1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундестагот ќе даде „зелено светло“ за Северна Македонија

12 септември 2019

Скандалот „Рекет“ и неуспехот да се најде компромис околу Законот за јавно обвинителство нема негативно да влијаат на шансите на Скопје да добие почеток на преговори со ЕУ, вели за ДВ пратеникот на ЦДУ Крихбаум

Rumänien | Mitglieder des Deutschen Bundestages in Bukarest
Фотографија: DW/C. Ștefănescu

Во германскиот парламент владее позитивно мислење за Северна Македонија и тоа ќе се преточи во поддршка на почетокот на преговорите на земјата со ЕУ во октомври, вели за Дојче веле, Гунтер Крихбаум (насловна фотографија), пратеник на владејачката конзервативна партија на канцеларката Ангела Меркел и претседавач со Комисијата за ЕУ во Бундестагот.

Крихбаум денеска во Берлин разговараше со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кој претходно се сретна и со својот колега по функција Хајко Мас. По средбата, Крихбаум вели дека „позитивно и оптимистички гледа на шансите на Северна Македонија“.

ДВ: Господине Крихбаум, што заклучивте на средбата со министерот Димитров? Какви се шансите на Северна Македонија да го добие посакуваниот датум?

Крихбаум: Со министерот Димитров имавме многу добра и информативна средба. Што се однесува до почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, тоа се уште не може целосно да се одвои од прашањето како ќе оди понатаму со Албанија. Но, едно можам со сигурност да кажам, а тоа е дека атмосферата во германскиот парламент во однос на Северна Македонија е многу позитивна и дека Северна Македонија има позитивен имиџ во Германија. Оттука, убеден сум, иако можам да зборувам само за Бундестагот, а не и за парламентите во Европа, а уште помалку за ЕУ, дека за Северна Македонија ќе има позитивно решение.

ДВ: Значи ли тоа дека Бундестагот ќе даде зелено светло за Северна Македонија овој месец и која е временска рамка? Кога се очекува изјаснувањето на Бундестагот?

На напорите на земјата се гледа многу позитивно. Особено со Преспанскиот договор се надмина еден долгогодишен спор со Грција. Но тоа не значи дека не претстои уште многу работа. Натамошни реформи на правосудството, подобра економска клима и привлекување на странски инвеститори, и во многу други сектори, да не ги забораваме слободата на медиумите и новинарството. На тие полиња е потребен натамошен напредок. Притоа, ние не зборуваме за членство во ЕУ оваа година, туку за почеток на преговорите. Тоа ќе биде долг процес за кој ќе биде потребно и големо трпение, но патот е јасен- во насока на ЕУ.

Мас: Нема пречки за преговори

00:37

This browser does not support the video element.

Што се однесува до временската рамка, планираме кон крајот на септември да разговараме за Северна Македонија во Комисијата за ЕУ на Бундестагот, а потоа ќе следи и одлуката на Бундестагот.

ДВ: Верувам дека сте информирани околу последните случувања во Северна Македонија: скандалот со специјалната јавна обвинителка Јанева и неуспехот на владата и опозицијата да најдат компромис околу Законот за јавното обвинителство. Дали овие внатрешни случувања можат да влијаат на одлуката за добивање датум за преговори во октомври?

Јас на тоа гледам од еден позитивен агол, имено, дека кога некој се огрешил од законот, кога се работи за корупција, дека денес тоа се открива и дека може да се открие, и притоа дури и кога се работи за некој чија работа била токму да се бори против таквите нешта. Тоа е охрабрувачки и не сум сигурен дека истото ќе беше случај пред 5, 10 или 15 години.  Доколку погледнете одблиску, тоа истовремено покажува дека многу нешта во Северна Македонија мора да се подобрат, особено што се однесува до судскиот систем, затоа што не постои друга алтернатива за борба против корупцијата. Борбата против корупцијата во една земја е тесно поврзана со правдата и владеењето на правото и само една земја која се придржува до овие принципи може да стане членка на ЕУ.

Ја споменавте Албанија на почетокот. Колку е реалистично да се очекува двете земји да бидат одвоени од процесот на приближување кон ЕУ, доколку во Албанија продолжи кризата?

Кај нас, во Бундестагот, се уште траат консултациите околу Албанија. Што се однесува до одвојувањето, можам да ви кажам дека уште од големото проширување во 2004 и потоа во 2007, кога 12 земји станаа членки, беше донесена одлука секоја земја да се оценува поединечно. Тоа е принципот на „сопствена заслуга“ и оттука државите мора да бидат оценувани врз база на сопствените постигнувања. За мене не е спорно да дојде до одвојување, но тоа на крајот не значи дека двете земји нема истовремено да ги почнат преговорите. Не заборавајте дека тоа е само првиот чекор, а потоа следи отворањето на поглавјата. Тоа може да се случи, но не мора да биде така. Затоа е важно да се почитува принципот на сопствена заслуга на ЕУ и секоја земја да биде оценувана според сопствените успеси.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми