1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крлежите повторно напаѓаат

30 јуни 2004

Овие мали животни се најактивни во летниот период и се во потрага по храна и крв од други животни или луѓе.

Поголемиот дел од нив се безопасни, а многу ретко доаѓа до вирусното заболување менингитис, кое го пренесуваат крлежите. Но затоа пак често доаѓа до други заболувања, како што е борелиозата.

Главоболки, алергија на кожата, забрзано чукање на срцето и проблеми со слухот се само дел од симптомите на оваа инфекција пренесена од крлежите. Многу заболени зад себе имаат голема одисеја низ лекарските ординации пред да ја добијат соодветната помош. Слично искуство има и Моника Фалкенрат, нејзините симтоми биле погрешно дијагностицирани како алергија:

“Мене ме чудеше тоа што неможев добро да заздравам. Постојано се чувствував уморна, преоптоварена, исцрпена, имав болку во мускулите, страшни главоболки и постојани воспалувања во пределот на главата. Бидејќи ми рекоа дека за тоа нема лек, јас се помирив со фактот дека морам да живеам со тоа и дека никој не може да ми помогне. “

Моника Фалкенрат седум години патела од различни болки. Се додека еден ден не наишла на информацијата за болести предизвикани од убод од крлеж и борелиоза. Дури тогаш ја добила соодветната медицинска помош и тарапија на природна база, за што подоцна напишала и книга.

Борелиозата ја открил австрискиот научник Др. Вили Бургдорфер во 1975 година во САД. Тој во цревата на крлежите открил еден вид бактерија, која е наречена по неговото име Борелиа Бургдорфери. Бактеријата ги напаѓа нервниот систем, органите и срцето кај човекот. Болеста што ја предизвикуваат овие бактерии е наречена борелиоза. Ова заболување во Германија е се позачестено, предупредува биологот Др. Јохен Зус:

“ Јасно е дека борелиозата со околу 60.000 нови заболени пациенти годишно во Германија е голем здравствен проблем. Пред се поради широкиот спектар на симптоми и поради недоволната информираност на некои лекари, кои одредуваат никаква или погрешна дијагноза.“

Др. Јохен Зус во институтот во Јена ги истражува ризиците предизвикани од каснувањето на крлеж и начинините на ширење на заразата. Најопасно заболување е така наречениот менинген-енцефалитис, односно запалување на мозокот. Тој го напаѓа централниот нервен систем и во некои случаи може да предизвика и смрт. Но, ширењето на оваа болест во Германија може да се контролира поради обврската на пријавување на болеста, а против неа постои и вакцина. Против борелиозата пак се уште не пости вакцина. Зошто е тоа така објаснува Др.Зус:

“Вакцина против борелиоза постоеше, но пред две години е повлечена од пазарот во САД. Проблемот е во следново: Во Германија и Европа постојат три различни вида на борелија и три подвида на борелиоза. За да се спречи заболување од борелиоза потребно е една вакцина да делува против сите три вида. “

Според проценка на научниците само три до шест проценти од луѓето каснати од крлеж навистина заболуваат. Имунолошкиот систем најчесто сам успева да ги совлада предизвикувачите на болеста. Околу местото на каснувањето не се јавува секогаш типичното црвенило и затоа тоа останува незабележано. Симптомите се јавуваат постепено. Болеста која се јавува, школската медицина досега ја лечи исклучиво со антибиотици. Преку проверка на крвта може да се утврди предизвикувачот, но не и за која болест конкретно се работи.

За превенција од ваквите заболувања се препорачува избегнување на движење во места каде има многу крлежи. Доколку тоа не е можно, најдобра заштита е облеката со долги ракави и ногавици и високи чевли. Денес, во аптеките како превентивна заштита може да се најде и соодветно сретство против убод од крлеж. Освен тоа после секој одмор и забава на трева се препорачува детално туширање.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми