Културен календар за ноември
1 ноември 2010Интернационална награда за најдобар облакодер 2010
Музејот за архитектура во Франкфурт и годинава ја доделува Интернационалната награда за најдобар облакодер. Овогодишниот добитник ќе биде познат на 5 ноември, а меѓу финалистите за наградата се најдоа Аква Тауер во Чикаго, Светскиот финансиски центар во Шангај и моментно највисокиот облакодер во светот, Бурџ Калифа Тауер во Дубаи со вкупно 828 метри. Во трката за престижната награда дотирана со 50.000 евра, височината не е главен критериум. Внимание се посветува и на техниката на градење, естетиката, како и на економичноста на објектот.
9 ноември: Судбоносен ден за Германците
Овој ден има посебно значење во германската историја. Годинава, на 9 ноември, во Берлин свечено ќе биде отворен плоштадот „9 Ноември“ како потсетник на случувањата на овој ден пред дваесет години кога падна Берлинскиот ѕид. Освен тоа, за овој датум се врзува и Кристалната ноќ од 1938 година, кога национал-социјалистите под водство на Хитлер извршија погром врз Евреите во Германија. По овој повод ќе бидат организирани бројни манифестации низ земјата.
Почнува „петото годишно време“ во Германија: карневалот
Пролет, лето, есен и зима се четирите официјални годишни времиња во Германија, но во Рајнската област има уште едно годишно време: карневалот.
Тој почнува на 11.11. во 11 часот и 11 минути. За тоа зошто бројот 11 игра толку голема улога во карневалот постојат неколку теории, но такви прашања не доаѓаат во предвид за жителите од овој регион. Напротив, за нив, во овој период најважни се пиењето и славењето кои траат сосем кратко, имено до новогодишните празници. Карневалот доживува кулминација за време на Карневалската недела, која почнува во четврток и завршува една недела подоцна со среда пепелница, почетокот на велигденските пости.
Сеќавање за еден голем музичар
Кон средината на ноември, во Берлин ќе пристигнат музичари од целиот свет со цел да учествуваат во натпреварот „Гран При Емануел Фојерман“, именуван по еден од најпознатите германски челисти на 20 век. Натпреварот, кој за првпат се одржа во 2002 година, секои четири години го организира Универзитетот за уметности во Берлин. Победникот не го очекува само награда од 15.000 евра, туку и целосна продукција на носач на звук и организирани настапи.
Сосема поинаква концертна турнеја
Тие го донесоа хип хопот во Германија и затоа нивните фанови никогаш не ги изневерија. Групата "Die Fantastischen Vier", попозната како "Fanta4", веќе дваесет години е предводник на германската хип хоп сцена. По заслужената креативна пауза, беднот наголемо ја најавува својата турнеја низ Германија, почнувајќи од 9 ноември. Фановите во Германија, Австрија и Швајцарија ги очекуваат 16 концерти. За нив, овојпат е предвидена тркалезна сцена околу која ќе има место за сите обожаватели.
Ѓубреџии од Истанбул на театарската сцена
Театарската група „Римини-протокол“ изведува театарски претстави - не со професионални глумци, туку со обични луѓе коишто ги сретнале на улица. Режисерот Даниел Вецел, на едно патување во Истанбул се запознал со четворица ѓубреџии кои сега ги ангажира на сцената како актери. Неговата претстава „Господин Дагакар и златната тектоника на ѓубрето“ ќе биде изведена на 26 ноември во рамки на програмата „Европски град на културата 2010“, чиј овогодишен носител е Рурската област. Во овој необичен театарски формат се раскажува за животот, навиките и стратегијата за преживување на сиромашните луѓе во Истанбул, каде, пак, претставата веќе беше изведена премиерно.
Време на божиќните пазари
Крајот на ноември во Германија носи вистинско божиќно расположение. Колачи и украси во продавниците може да се најдат уште од септември, но божиќните пазари се отвораат токму во овој период. Најголем и најпознат е „Кристкиндлесмаркт“, божиќниот пазар во Нирнберг, каде годишно доаѓаат и до два милиони луѓе. Доброто расположение, низ пријатен разговор и многу смеа, ги надополнува понудата од варено вино, медени срца и печени бадеми, а неизбежни се и божиќните песни. Со оглед на големиот број туристи за време на празниците, не треба да чуди што понекогаш овие песни се пеат и на јапонски.
Автор: Петра Ламбек / Ангатира Голмер / Далибор Стајиќ
Редактор: Жана Ацеска