Чаушеску. Сите тие во социјалзмот важеа за авторитарни држави. А Југославија ја красеше угледот на „социјализмот со човечки лик“. Тито создаваше миротворни сојузи во Третиот свет, а земјата што беше негова визија почна да се распаѓа како кула од карти кусо по неговата смрт. Ако „братството и единството“ навистина беа станале новата самосвет на југословенските граѓани, како што денес многумина уште веруваат, тогаш кои беа тие што се бореа на југословенските фронтови? Како беше возможно по толку кусо време истите „браќа“ да се исполнат со толку омраза едни кон други, за да можат крвожедно да се убиваат? Во таа смисла, секоја „романтизација“ на Југославија, без критичко соочување со нејзиното наследство, е многу проблематична. Братоубиствените војни фрлија длабока сенка и врз самиот „проект Југославија“.
Очигледно идеологијата на „братството и единството“ беше таа „идеја", која не успеа да стане „крв и месо“. Таа само заврши со пролевање реки од човечка крв. Таа не стана траен проект на мирот затоа што беше диктирана од „горе“. Луѓето не ја избраа таа идеологија според својата слободна волја, туку затоа што тоа го диктираше политиката. Притоа, на југословенските граѓани им недостигаше нешто многу решавачко за мирот и за виталноста на едно општество. А тоа беше искуството на парламентарната демократијата. Тоа значи слобода да се избира. Дури тоа искуство обликува слободни, критички личности, способни за избор меѓу повеќе политички опции. Само луѓе, кои се плашат од слободата, затоа што никогаш не ја доживеале и не биле социјализирани во неа, уште посакуваат и денес да живеат пак толку „спокојно“ како ние тогаш. Во Југославија образованието и културата имаа високо место. Меѓутоа и најсестрано образованата личност нема автономија, доколку немала искуство во парламентрна демократија. Луѓето се учат на парламентарна демократија само кога смеат да ја живеат. А тоа значи да смеат да учествуваат на слободни избори. Дури и идејата на идеалното општество, кога е октроирана, станува знак на неслобода за граѓаните.
Насловните страници на „Шпигел“ за Југославија
Германскиот неделник „Шпигел“ слави 70 години постоење. На неговите насловни страници Југославија се најде 15-тина пати. Македонија, досега, ниту еднаш.
Титовата одисеја?
Во септември 1951. насловната страница излезе во 3 бои. Приказната за „Титовата одисеја“, наречена е „Ничиј слуга во ничија земја“. Во текстот е картата на двата блока и Југославија помеѓу со прашањето: Клучна алка или пукнатина во тврдината?. Авторот пишува: силната Југославија му е потребна на Запад- „засега“- и тоа како комунистичка земја која ја демонстрира слабоста на Источниот блок.
Фотографија: Der Spiegel
Свежа крв
Насловната страница од октомври 1964. година има посредно врска со Југославија. Станува збор за гастарбајтерите, кои пристигнуваа од Иберискиот полуостров, од Италија, Југославија, Грција и од Турција. „Стројниците на западногерманските работодавачи зујат по континентот за да донесат свежа крв на пазарот на труд“, пишува во текстот.
Фотографија: Der Spiegel
Моделот се распаѓа
Неверојатно далековиден изгледа текстот од 21. јануари 1980: „Тито е сѐ уште жив“- кој во „Југославија по Тито“ ја гледа следната светска криза? Прогнозата гласи: „Националистичките групи се борат меѓу себе, економскиот замав е запрен, моделот Југославија се распаѓа“. Додуша, не дојде до светска војна, т.е. до судир меѓу Советите и Американците во Југославија, како што се плашеше „Шпигел“.
Фотографија: Der Spiegel
Големосрпски блок
„Зандана за народот на Југославија: Терор на Србите“ е наслов од јули 1991. по прогласувањето независност на Хрватска и Словенија. Во текстот се потсетува дека 38% Срби живеат во другите југословенски републики и оти Милошевиќ веќе подготвува ново цртање на границите. „Во оваа завршна фаза чукна часот за српската воена мафија во карпата на мултинационална држава да издлаби големосрпски блок.“
Фотографија: Der Spiegel
Импотентноста на Западот
„Сликите не се толку утописки, толку слични на Војни на ѕвездите“, како што е случај во Заливската војна која е водена со прецизни бомби, пишува „Шпигел“ на почетокот на јули 1992. Сликите од Југославија се „полни со бруталност и архаична грозоморност“. Се тематизира и „импотентноста“ на западните демократии и ОН за време на оваа, како што ја нарече Милован Ѓилас: „најглупава од сите војни“.
Фотографија: Der Spiegel
Непожелни
Приказната за егзодусот од Југославија звучи актуелно. Насловот од крајот на јули 1992. гласи: „Бран од Балканот: Кој ќе ги прифати бегалците?“ Зборовите за прифаќањето на стотици илјади босански муслимани можат да се применат и денес: Бегалската трагедија можат да ја ублажат само брзи договори и прифатни контингенти. Но Европската заедница се колеба: секој непожелните ги турка кај некој друг“.
Фотографија: Der Spiegel
Србите против остатокот од светот
Наредната насловна страница е дури во јуни 1995. На неа „господарот на војната“ Радован Караџиќ со зборовите: „Србите против остатокот од светот“. Повод е заробувањето на 370 Сини шлемови. Интервју даде тогашниот шеф на дипломатијата на СРЈ, Владислав Јовановиќ: „Младиќ е тврдоглав, но способен генерал. Во Титовите школи научи да почитува политички авторитети. Нема да се закачи со Караџиќ“
Фотографија: Der Spiegel
Казнено бомбардирање
„Шпигел“ за бомбардирањето на СРЈ во 1999. објавува пет насловни страници едно по друго. Првата е со наслов: „Војна против убивањето- страв од неконтролиран пожар“. Интервенцијата на НАТО е наречена „казнено бомбардирање“, кое Белград треба да го принуди на договор со косовските Албанци. Но се ризикува прелевање на конфликтот посебно во Македонија, но и во Германија, каде има многу Срби и Албанци.
Фотографија: Der Spiegel
Дебакл на НАТО
Три недели подоцна магазинот пишува за „дебакл на НАТО“, кој со „сѐ повеќе авиони и напади“ се обидува да го зголеми притисокот врз Белград, но се почесто погодува и цивилни цели. Дури тројца новинари во интервју го притискаат шефот на дипломатијата Јошка Фишер, кој се брани од обвинувањата: „За мене војна е војна, а тоа значи дека страдаат луѓе, често невини луѓе. Затоа војната е толку ужасна.“
Фотографија: Der Spiegel
Војна за чиста совест
Во наредното издание се најавува „одлуката“- копнена војна или мир. Во остриот текст германското учество во бомбардирањето на СРЈ се критикува како „војна за чиста совест“. Се исмеваат и споредувањето на Милошевиќ и Хитлер и „војничкиот новоговор“ за „колатерална штета“ со заклучок: „Никој сериозно не може да тврди дека војната на Косово е во согласност со повелбите на ОН“.
Фотографија: Der Spiegel
Mir?
На 7. јуни, три дена пред крајот на бомбардирањето, насловот е „Мир? Цена, ризик, последици“.Канцеларот Герхард Шредер во интервју вели: „Војната никогаш не се исплатува.Но за жал беше неопходна за да се елиминира конфликт, кој инаку би имал далеку потешки последици.“ Дописничката од Белград јавува:„Олеснувањето кај Србите поради претстојниот крај на војната се меша со бесот кон режимот“.
Фотографија: Der Spiegel
Најопасен дел од авантурата
Седма насловна страница која е посветена на војната на Косово. Тоа говори колку за Германците беше значаен овој судир- прва „германска војна“ по Хитлер. Шпигел за влегувањето на меѓународните сили на Косово пишува дека тоа е „можеби најопасниот дел од целата балканска авантура на НАТО“.За Милошевиќ пак прашањето: Уште колку царот на Србите може да се задржи на власт? Дали му се заканува пуч?“
Фотографија: Der Spiegel
Пад на последниот бастион
Последната насловна страница на „Шпигел“ за регионот е на 9. октомври 2000., што покажува дека падот на Милошевиќ значеше и пад на интересот на светските медиуми за регинот. Во насловот цитат од Воислав Коштуница: „Денеска пишуваме историја“. Во текстот малку помпезно (и неточно) стои: „Со неосталинистот Милошевиќ, волјата на народот го збриша и последниот комунистички бастион во Европа.“
Фотографија: Der Spiegel
13 фотографии1 | 13
Затоа не зачудува што тие, кои тогаш беа ученици или студенти, денес најмногу ја „романтизираат“ Југославија. Тие, кои секој мај беа обземени од еуфоријата на „Штафетата“. Тие кои учествуваа како младинци на прочуените „сплетови“. Тие денес на 25-ти мај се будат со „идејата“ на нивната младост. И на социјалните мрежи си го честитаат роденденот на Тито. Како Југославија да исчезна во некоја природна катастрофа, а не во братоубиствени војни. Сето тоа би било занемарливо, да не беа тие луѓе дел од македонската интелектуална елита, која, за жал, е многу мала. Секако, апологетскиот однос на многу интелектуалци кон „проектот Југославија“ како долгорочен план за описменување на дотогаш во голема мера неписменото население, како и еднаквите шанси за образование на сите ученици – независно од социјалната состојба на родителите - е во голема мера разбирлив. Тоа веројатно беше најголемата вредност на социјалистичкиот систем. Но еднаквоста во обрзованието, не беше реална еднаквост и во општеството. Да се биде работник во југословенскиот систем остана низок статус и „стигма“. Сите ние, што израснавме и се образувавме во Југославија, сме склони да го „сакрализираме" и да го истакнуваме само тој еден, несомнено добар сегмент во неа - образованието, науката и културата. Сестраното образование, културата, за разочараните, од пропаста на Југославија трауматизираните интелектуалци, е последниот спасителен чамец по хаваријата на југословенскиот Титаник. Да, тоа е бездруго точно. Југословенската интелектуална и уметничка елита имаше солидна култура. Меѓутоа, зошто таа остана целосно без компас по хаваријата? Зошто само ретките се осудуваа да се запрашаат, како можеше таа држава да заврши во крвави војни, ако навистина ние, Југословените, бевме најобразованите и најкултивираните во Европа? Ако ние сите живеевме за „идеја“, а не за земја и нации, за реставрација на минатото?
Во Југославија, имено, ние имавме култура и образование, но немавме искуство во демократски живот. Ние бевме како билките одгледувани под стакленик кои, кога тој се сруши, веднаш овенаа. Тие се плашеа од слободата. Општеството не се дефинираше како заедница на слободни индивидуи со право на глас и избор, туку како колектив. Меѓутоа, нема демократија без слободни граѓани, без индивидуи. Политичката култура на слободниот избор се учи во повеќепартискиот систем. Во Југославија немаше слободни избори за повеќе партии. Тоа значи, дека сите граѓани немаа искуство во парламентарна демократија. Таа можност дојде дури во транзицијата. Само што проблемот е во тоа што во неа партиите ги создадоа луѓе кои немаа демократско искуство во повеќепартиски систем. Што значи, тие немаа искуство во граѓанска слобода. Тие беа обликувани од еднопартискиот југословенски систем. Затоа многумина слободата ја разбраа како самоволие. Како „миг на безаконие“ во кој посакаа по секоја цена да го „изживеат" тој инстинкт, кој во социјализмот не беше дозволен - приватната сопственост. Но, како? Со кражба, криминал и корупција. Од кого крадеа политичарите и новите богаташи? Од своите сограѓани. Го чинат ли тоа чесни, морални и одговорни граѓани, како што сакаме да веруваме дека сите сме биле такви во Југославија? Без критичко соочување со тоа што беше добро, но и со тоа што беше лошо во Југославија, нема вистински демократски напредок и преобразба на општеството.
Брутализмот во поранешна Југославија
За едни - архитектонски грев, за други - извонредна уметност. Брутализмот им даваше белег на цели градови во Титова Југославија. Во оваа фотогалерија претставуваме дел од тие градби со сета нивна грозна убавина.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Цик-цак-облакодери
Овие бетонски монструми се наоѓаат во Коњарник, предградие на Белград. Нивното име на српски е „тестера“, во превод - пила, токму поради тоа што потсетува на неа. Поголемиот дел од бруталистичките градби настана во 1950-те и 1960-те, во време на владеењето на Јосип Броз Тито. Фотографот на Ројтер, Марко Џурица, дел од својата работа му посвети на брутализмот во Титово време.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Јајце од стакло и бетон
Три години по Втората светска војна, Јосип Броз Тито истапи од сојузот со тогашниот Советски Сојуз. Требаше да се обноват градовите разурнати во војната. Тито играше на карта на репрезентативна, но воедно застрашувачка архитектура. Овој бетонски НЛО е белградски „Музеј на воздухопловството“, чиј архитект е Иван Штраус. Изграден е во 1969 година.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Како од научнофантастичен филм
Со зголемувањето на населението во социјалистичка Југославија, растеше и потребата од станбен простор. Бетонските облакодери никнуваа како печурки по дожд. Кулата Генекс во Белград е висока 124 метри и има 30 катови со 184 станови. Наспроти нејзе е вториот дел со 39 катови, кој е поврзан со мост.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Бизарен споменик
На овој споменик на највисокиот врв на Петрова Гора, во центарот на Хрватска, му се заканува распаѓање. Споменикот на востанието на населението од Кордун и Банија го слави и потсетува на отпорот на цивилното население против националсоцијализмот и фашистите.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Машинска естетика
Кога во 2018 година њујоршкиот Музеј на современа уметност ѝ посвети изложба на буталистичката архитектура, тој градежен стил, кого многумина со драго срце би го избришале и би ги урнале градбите, е рехабилитиран. Клиничката болница во загрепска Дубрава потсетува на голема машина. Денес таму своето умеење го тренираат студентите по медицина.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Модерен Музеј на современа уметност
Музејот на современа уметност во Белград почна со работа во 1965 година. За градење на музејот беше распишан идеен натпревар. Избрани беа двајца архитекти - Иван Антиќ и Иванка Распоповиќ, кои реализираа проект со пет изложбени нивоа. Музејот се наоѓа во зелено опкружување и се вбројува во умерените примери на бруталистичката архитектура.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Палата на модерната
Палатата на Србија, поранешната Претседателска палата, е градена од 1947 година, а отворена е во 1961 година. Таа е една од најголемите градби на бруталистичката архитектура во Белград. Посебно интересен е внатрешниот дизајн на салите, кои се разликуваат по републиките на поранешна Југославија. Мебелот, мозаиците и теписите се рачна изработка и по дизајн на познати уметници.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Пофалба на грдотијата
Станбениот комплекс Блок 28 во Нов Белград е познат како „телевизорка“ поради изгледот на прозорците кои потсетуваат на телевизори. Нов Белград никна северно од Дунав, всушност на левиот брег на Сава. Со старите делови на Белград е поврзан со шест мостови. Таков проект на новоградби на зелена површина предизвика голем интерес во светот во тоа време.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Воен споменик
Бетонскиот споменик посветен на битката на Сутјеска во Босна и Херцеговина потсетува на една од најкрвавите битки во Втората светска војна. На воздушниот напад на наци-Германците со 300 бомбардери му се спротивставија 18.000 војници на југословенската народноослободителна војска - без авиони. Споменикот е сместен во долина, во која во поново време на повеќе места имаше лизгање нз земјиштето.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Бескрајна купола
Халата 1 на Белградскиот саем е отворена за јавност во 1957 година. Нејзината купола тогаш беше најголема во светот. Сѐ до денес таа важи како посебен доказ за градежната уметност на поствоената модерна. Силните форми на брутализмот во поново време сѐ повеќе ја будат креативноста на многу инстаграмери - #brutalism е тренд со постојано нови перспективи.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
10 фотографии1 | 10
Ние сите, родените во Југославија, имавме одлично образование. Најголемиот број од нас имаа дури и натпросечно широко познавање на светската литература. Културата и образованието во Југославија беа навистина еден вид „просветителски проект“. Меѓутоа, нашата ерудиција, нашата начитаност, не беше во целост тоа, што се претпоставува со германскиот збор Aufklärung, Просветителство. Тоа за Имануел Кант е критичката употреба на умот и разумот. Но и слободата од авторитети и догми. Тоа за него е патот на кој човекот ја напушта состојбата на незрелост. Тој со него станува „полнолетен”, што значи одговорен и совесен. Способен да се однесува според моралниот императив. Критичката употреба на умот во политичка смисла и моралниот интегритет се основните претпоставки за учеството во парламентарната демократија.
Всушност, во Југославија го немавме суштинското право на секоја слободна личност: правото на избор. Ние бевме култувирани, начитани, но никогаш немавме доживеано слободни избори и повеќепартиски систем. Но, вистинската култура е неодвоива од правото на избор, правото на критика и на јавно мнение. Дури таа една партија да била најмудрата, најсовршената, ние немавме право на слободни избори. И најкултувираниот автократ останува автократ. Затоа велам дека „генетската грешка" на тој просветителски проект стана јасна во моментот кога умре Тито. Тој остави зад себе идеолошки вакуум, кој потоа го исполни национализмот. Тие што плачеа како деца, подоцна се убиваа на новите фронтови. Всушност, пропишаното „братство и единство" не создаде реална толеранција на различностите во заедницата. Не може да има демократија и слободни личности - дури и ако тие се најобразованите и најкултивираните - кога постои само една силна партија и еден силен водач, кој одлучува за се‘. И кој владееше од 1945-тата до 1980-тата. Таков систем најчесто воспитува луѓе без автономија. Тие веднаш ќе побараат заштита во друга силна идеологија. Затоа што за нив слободата е товар. А југословенските граѓани веднаш ја најдоа новата „идеја“ - во својата земја, во омразата кон Другиот. Затоа што се плашат од слободата, многу од постјугословнските граѓани ја одбраа нацијата, која ја сакрализираа, како што порано го сакрализираа „братството и единството". Војните беа тоа варварство и примитивизам, кои преживеаја и во транзицијата. „Новиот дух“, тој на транзицијата, повеќе не се интересира за тоа што беше идеолошкиот кит на Југославија - културата. Тој има друг идол - парите и моќта. А тој дух продолжува да пустоши, ама сега во морална и вредносна смисла. Духот на транзицијата не убива повеќе луѓе, како војната. Ама има сила да ја убие надежта.
Колекционер на олдтајмери на „Застава“ во Германија
Дино Чолиќ од Келн е колекционер на југословенски олдтајмери. Секој престој во Босна и Херцеговина го користи за набавка и купување на други, сега веќе антиквитети, од социјалистичкиот период на екс Југославија
Фотографија: DW/F. Sabanovic
Колекционер од носталгија
Првиот „стоеден“ Дино Чолиќ го купил пред 15 години за време на престој во Берлин. „Го купив од носталгија. Се сетив на денот кога со тетинот, тетката и ние четири деца со 'стојадинот' патувавме на Бјелашница и Јахорина. Тоа ме потсети на некои подобри и посреќни времиња“, вели Дино.
Фотографија: DW/F. Sabanovic
„Ергелата“ брои 50 автомобили на Застава
Дино до денес во Германија увезол околу 50 автомобили на Застава. Меѓу нив, најмногу има „стоеден“, кои му биле најдраги од сите југословенски возила, бидејќи, како што вели, се поудобни и поквалитетни од другите.
Фотографија: DW/F. Sabanovic
Легендарниот „101“
„Стоеден“ беше популарното име за Застава 101. Неговото производство во фабриката во Крагуевац започна во 1971 година и беше најуспешниот модел на југословенската автоиндустрија. Во текот на 70-те години претставуваше статусен симбол во СФРЈ и до него можеа да дојдат само угледни членови на општеството. Последниот модел беше произведен во 2008 година.
Фотографија: DW/F. Sabanovic
Жителите на ГДР сѐ уште се фанови
Повеќето свои автомобили Дино им ги продал на жители на некогашната ГДР за кои „стоеден“ има и емотивна вредност. Во поранешна комунистичка Германија биле извезени 10 илјади вакви автомобили, кои и таму претставувале симбол на луксуз и престиж. За тоа сведочи и насловната страница на источногерманскиот автомагазин од 1981 година.
Фотографија: DW/F. Sabanovic
Сам свој мајстор
До резервни делови за своите автомобили Дино вели дека доаѓа многу лесно, затоа што за моделите на Застава одговараат и делови на Фиат. Сите неопходни поправки ги врши сам и за тоа, вели, му е потребен само основен алат.
Фотографија: DW/F. Sabanovic
Германците мислат дека е Фиат
Кога минува со својот автомобил низ Келн, често е на мета на љубителите на стари автомобили. Многумина, вели, претпоставуваат дека се работи за Фиат, па уште поинтересно им е кога дознаваат дека се работи за Застава. Често, додека вози, му свират или мафтаат од соседните автомобили. Дино по тоа знае дека е некој од екс Југославија.
Фотографија: DW/F. Sabanovic
Не се живее од Застава
Во Германија не може да се заработи на олдтајмерите на Застава, вели Дино. „Нивната цена, во зависност од состојбата, се движи од 3 до 5 илјади евра“. Иако тоа звучи примамливо, додека го увезете автомобилот, да ги средите сите неопходни документи и да платите давачки, потребни ви се најмалку 1.000 евра, а потоа треба да се плати и транспортот.
Фотографија: DW/F. Sabanovic
Чест гостин на балканските забави и концерти
Еден од неговите „стојадини“ ќе биде „актер“ на документарен филм на ВДР кој ќе се снима долж автопатот „Братство единство“. Покрај тоа, Дино неретко со некои од своите олдтајмери гостува на балканските забави и на концерти на музичари со потекло од екс Југославија.