1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Куба како играчка на светските сили

Емилија Рохас
19 април 2018

Ерата на браќата Кастро на Куба завршува со заминувањето на Раул Кастро од челната државна позиција, на која доаѓа Мигуел Диаз-Канел. Тој ја презема земјата која се наоѓа пред бројни предизвици.

Symbolbild Kuba Fidel Castro Revolution
Фотографија: picture alliance/Photoshot

Ниедна друга латиноамериканска револуција не го потресла континентот посилно од кубанската и ниедна политичка личност не предизвикала толкава страст како Фидел Кастро. Човекот, кој од ослободител на Куба од диктатурата на Батиста, стана основач на својата сопствена диктатура, на крајот негувана од неговиот помлад брат Раул. Доброволното повлекување на браќата од државниот врв, иако не и од партиското лидерство, затвора едно поглавие во кубанската историја, чии страници често беа пишувани надвор од земјата.

„Со сигурност може да се каже дека кубанската револуција беше уникатна во Латинска Америка, зашто сите други, на пример мексиканската или други, не траеја толку долго. Освен тоа, тие не предизвикаа целосна промена на структурите, во што успеа кубанската револуција, комплетно елиминирање на концептот на приватна сопственост“, вели Бернд Вулфен, германски амбасадор на Куба од 2001. до 2005. година.

Фидел Кастро, контроверзниот револуционерФотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com/KEYSTONE

Бурето барут во Студената војна

Во времето на победничкиот влез во Хавана во јануари 1959. година, Фидел Кастро сѐ уште не беше комунистичкиот Давид кој го предизвика империјалистичкиот Голијат. Односите со САД се влошија дури во текот на 1959. и 1960. година, кога конфискацијата непосредно ги засегна интересите на САД. Дефинитивиот чекор што ја запечати кубанската алијанса со Советскиот Сојуз беше неуспешната инвазија во Заливот на свињите.

„На погребот на паднатите другари во инвазијата, Кастро јасно порача - 'Ова е социјалистичка револуција', зашто во американската влада спозна вистинска закана за себе и бараше заштита. А каква подобра заштита би добил отколку од другата светска сила?“, истакнува Вулфен.

Повеќе: 

Руската сенка во Куба

Прекршените ветувања на Фидел Кастро

Куба: Живот без вечната сенка

Кратко време потоа, Куба стана протагонист на историски настан, кој Студената војна во 1962. година ќе ја трансформираше речиси во атомска војна: Кубанската криза. Вашингтон и Москва во последен момент спречија катастрофа, договарајќи се зад грбот на Кубанците. Но, Кастро не се задоволи со улогата на статист на меѓународниот паркет, започнувајќи извоз на кубанскиот револуционерен модел. „Тоа имаше огромно влијание врз земјите од Третиот свет, посебно Ангола или Етиопија, каде Куба интервенираше и со свои трупи, иако тие беа на 10.000 километри оддалeченост. Логистичкиот предизвик за Куба беше неверојатен“, коментира Вулфен, автор на книгите „Ледено доба во Тропскиот регион“ и „Куба на преломна точка - од Фидел кон Раул Кастро.“

За време на Кубанската криза светот беше на раб на атомска војнаФотографија: picture-alliance/dpa/UPI

Распадот на Советскиот Сојуз

Многу години подоцна, кога распадот на Советскиот сојуз ја доведе карипската држава на работ на бездна, преживувањето на сопствениот режим стана главен приоритет. „Куба загуби 60 проценти од својата надворешна трговија и 40 проценти од својот брутодомашен производ“, вели Вулфен. Но, Кастро не беше подготвен на отстапки. „Тој не попушти ни еден милиметар, Фидел отсекогаш стравуваше од тоа неговата револуција да се трансформира и да заврши во социјалдемократија. Неговиот брат Раул беше наклонет кон промена на одредени работи, од 2008. година нив и вистински ги воведе, но прилагодувањата не беа посебно длабински,“ истакнува германскиот екс-амбасадор.

Без оглед што идејата за вооружена револуција во другите делови од Латинска Америка избледе со смртта на Че Гевара, тоа не се случи со надрегионалната сила на аурата на кубанскиот проект.

„Куба со својот образовен и со својот здравствен систем имаше впечатливо влијание врз други држави, што е присутно до денес. Кубански лекари има во повеќе земји, што е вредно за пофалба. Но, зад тоа се крие сѐ уште пропагандистичкиот карактер - презентација на Куба како урнек во другите земји во развој“. Оваа идеолошка компонента не се промени ни со преносот на власта од Фидел на Раул Кастро. Пример претставува поддршката на „боливарската револуција на Хуго Чавез во Венецуела.“ „Последното исто така е еден неуспешен експеримент“, вели Вулфен. 

Барак Обама иницираше топење на мразот во односите со ХаванаФотографија: Reuters/C. Barria

Клучот е во Вашингтон

Во ерата на Раул Кастро сепак припаѓа и историскиот момент на приближување меѓу Хавана и Вашингтон, топењето на мразот беше иницирано од претходниот американски претседател Барак Обама. Негово убедување беше дека изолацијата на Куба и економското ембарго не водат кон конкретни резултати, ниту го урнаа режимот, ниту пак се подобри состојбата на човековите права. 

„За жал, Трамп не ја следи истата логика, туку се враќа на старите начини на размислување“, потенцира Вулфен. Негово убедување е оти тоа е контрапродуктивно за сите оние кои очекуваат длабоки промени во Хавана. 

„На наследникот на Раул Кастро ќе му биде исклучително тешко нешто да промени сѐ додека САД не отвораат никаков маневарски простор“, вели поранешниот дипломат, според кој евентуалните реформи во Куба се екстремно зависни од политичката „глобална метеорологија“: „Новиот конфликт Исток-Запад меѓу САД и Русија не е клима која погодува на промени на Куба.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми