1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Куманово: Соживотот посилен од куршумите

9 мај 2017

И по една година, се уште нема одговор што се случи во Куманово на 9-ти мај 2015 година? Безбедносните експерти велат дека надлежните служби треба што поскоро да ги разјаснат околностите за настанот.

Фотографија: Reuters/M. Djurica

Вообичаено утро во Куманово. Детскиот џагор на патот до училиштата го најави денот, дуќанџиите ги отворија кепенците на продавниците, сообраќајната врвулица го разбуди градот. Со вообичаен ритам се разбуди и тамошната „Дива населба“, која со ништо не се разликува од питомоста на градот. Некој што денес првпат би поминал низ неа, тешко би поверувал дека на 9-ти мај пред една година оваа населба се разбуди во жесток дожд од куршуми, кој непрекинато траеше 28 часа. Оштетените куќи се обновуваат и го враќаат стариот изглед. Не можат да се вратат единствено животите изгубени во престрелката меѓу полициските единици и припадниците на вооружената група од Косово, која тогаш беше лоцирана во населбата.

И по една година, се уште нема одговор: што се случи во Куманово? Семејствата на осумте загинати полицајци и натаму прашуваат зошто загинаа нивните блиски? Не се сигурни дека судството ќе им го даде одговорот, и покрај тоа што за настаните во Куманово за тероризам се обвинети 29 лица.

„Нема тероризам. Само платено убиство. За пари. Ако има судство, ќе докаже. Бидејќи судството ни е многу слабо, нема судство. Нема што да докаже. Само што ние си останавме без децата. Оваа држава многу ни зеде“, вели Славко Кировски, пред гробот на неговиот зет.

Обвинетите го отфрлија обвинението за тероризам и покрај доказите на обвинителството на околу 1.400 страници - телефонски разговори, транскрипти, видео снимки и други докази за настанот, во кој загинаа и најмалку десет припадници на групата од Косово.

Акцијата во Куманово останува неразјаснетаФотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj

Тероризам или „режија“?

По престрелките во Куманово, во косовските медиуми беа објавени сведоштва и разговори кои имплицираа на одредена „режија“, односно на инволвираност на партиски, но и на лица од македонски безбедносни институции во организирање и мотивирање на групата. До денес нема информации дали таквите аспекти се истражувани, ниту пак е побарана меѓународна помош, каква што се бараше по петкратното убиство кај Смилковско езеро. Нема информации ни како затаила превентивата, со оглед дека на тие настани им претходеше упад на група од Косово на македонска територија во граничната караула „Гошинце“, од каде групата замина со воена опрема, оружје и муниција.
Д-р Марјан Николовски, професор на катедрата за Криминалистички науки на Факултетот за безбедност, вели дека единствено истражните органи ќе мора да дадат одговор, со оглед на фактот да се работи за сериозно кривично дело, а постапката веќе е во рамки на судските инстанци. Прашањето е - дали постои капацитет за целосно истражување на случајот? Според него, во одредени сегменти потребна е меѓународна помош.

„Кога станува збор за терористички акт каде целта е загрозување и напад на државни институции и нивни претставници, во најголем број на случаи потребна е и меѓународна помош, пред се, во размена на разузнавачки информации за нарачателите, финансиерите и извршителите на тој терористички акт, за инволвираност на странски разузнавачки служби, за инволвираност на поединци од државни институции на Македонија во логистичка поддршка на префрлање и заштита на припадниците на вооружената групација, која дејствуваше против безбедносните сили. Меѓународна помош е потребна и во делот на едукација и техничка поддршка на нашите обвинителски и судски институции од страна на западноевропски земји кои имаат поголем искуство во процесуирање на тој тип кривични дела. Секако, помошта треба да биде во поддршка и оспособување на институциите на Македонија за нивно поуспешно функционирање, но не и во преземање на нивните ингеренции“, дециден е Николовски.

Погреб на загинатите полицајциФотографија: picture alliance/epa/G. Licovski

Времетраење на помошта, како што вели, зависи од оспособеноста и резултатите во справување со тој тип на кривични дела од страна на надлежните институции. Тој потсетува дека во отсуство на официјални информации од институциите, низ медиумите се пласираа разни информации и дезинформции кои во контиуитет влеваа страв и загриженост кај граѓаните за евентуални нови судири меѓу безбедносните сили и вооружени групации.

„Граѓаните избегнуваат или во страв присуствуваат на масовни собири, спортски натпревари или концерти. Во деновите на судење за случајот 'Дива населба' главниот град е под вистинска опсада и безбедност од највисок степен. Сето тоа создава дополнително економско исцрпување на државниот буџет и страв и несигурност кај обичниот граѓанин“, вели Николовски.

Стабилен соживот

Жителите на кумановска „Дива населба“ не можат да ги заборават настаните од 9-ти и 10-ти мај. Но, велат, денес најголема утеха и надеж им е сознанието дека тие настани не ги нарушиле меѓуетничките односи во градот и населбата.

„Не дознавме зошто се случи тоа. Но, ако нешто со сигурност знаеме, тоа е дека овде и натаму живееме во слога и разбирање со соседите“, вели возрасен Албанец. Неговиот сосед, Македонец, ги потврдува овие зборови.

„Ние мештаните, не дозволивме да се создаде раздор меѓу нас. Не знаеме кој стоел зад сето тоа, но се надеваме дека и налогодавците и извршителите ќе бидат казнети“, вели тој.

Доцна е, или се уште има врема да се направат одредени чекори во истрагата? Според д-р Томе Батковски, професор на Факултетот за безбедност, со оглед дека е во тек судскиот процес, од кривично-правен аспект беспредметно е поведување меѓународна истрага за овој случај, и сега треба да се сочека правосилната судска пресуда.

Судскиот процес за „Дива населба“Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Но, од поширок, безбедносно-разузнавачки аспект, неопходно беше и се уште е, разјаснување на битните прашања поврзани со уфрлувањето на вооружената група на територијата на Република Македонија: идентификување на налогодавачите, организаторите, планерите, логистичарите, непосредните извршители, финансиерите и јатаците во извршувањето на конкретните кривични дела против Македонија. Особено, во тој контекст важно е утврдување и идентификување на поврзаноста со илегални здруженија и разузнавачки структури од Република Косово и разузнавачки служби на други држави, со оглед дека вооружената група беше уфрлена преку граничната линија со Република Косово, но и составот на самата терористичка група. Во оваа смисла, безбедносно и разузнавачки треба да се разјаснат околностите на илегалното преминување на границата и илегалните бази за луѓе и оружје, муниција и експлозивни материјали од двете страни на границата. Ова треба да биде една од приоритетните задачи на Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР, на Агенцијата за разузнавање и на СБиР во Министерството за одбрана. Воедно, овие служби би требало ургентно да ја разјаснат состојбата во однос на евентуални кртови и саботери во сопствените редови“, посочува Батковски.

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, во повеќе наврати зборуваше за безбедносни закани за Македонија, но до денес нема информации дали и како надлежните служби се справуваат со такви предизвици. Тој пред неколку дена постхумно ги одликува осумте припадници на специјалната единица „Тигар“ кои загинаа во Куманово: Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илиевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ.

Кому му требаше Дива Населба?

01:34

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми