Крихбаум: На спорот за името во ЕУ се гледа премногу опуштено!?
22 јануари 2014 Од лидер во пристапните процеси кон ЕУ од земјите во регионот од пред петнаесеттина години, Македонија, поради спорот за името со Грција – остана на опашката. Или, уште појасно кажано: осамена, без фактичка поддршка од некоја од членките во европското семејство и без големи шанси проблемот со Грција да се надмине и да се добие очекуваниот старт за пристапните преговори. Ова кусо политичко резиме на македонската реалност им' е познато на сите, но никој - ни во Унијата, па ни во Германија, нема намера вистински и сериозно да се ангажира и да помогне во надминување на проблемот и деблокадата на пристапниот процес. Дојче веле го праша Гунтер Крихбаум, прв човек на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг: треба и може ли Македонија поради спорот за името вечно да чека?
„Од 2002. година сум член на Комисијата за европски прашања на Бундестагот и оттогаш не е постигнат никаков напредок во спорот околу името. Во Европската унија на овој конфликт гледаме премногу опуштено и практично како да е - природен!? Ова, во никој случај, меѓутоа, не смее да е така и не смееме едноставно како таков да го прифатиме. Во една толку долга расправија, секако дека двата фронта се заглавени и меѓусебните повредувања од година во година се зголемуваат. И Македонија од своја страна за ова придонесе - на пример со именувањето на аеродоромот на главниот град по Александар Велики. Но, тоа се должи и на нашиот ЕУ и НАТО партнер Грција која, поради внатрешно политички причини, со години ја блокира согласноста“, истакнува демохристијанот Гунтер Крихбаум, кој во 2007. година за прв пат застана на чело на Комисијата за европски прашања на Бундестагот, а довербата минатата среда му е дадена и за наредниве 4 години.
Билатералните блокади – неприфатливи!
Германската легислатива бара секое прашање врзано за проширувањето и ЕУ да биде разгледано, а потоа и визирано од Бундестагот. Затоа е исклучително влијанието на Комисијата за европски прашања, низ која како на ниедна друга инстанца во политички Берлин изминативе години се дискутираше за Западниот Балкан, проширувањето, па и спорот за името со Грција и Македонија. Може ли Комисијата за Европски прашања и Бундестагот да придонесат во деблокирањето на македонските евроинтеграции?.
„Јано е дека Македонија не може да стане дел од ЕУ без едногласноста на сите членки. Со тоа Грција одржува едно фактичко вето. Повеќепати до сега во процесот на проширувањето имавме ситуации во кои некоја земја ЕУ членка, поради билатерални прашања, го одложува приемот на својот сосед. Ваков последен случај имавме со Хрватска. Ова не смее да го прифатиме. За ова минатиот петок говорев и во Бундестагот. Конкретно, од сојузната влада побарав да биде активна и оваа блокада што е можно побрзо да биде отстранета. Комисијата за европски прашања за ова има голем интерес“, подвлече за ДВ Гунтер Крихбаум, претседател на Комисијата за Европски прашања.
Да се тргне од мртвата точка
Јосип Јуратовиќ, пратеник од редовите на социјадемократите во Комисијата за надворешна политика на Бундестаготе смета дека во регионот, а и во Македонија во многу работи не се оди нанапред. Го истакнува спорот со Грција околу името кој е длабоко заглавен, потсетувајќи дека Европската унија не сака нерешените конфликти да ги внесува во својот простор, поради што инсистира на нивно решавање пред стартот на пристапните преговори.
„Сигурно дека во интерес на ЕУ да се тргне од мртвата точка и во прашањето со името. 20 - годишната расправија околу името со Грција е навистина премногу, иако уште еднаш подвлекувам - главниот проблем на Македонија не е само спорот околу името. Има и внатрешни проблеми кои треба да се надминат. Би ги споменал само слободата на медиумите и невработеноста кај младите кои се само сегмент од широката палета. Но, во секој случај секако дека прашањето со името мора да се реши. Имаше, колку да потсетам, толку многу недоразбирања меѓу Србија и Косово и сега еве е тргнато нанапред, што е добро и за едните и за другите. Според мене на Македонија во секој случај и‘ треба и поддршка од надвор, но некои работи мора да се расчистат и одвнатре, зашто мое чувство е дека оптимално не се работи на тие процеси“, подвлекува за Дојче веле социјалдемократот Јосип Јуратовиќ.
Стивнување на нациоанлистичките сили
Андреј Хунко, член на Комисијата за европски прашања од пратеничката група на Левицата, која е и најголемата опозициона партија во Бундестагот, е дециден:
„Македонија е европска земја и секако за неа се отворени вратите во ЕУ. Во основа и за Македонија важат копенхашките политички и економски критериуми, иако Левицата посебно место им дава на правната држава, демократијата, човекови права“, вели Хунко. Според него поради изборите и новиот состав, Бундестагот односно Комисијата за европски прашања не работела нормално и имала пауза од седум месеци.
„Секако дека ќе се закложиме Македонија да биде подеднакво застапена и прашањето да се тематизира и дискутира во Комисијата за европски прашања. Но, на крајот повторно останува проблемот со името да се реши“, кажува за ДВ Андреј Хунко според кого и двете инволвирани страни мораат да се придвижат. Неговите размисли одат во насока решението за спорот за името да се најде во раната фаза на пристапните преговори, во времето кога ќе се работи на поглавјата за правосудството, демократијата и човековите права.
„Како левица ние сме меѓународно ориентирани и сакаме националистичките сили кои ги засилуваат проблемите - да попуштат. На Балканот и после две децении има расправии. Тоа мора да се надмине. Сметам дека во Грција, партијата на левицата би била поподвижна, поумерена, кога е во прашање спорот за името, од сега владејачката Нова Демократија или десничарките нацистички партии. Но, исто така проблем има и во Македонија. Кога ги гледам, сигналите кои ги испраќа проектот Скопје 2014, националистичката политика на симболи, секако дека сето тоа води и во Грција да има реакции. Ќе биде добро кога во целиот регион, не само во Македонија и Грција, туку и во Бугарија, ваквите националистички сили - олабават“, коментира за Дојче веле Андреј Хунко од партијата на Левицата во Бундестагот.