1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кумовите на „Коза Ностра“ зад решетки

21 јануари 2011

Повеќе од 120 припадници на петте водечки мафијашки семејства од Њујорк беа уапсени утрово во голема акција на американската полиција. Тие се обвинети за убиства, рекетирање, илегално обложување и трговија со наркотици.

Уапсените се обвинети за убиства, рекетирање, закани, илегално обложување, трговија со дрога...Фотографија: picture-alliance/dpa

Се’ наликуваше на сцена од познатиот филм за мафијата „Кум“. Агентите упаѓаа во рани зори. Го вадеа еден по еден „кремот“ на американската мафија од нивните кревети. Ги спроведоа со лисици на рацете. 127 припадници на петте водечки американски мафијашки семејства: Џеновезе, Коломбо, Гамбино, Лукезе и Бонано. Меѓу нив и шефовите на семејството Коломбо.

"Денешната операција е најголемата против припадниците на организираниот криминал во историјата на ФБИ“, соопшти шефицата на њујоршкото одделение на федералната служба Џенис Федарчик.

Селото Корлеоне на Сицилија се смета за седиште на „Коза Ностра“Фотографија: picture-alliance/dpa

Повеќе од 800 полицајци учествувале во рацијата во Њујорк и неколку околни градови. Уапсените се обвинети за најмалку 16 различни криминални дела, убиства, рекетирање, закани, илегално обложување, трговија со дрога. Најстариот меѓу уапсените е 83-годишниот шеф на мафијата во Њу Ингланд, Луиџи Маночио. Операцијата против мафијашите траела со месеци, а апсењата се темелат на изјави на сведоци-соработници на полицијата.

Американскиот министер за правда, Ерик Холдер изјави дека со апсењата и е зададен силен удар на „Коза ностра“, италијанската мафија во САД со корени на Сицилија.

„Но борбата против организираниот криминал ни одблизу не е завршена. Повеќепати досега криминалците покажале дека се подготвени да убиваат и сведоци и свои ривали“, рече Холдер.

„Коза ностра“ одамна ја загуби битката

Но експертите во САД не се одушевени од акцијата, ниту пак сметаат дека со ова и е зададен голем удар на мафијата, како што прикажуваат властите.

Познатиот њујоршки кривичен адвокат Брус Баркет вели дека моќта на Коза Ностра е веќе долго во опаѓање, а нејзиното место на врвот на американското подземје го заземале албанската и руската мафија.

„Голем број полицајци ќе ви кажат дека во Коза Ностра не остана веќе никој. Најголемиот дел од денешните апсења се на стари мафијаши за криминални акти сторени пред десетици години“, вели Баркет.

Полицијата потврди дека дел од обвинувањата се и за дела сторени пред 30 години. Меѓу нив има и нарачани убиства, но и бизарни случаи како едно двојно убиство во бар во Њујорк поради истурен пијалок.

Џон Готи, еден од најпознатите мафијашки кумови беше уапсен во 1990 годинаФотографија: AP

Експертот за организиран криминал од Универзитетот Сент Џон во Њујорк, Хауард Абадински смета дека акцијата ќе има само краткотраен ефект.

„Некои опасни луѓе се дефинитивно тргнати од улиците. Но рацијата ќе им овозможи на новодојденците кои ја демнат својата шанса да дојдат на нивно место“, вели Абадински.

Автор: Георг Шварте/ројтерс/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми