„Крокодил“-опасна дрога од Русија се шири низ Германија
20 октомври 2011
„Крокодил“, скратено „крок“, е мешавина од кодеин, бензин, црвен фосфор и тешки метали, и потекнува од Русија. Дејството на овој вид дрога е особено подмолно, бидејќи го „разорува” организмот на зависникот одвнатре. Оној кој нема да умре веднаш по првиот т.н. „шут”, односно консумирање, и продолжи да ја зема оваа синтетичка дрога, почнува да „се распаѓа“ одвнатре. На местата на убодите се создаваат тешко излечиви чирови, околното ткиво изумира, кожата станува сино-зелена и се перута. Токму по овие симптоми дрогата и го добила името.
Доколку погодените не отидат навреме кај лекар и не се подложат на соодветен медицински третман, ткивото продолжува да гние, се‘ додека не почне да паѓа од коските. Комплетно излекување речиси е невозможно. Заболените делови на телото најчесто мора да се ампутираат. Долготрајното консумирање „крок” секогаш завршува со смрт или, пак, откажува црниот дроб, бидејќи не може да се бори со толкава доза на отров. Освен тоа, погодениот може да искрвари до смрт, бидејќи вените почнуваат да се распаѓаат.
Зошто воопшто да се зема „крок“?
Со оглед на страотните последици, се наметнува прашањето: зошто воопшто да се зема „крок“? Полицијата претпоставува дека можеби луѓето од „наркоманската сцена” се’ уште не знаат колку всушност дрогата е отровна и смртоносна, иако се смета дека луѓето од тоа милје добро се информирани. Некои зависници купуваат „крок” едноставно затоа што е многу поевтин од хероинот. Меѓутоа, и неговото дејство е исто така многу пократко и мора да зема почесто. Како последица од тоа се јавува и поголема штета за човечкиот организам. Освен тоа, се верува дека создава уште поголема зависност од хероинот. Лекарите од здружението за помош на наркоманите „Кризенхилфе“ потврдија дека кај четири лица од Бохум се констатирани симптоми типични за консументи на „крок.“ Погодените велат дека тие мислеле оти земаат хероин. Поради тоа полицијата верува дека на пазарот на дрога во Бохум „крок” се продава како хероин.
Дрогата до сега одвела во смрт стотици зависници
Полицијата не очекува дека Германија би можела да ја преплави бран од дрогата „крокодил”, како што е тоа случај во Русија, бидејќи овде може тешко да се произведе. Во Русија се претпоставува дека дрогата одвела во смрт стотици и стотици зависници. Средствата кои содржат кодеин, потребен за производството на „крок”, во Германија можат да се добијат само на рецепт, што во Русија не е случај. Таму фармацевтската индустрија, според информации на магазинот „Шпигел“, забележала пораст на продажбата на производите што можат да се купат без рецепт за дури 37 насто, а не е тајна дека меѓу нив се вбројуваат и средствата што содржат кодеин. Поради отпорот на фармацевтската индустрија и лекарите во Русија воведувањето на обврската за издавање вакви лекови на рецепт е одложено од ова лето за наредното - во 2012 година.
Автор: БОМ / ЕМФ / ДД, дпа, длп
Редактор: Жана Ацеска