1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Купување“ пасош - богатите полесно стануваат граѓани на ЕУ

Јулија Манке/ Жана Ацеска21 април 2013

Кипарскиот претседател Анастасиадес планира да ги награди руските бизнисмени за нивните инвестиции во земјата со доделување државјанство. Но, и во другите земји на ЕУ богатите многу полесно стигнуваат нов пасош.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Парите сепак носат среќа, на пример ако со нив човек може да си купи државјанство од членка на ЕУ. Тоа е исплатливо за сите, кои сакаат да напуштат кризни региони или со нов пасош од ЕУ едноставно покомотно да патуваат, зашто со него отпаѓаат многу визни рестрикции. Со овој пасош едноставно е полесно да се прават бизниси низ Европа. За да се добие кипарски пасош, во иднина треба да се вложат три милиони евра на островот. Така барем неодамна најави кипарскиот претседател Никос Анастасиадес на руско-кипарската годишна средба во Лимасол, обидувајќи се да ги одоброволи руските бизнисмени. Анастасиадес е свесен за загубите настанати со спасувачката акција на ЕУ. Навистина, и досега постоеше можност за „купување“ кипарски пасош, но заинтересираните за тоа требаше да го исполнат условот - да имаат вложено најмалку 15 милиони евра во пет години.

Според Филип Албрехт, прописите од овој вид се „несоодветни“. Политичарот и европратеник од редовите на Партијата на зелените посакува заедничка доселеничка политика на сите членки на ЕУ.

„Сметам дека е во основа многу сериозно што одредени ЕУ-членки своеволно даваат свое државјанство“, вели Албрехт.

Јан Филип АлбрехтФотографија: picture-alliance/dpa

Зашто, постојат доволно луѓе кои своето животно средиште го имаат во некоја земја од ЕУ и чекаат на државјанство.

„При доделувањето државјанство мора сите да бидат во еднаква положба“, истакнува Албрехт во разговорот за Дојче веле.

Пасош за купување куќа

Фактички, земјите во ЕУ различно ја кројат својата доселеничка политика. И во Ирска до 2001 година можеше прилично лесно да се дојде до државјанство преку инвестиции во земјата. Во меѓувреме, 500.000 евра вложени во јавен проект во областа на образованието, здравството, уметноста или спортот гарантираат единствено дозвола за престој. Во Португалија стекнувањето државјанство е поврзано со купувањето недвижен имот, пример кој радо го следат и Шпанците: планирана е долна граница од 160.000 евра, која на купувачот на куќа треба да му донесе дозвола за престој. Во Унгарија патот до новата татковина го отвора купувањето државни обврзници. Заинтересирани доаѓаат пред се‘ од Русија, Кина и Индија.

Но, европска земја која направи голема реклама преку познатата консалтинг фирма „Хенли и партнерс“ кај добро „фатираните“ муштерии е Австрија. На владата таму со закон и‘ е одобрено да доделува државјанство „поради веќе постигнати или очекувани исклучителни заслуги на странци во интерес на Републиката“.

Според медиумските извештаи, на ваков начин до австриски пасош стигнале на пример еден саудиски хотелски инвеститор и руската оперска пејачка Ана Нетребко.

Австриски пасош по „поволни услови“Фотографија: picture-alliance/dpa

„Купениот пасош“ - само исклучок

„За мене е естетски проблематично, но тоа не ја загрозува ЕУ“, вели Дитрих Тренхард, професор на универзитетот Минстер и експерт за миграција. Постои само мал број луѓе кои се здобиваат со државјанство на ваков начин, истакнува тој во разговор за Дојче веле. Во 2012 година, судејќи според статистиката, во Австрија никој не добил државјанство како возврат за донесени инвестиции. Во годината претходно, 2011, 23 луѓе ги искористиле предностите на вонредниот параграф 10, ставка 6 во Законот за државјанство.

За оние, кои одат по вообичаениот пат за добивање државјанство, Австрија напротив е земја во која, споредено со останатите во ЕУ, тоа е најтешко остварливо, истакнува Тренхард. Во Австрија времето на чекање е долго, а таксите многу високи. Увидот во доселеничката политика на државите во ЕУ води до заклучок - фактички, сите земји им нудат олеснувања на богатите. Во Германија тоа се прави на тој начин што целно се привлекуваат добро образованите заинтересирани луѓе.

„А ако истовремено се спречува доаѓањето во Германија на сиромашни, така да се каже економски бескорисни луѓе од трети земји, тоа има сличен карактер како она што се прави на Кипар“.

Политиката на доделување државјанство во ЕУ нема многу брзо да се промени.

„Доделувањето државјанства моментно не се дискутира многу на ниво на ЕУ, туку прилично воздржано, што според мене е погрешно“, објаснува Албрехт.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми