1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кузњецов“ отплови, а со него и проблемите на НАТО

Барбара Везел
27 октомври 2016

Министрите за одбрана на НАТО-членките во Брисел бараа одговор на воените маневри и заканувачката реторика од Москва. Жешката тема се пречкрта самата

Russischer Flugzeugträger Admiral Kusnezow
Фотографија: picture-lliance/AP Photo

Жешката тема на состанокот на министрите за одбрана на НАТО се пречкрта сама од себе: шпанската влада соопшти дека рускиот носач на авиони Кузњецов го повлекол барањето за дополнување гориво во шпанската енклава Сеута, мал остров меѓу Гибралтар и Мароко. Флотата едноставно отпловила понатаму. Дополнувањето гориво, инаку рутинска работа, стана голема политичка тема и тест за единството на НАТО.

Откако на почетокот на неделата британскиот весник Телеграф и шефот на либералите во Европскиот парламент, Ги Ферховштат предупредуваа за случајот, партнерите зад сцена го притискаа Мадрид да не им дозволува пристап на руските воени бродови. Меѓудругото и затоа што тие беа упатени кон источното Средоземје од каде ќе го засилат бомбардирањето на сириско Алепо. Шпанија ја замоли Русија за дополнително објаснување за рутата и намерата, а Москва потоа го повлече барањето.
 

Нов предизвик

НАТО уште од почетокот критички го следеше патувањето на руската флота. Британија бараше од Шпанија да одбие да му даде нафта на бродот. Генералниот секретар Јенс Столтенберг беше нешто потактичен. Рече дека секоја земја може сама да одлучи како ќе постапи во таква ситуација, но и дека испраќањето на „Кузњецов“ кон брегот на Сирија предизвикува страв дека нападите врз Алепо ќе бидат засилени. „Неселективните напади мора да престанат. Секој ден умираат мажи, жени, деца... убиени во ужасни напади врз нивните станови и болници“. 
Столтенберг вели дека НАТО не реагира на секој поединечен потег на Москва, но дека веќе подолго време забележува воени маневри и заканувачка реторика. Затоа, вели тој, Алијансата мора да одговори и со воено застрашување. „Бараме дијалог и транспарентност“, додаде Столтенберг и најави наскоро одржување на седница на Советот НАТО-Русија.
Освен со дијалог, НАТО сака и воено да одговори, за да биде сфатен сериозно. На самитот во Варшава во јули беше договорено испраќање на четири баталјони во три балтички држави и Полска, а сега се договорени нови детаљи. Трупите треба да бидат подготвени до почетокот на февруари следната година. Баталјоните ќе ги предводат Канада, САД, Велика Британија и Германија.

Јенс Столтенберг жестоко го критикуваше руското бомбардирање на АлепоФотографија: Reuters/F.Lenoir
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми