1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Култура на смртта

Керстин Книп/превод: Ж.А.15 јуни 2015

Од пред една година, Исламска држава е постојано присутна во јавноста. Во Ирак моментно се обучува наредната генерација џихадисти. Таа би требало да биде уште посвирепа отколку сегашната, оценува Керстен Книп.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Ако децата се нашата иднина, тогаш таа во делови на Ирак и на Сирија, има мрачен изглед. Се множат извештаи според кои терористичката организација Исламска држава киднапира деца од сиропиталишта, ги носи во кампови за обука и ги претвора во машини за убивање. Во вакви логори се носат и децата на заробениците или оние родени во затворите, сведочат очевидци. Во логорите децата се воспитуваат во духот на салафистички ислам и се обучуваат за ракување со оружје и експлозив. Но, воспитувачите посебно внимание обврнуваат на психичкото прекалување и отапување и на систематско брутализирање на своите ученици. Тоа се врши преку јавни егзекуции, во кои децата прво имаат улога на гледачи, но наскоро мораат и самите да ги вршат.

Обуката на грабнатите деца, уништувањето на нивната психа и безмилосното убивање со целосна јасност покажува со кого се има работа: ИД е група која ги погазува сите човечки принципи, за која ниедна тактика не е пребрутална, ниедна стратегија не е премногу цинична за да служи за нејзините цели.

Искористување на религијата

ИД не се воздржува ни од инструментализирање на она, што нанадвор го декларира за врвна вредност-религијата. Еден од централните основачи на ИД, Хаџи Бакр алиас Самие Абед ал-Мохамед ал-Клеифави, бил полковник во служба на режимот на соборениот диктатор Садам Хусеин. Неговиот однос кон исламот, благо речено, бил индиферентен. Но, овој командант, убиен во јануари 2014 година, беше надарен стратег, кој знаеше како да ја употреби религијата за свои цели, за градење своја лична моќ.

На неговиот повик се одзваа десетици илјади, делумно од верска убеденост, делумно заради изживување на својот брутален садизам: мачења, силувања, каприциозни одлуки околу живот или смрт. 200 години по својата смрт, маркизот Де Сад во Ирак доживеа триумфално воскреснување.

Керстен Книп

Деморализирана армија

Информациите во врска со борбениот дух на џихадистите се противречни. Постојат и извештаи кои тврдат - многумина од врвните не се толку бестрашни колку што обично се смета. Наместо самите да се борат, во првите редови испраќаат посебно заслепени фанатици, а наскоро и децата, чии души ги уништуваат. Но, нивната сила се‘уште е доволна да се одржат во Ирак и да ја шират територијата под своја власт.

Тоа се должи и на слабоста на ирачката армија, чија сила не е пропорционална на вложувањата во нејзина поддршка од САД, во висина од повеќе милијарди. Но, првенствено, оваа војска е во основа демотивирана. Ирачките умерени сунити се‘ повеќе ја сфаќаат како воен сојуз под команда на шиитите, кој не ги застапува интересите на целата земја, туку на една конфесионална група, односно на шиитите. Затоа, сунитите не сакаат со своја служба во војската да ја поткрепат шиитската доминација. Во тоа не можат ништо да променат ни британските и американските воени иснтруктори, исто како ни борбените авиони кои ги бомбардираат позициите на ИД.

Простување со шовинизмот

Со други зборови, предизвикот Исламска држава може да биде надминат само по политички пат. ИД е последица на потфрлувањето на политиката. Нејзиното формирање беше реакција на пропаднатиот обид за нов политички почеток, по инвазијата на САД во 2003 година. Ретко кога постоела поголема дискрепанца меѓу една високопрофесионална и исклучително вооружена армија од една и игнорирањето на политичките, општествените и теолошките односи од друга страна, како при оваа инвазија. Можеби соборувањето на Садам Хусеин беше прифатливо, но не и дилетантизмот со кој Американците сакаа Ирак повторно да го застанат на нозе.

Овој дилетантизам го роди монструмот ИД, чудовиште кое може да се победи краткорочно воено, но долгорочно само преку соодветна политика. Клучот на успехот на оваа политика мора да биде подеднаков статус на сите верски и етнички групи во Ирак. Тоа, мерено со сегашниот шовинизам, не е ни малку помал предизвик за актерите на теренот од другите искушенија. Клучот за идниот развој на ситуацијата се наоѓа во Багдад. Поточно, во рацете на владата и на парламентот. Од нив зависи како во иднина ќе растат ирачките деца.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми