1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кршење на табуата во односите ЕУ-Балкан

22 март 2006

Барањето на претседателот на сојузната покраина Баварија, Едмунд Штојбер, ЕУ да го повлече ветувањето за проширувањето предизвика различни реакции. Неговата изјава ја коментираат дел од германските весници, кои пишуваат и за случајот со смртната казна во Авганистан за менување на верата

Весникот „Зиддојче Цајтунг„ во коментарот за барањето на Едмунд Штојбер за повлекување на ветувањето за проширување нагласува дека тоа посебно се однесува на желбата на Турција да стане дел од Унијата, но би се одразило и врз земјите од Западен Балкан. Во текстот во овој весник натаму читаме:

„ Едмунд Штојбер„ бара ни помалку ни повеќе туку ревизија на перспективите за прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ, со исклучок на Хрватска. Со тоа го крши табуто и иницира нова дебата. Може ли Унијата да си дозволи да ги крши ветувањата доколку смета дека тоа е во интерес на сопствениот опстанок како политичка творевина? Тоа прашање мора гласно да се постави бидејќи тоа веќе на многумина им е во мислите. Затоа е подобро за тоа сега да се зборува. Штојбер ќе наиде на значителен отпор, но означи незгоден проблем. Неговото мислење не мора да се прифати, но мора сериозно да се земе во предвид„ коментира „Зиддојче Цајтунг„

Германските весници во денешните изданија значителен простор одвојуваат и за случајот со Абдул Раман, човекот кој во Авганистан е соочен со смртна казна заради тоа преминал во христијанска вера. Официјален Берлин ги повика властите во Авганистан да го заштитат 40 годишниот Раман, кој девет години живеел во Германија. Министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер го повика Кабул да се држи до човековите права.

Весникот „Билд„ на оваа тема коментира:

„ Во Авганистан на еден сопруг и татко му се заканува смрт со бесење. Единствената причина е тоа што во Германија, пред многу години, ја сменил верата и преминал во христијанството. Самата помисла за негово егзекутирање е неподнослива. Тоа е спротивно на човековите и верски права во целиот свет. Смртната казна ќе ја изврши државата во чија обнова Германија со години вложува милиони евра. Германските даночни обврзници немаат разбирање за поддршката на една земја со таков правосуден систем„ пишува весникот „Велт„

Со истата тема се занимава и „Фленсбургер Тагесблат„ Во коментарот во овој весник читаме:

„ Западот, за разлика од фундаменталистичките подбуцнувачи, не е насочен кон мобилизација на уличните маси против неподносливоста на муслиманскиот правен поредок. Но тоа не значи дека во врска случајот Абдул Раман не треба да се испраќаат јасни политички сигнали. Во спротивно западната толеранција би се негирала самата себеси„ закључува во коментарот весникот „Фленсбургер Тагесблат„

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми