„Кршење на мразот“ во односите меѓу Хрватска и Србија
11 март 2009Претседателот на надворешно-политичкиот одбор на српскиот парламент Драгољуб Миќуновиќ, смета дека неговата дводневна посета на Хрватска преставува пробивање на мразот во односите меѓу двете земји, оптоварени со бројни отворени прашања. „Ги отворивме сите прашања... и тужбите во Меѓународниот суд на правдата во Хаг и обвинувањата за геноцид, за бегалците и границите. Ништо не смее да се турка под килим“, рече Миќуновиќ на предавањето, коешто вчера во Загреб го организираше Српскиот народен совет во Хрватска.
Миќуновиќ притоа истакна дека никој во Србија не размислува за доминација во Косово. Но, отворено праша дали Косово има капацитет да биде независна држава, без некој да ја издржува. Тој ги смета за неправедни критиките на адреса на Србија поради тоа што се’ уште не се уапсени преостанатите хашки бегалци Ратко Младиќ и Горан Хоџиќ, но верува дека тие побрзо би биле пронајдени доколку Србија би била дел од Европската унија.
Согласност за неопходноста за подобрување на соработката
Во разговорите на Миќуновиќ со претставниците на хрватското државно раководство, двете страни ја истакнаа желбата за развивање на добрососедските односи во европски дух. Миќуновиќ нагласи дека Србија го поддржува што побрзото членство на Хрватска во ЕУ, бидејќи со тоа и за неа се отвораат вратите на Унијата. Хрватскиот премиер Иво Санадер, пак, порача дека добрите хрватско-српски односи се главен фактор на мир и стабилност во Југоисточна Европа. Претседателот Стјепан Месиќ изрази надеж дека и покрај глобалната економска криза постои можност за унапредување на стопанската соработка меѓу двете земји особено во областа на енергетиката.