1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Куба - шанса за добар бизнис, но на подолг рок

Франц Венке/З. Јордановски6 јануари 2016

Германскиот министер за стопанство Зигмар Габриел е во посета на Куба. Откако таа земја почна полека да се отвора, шанса за себе таму демнат претприемачи од цел свет. Габриел сака да им помогне на германските.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Reyes

Првиот чекор го направи министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер кон средината на минатата година, а сега во посета на Куба престојува германскиот вицеканцелар и министер за стопанство Зигмар Габриел. Во придружбата има повеќемина стопанственици. Во Хавана треба да биде отворено претставништво на германското стопанство.

Но, германското стопанство не е единственото кое демне шанса таму. Откако Раул Кастро го наследи својот брат Фидел на чело на Комунистичката партија, постојано ја изненадува јавноста со мали чекори на отворање на земјата кон светот. Кубанското раководство и американскиот претседател Барак Обама кон крајот на 2014. година го започнаа затоплувањето на повеќе децении замрзнатите билатерални односи на двете земји, што многумина странски претприемачи го протолкуваа како знак за скорешен крај на американското ембарго.

Интернетот се уште функционира под цензураФотографија: Andreas Knobloch

Колку капитализам е можен во Куба?

Во меѓувреме редица странски државници беа на ракување во Хавана, со надеж дека ќе добијат удел во стопанскиот подем на социјалистичката земја. Меѓународниот саем во Хавана лани повторно постигна рекорд според бројката на учесници. Американците, Шпанците, Канаѓаните и Кинезите се значително поактивни од Германците, што јасно го илустрираат бројките: Куба во 2014. година беше на 101. место во германскиот извоз, а кај увозот дури на 125. место. Во островската држава се присутни само околу 30 германски претпријатија.
Цел на Зигмар Габриел е да го промени тоа, но за претпријатијата не е лесен пристапот до кубанскиот пазар. „Инвестирањето во Куба е поврзано со голем ризик. Нема правна сигурност, ниту транспарентност при одлуките на распишаните тендери“, вели кубанскиот економист Алиас Амор, кој живее во егзил во Шпанија.

Франк-Валтер Штајнмајер во Хавана минатата годинаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Кај странските инвестиции тонот го диктира кубанската држава. На 109 страници во каталогот „Можности за инвестирање“ се наведени 326 такви можности за минатата година. Државата определува конкретни проекти на кои можат да се ангажираат странците. Кој ќе се реши, не може да го изведе тоа без кубански партнер за џоинт венчр (заедничко претпријатие) - а тој пак честопати е државно претпријатие.

Работна сила може да се добие само преку државни агенции. Странското претпријатие склучува договор со агенцијата и плаќа неколкупати повеќе од просечната плата во државата. Неизвесно е каде оди остатокот од парите. На интернет страницата на Здружението за Латинска Америка е нагласено дека бизнисмените треба да имаат „голема порција страст и трпение за да си обезбедат место на пазарот и да изградат соодветна мрежа од врски“, што економистот Елиас Амор го нарекува „капитализам на пријателства“. Амор, кој е и потпретседател на Кубанската либерална унија, тврди дека „кој сака како странец да заработи пари, тоа може да го стори само со добри врски со политичкото раководство“. Тој стравува дека избрзана нормализација на кубанската политика дури би можела да го поттикне опстанокот на режимот во Хавана.

Огромни потреби

Глобално погледнато, Куба со своите 11 милиони жители е мал пазар, а ни куповната моќ не е мотивација поради минималните плати. Но, голема е потребата да се надмине заостанувањето по децениите на планско стопанство. Мора да бидат обновени улици и патишта, да биде реновирана инфраструктурата. Долгогодишните добри медицински истражувања би можеле да отворат нови можности во областа на фармацијата. Земјоделството е на ниво на 60-те години на минатиот век - карипската држава од поодамна не може самата да ги задоволи потребите од прехранбени производи. Основни работи, како ориз и грав, по високи цени се увезуваат од Азија и од Бразил.

Туризмот е единствената растечка гранка во Куба.Фотографија: picture-alliance/Huber

Досега навистина успешно работи само туристичкиот сектор. До октомври 2015. Куба ја посетиле повеќе од 2,6 милиони луѓе, што претставува натпросечен пораст во споредба со претходната година. Туризмот со странци обезбедува девизи за државата и затоа, според Здружението за Латинска Америка, тој сектор ужива поголем степен на слобода и на него отпаѓа речиси една третина од државно распишаните проекти.

Натамошно поле за игра на капитализмот е индустриското пристаниште Мариел, кое ќе го посети и германскиот министер Габриел. Со тој проект владата сака да го растовари пристаништето во Хавана и да востанови индустриска зона. Таму треба да настане специјална економска зона според кинески пример, во која ќе бидат гарантирани даночни предности.

Специјалната економска зона МариелФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Досега, како што извести весникот Ное цирхер цајтунг, концесии таму добиле 8 странски фирми. Залудно е меѓу нив да се бараат германски. Но, Амор вели дека не слуша добро за проектот: „Колку што знам, работата мирува, градежниот материјал се краде и се користи за други цели“.
Фидел Кастро, алудирајќи на своето здравје, уште пред десет години рече: „Јас умирам речиси секој ден. Тоа многу ме забавува и се чувствувам уште поздрав“. Слично мото за опстојување веројатно и натаму важи за странските инвеститори на карипскиот остров.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми