1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крштевањето - пречка за протерување?

Сабрина Пабст
17 јуни 2017

Се викаат Амир, Јакоб, Несрин. Потекнуваат од Авганистан или Иран. Нов дом нашле во Германија. И тука се крштеваат. Дали преку крштевањето си ги зголемуваат шансите за азил?

Deutschland Taufe in Berlin für neu konvertierte Christen
Фотографија: Getty Images/AFP/J. MacDougall

„Ме разнежнуваат нивните изјави за верата, бидејќи се толку еуфорични“, вели Ирмгард Конин, раководителка на советувалиштето „Фидес“ во Келн за верски заинтересирани и лица кои бараат религија која ќе им одговара.

Годинава таа ќе придружува петмина бегалци во процесот до нивното крштевање. Еден од нив е Јакоб. „Тој е прекрасен човек и покажува голема пасија“, одушевено раскажува Конин.

Нов јазик, нова религија

Јакоб потекнува од Авганистан и е христијанин по убедување. Причините поради кои луѓето прифаќаат нова вера се различни, објаснува Конин. „Некои сакаат да го остават исламот од нивната земја на потекло зад себе. Велат дека христијанството било вистинската вера на љубовта.“ Други, пак, сакаат да се идентификуваат со Германија. Кога бегалците почнуваат свој живот тука, сакаат да го живеат како христијани, вели таа.

Сѐ почесто муслимански бегалци во Германија сакаат да се крштеваат. Се зголемува сомнежот дека преку конвертирањето сакаат да си ги подобрат шансите за политички азил. Дебатата околу ова ја разгоре случајот со еден осудуван Авганистанец, кој за време на одлежувањето затворска казна се крстил и со тоа го спречи веќе предвиденото протерување. Викендот за задушница, во баварскиот град Арншванг тој ладнокрвно уби момче во дом за бегалци. Случај кој стана проблематичен и за политиката и црквата.

Консеквентно протерување на криминалци

Политичари од сите партии веќе подолго време бараат консеквентно протерување на баратели на азил кои извршиле криминал. И сторителот од Арншванг требаше да биде протеран, но во тоа време надлежниот управен суд во Минхен одлучи поинаку. Причина: со конвертирањето од ислам во христијанство во татковината му се заканувало мачење или смртна казна.

Крштевка во Берлин на 18 поранешни муслиманиФотографија: DW/M. Gwozdz

Со оглед на тоа што лицето е извршител на кривично дело, расте притисокот врз управниот суд и врз црквата: дали убиецот навистина е христијанин од убедување? Дали во доволна мера била проверена сериозноста на Авганистанецот? Или сепак само сакал со конвертирањето да си изнуди дозвола за престој? Во соопштение за Дојче Веле управниот суд од Минхен вели дека во случајов се работи за многу тешка одлука бидејќи „религиозниот идентитет на еден човек како внатрешна особина може да се утврди само според исказите на самиот азилант“. Преку детален личен распит на барателот за азил и преку членовите на локалната заедница може да се провери дали преминот во христијанство се заснова на сериозно и цврсто внатрешно верско убедување, или пак почива на тактички мотиви за добивање азил.

Како се докажува вера?

Политичкиот притисок расте. На црквите им се префрла дека многу лабаво ја проверуваат сериозноста на оние што сакаат да се крштеваат. Министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоахим Херман, вели дека од црквите и судовите очекува „многу детално да испитаат дали некој вистински преминува во христијанство“. Заменик претседателот на Сојузот на германски криминолози, Улф Ких, е начелно скептик во однос на крштевањето муслимански бегалци. Тој тоа го смета за „трик за да останат во земјата“. „Ако протерувањето на злосторникот било спречено заради тоа што преминал во христијанство, се знае колку е два и два.“

Сојузната служба за миграција и бегалци (БАМФ), која е институцијата одговорна за протерувањата, не ја оспорува промената на верата која е докажана преку приложување потврда за крштевање. Како што се вели во соопштението за ДВ, „барателот на азил мора да потврди дека новата вера би ја практикувал и по враќањето во татковината и дека заради тоа му се заканува прогон релевантен за добивање азил“. Натаму се вели: „Начелно поаѓаме од тоа дека од страна на христијанската заедница е обезбедено внимателно следење на процесот на конвертирањето.“

Причина за азил или прашање на вера?

Интерес и барања „секако“ има, велат бискупите, но потребни се повеќемесечни подготовки и контроли пред некој да се крштева и да пристапи на црквата. Тоа важело за сите кои сакаат да се крштеваат, независно од потеклото или културолошката позадина. Долгиот пат на совесно следење на процесот до крштевање понекогаш и заплашува, вели Клаус Хагедорн, координатор за бегалска помош во келнската бискупија. Тој раскажува дека имало и случаи кога активисти се јавувале за да спречат протерување преку крштевање. „Реагираме со тоа што одбиваме да крштеваме“, нагласува тој.

Но, дали од ова може да се извлече заклучок за генерален тренд на муслиманските бегалци? Црквите за ова прашање уште пред години изработија свои насоки. Католичката и евангелистичката црква во Германија не можат да дадат потврда за ова. За ДВ Велат дека ни една од двете цркви не водела статистика за тоа колку муслимани годишно стануваат христијани. Томас Цимерман од Евангелистичката црква во Келн вели дека изминатата година во реонот помалку од 10 возрасни лица конвертирале во христијанство.

Страв од прогон

Дипломираниот теолог Конин во своите подготвителни разговори за крштевањето ја отвора и темата „азил“, заради тоа што конвертирањето значи и прогон во татковината. „Во 99% од случаите постои вистински интерес да се пристапи кон ослободувачка вера - дури и по цена на прекин на односите со семејството“, вели таа. „Двајца возрасни мажи годинава се откажаа бидејќи требаше да бидат протерани и се исплашија од последиците во татковината.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми