1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курдите бараат странско оружје за борба со џихадистите

Александар Методијев/ројтерс/афп/дв10 август 2014

Лидерот на ирачките Курди Масуд Барзани побара од меѓународната заедница да ги снабди Курдите со оружје за да ја зајакнат својата борба против милитантите од „Исламската држава“.

Фотографија: Reuters

Драматичниот пробив на „Исламската држава“ ги алармираше Багдад и западните држави. Во посета на земјата денеска (10.08) е францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус, па Барзани (на насловната фотографија) ја искористи приликата по средбата со него да изјави: „Ние не се бориме против терористичка организација, ние се бориме против терористичка држава“.

Франција, за разлика од САД, не планира да спроведе воена акција во Ирак. Тоа јасно го нагласи Фабиус.

„Во однос на Франција, нашата поддршка во моментов е хуманитарна. Франција во моментов не планира интервенција во воен стил“, рече францускиот министер.

Тој беше во ирачкиот град Ербил, во кој доминираат Курди. Тој сакаше да ја надгледува испораката на хуманитарната помош до цивилите кои побегнаа од нападите на борците од „Исламската држава“. Осврнувајќи се на самопрогласената власт на џихадистите врз територии под нивна контрола во Ирак и Сирија, Фабиус рече дека тоа е „калифат на омраза“.

Лорен ФабиусФотографија: Reuters

„За нашите пријатели во Курдистан и каде било во Ирак ова не е само битка за самите себе, туку е битка за слобода која не‘ засега сите нас“, рече францускиот министер. Тој ја повтори пораката што ја изнесе денеска и во Багдад за „итно воспоставување на владино единство“ во Ирак за борба против џихадистите.

Инаку, Франција во четвртокот изјави дека е подготвена да ги поддржи силите во автономниот курдски регион на северот на Ирак со цел да се блокира напредувањето на исламистичките милитанти. Но, притоа не беа изнесени детали за каква форма на помош станува збор. Договор за соработка беше постигнат и во телефонскиот разговор меѓу францускиот претседател Франсоа Оланд и Масуд Барзани, кој се случи пред неколку дена.

Језидите бегаат од нападите на џихадистите од „Исламска држава“Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Зголемена финансиска помош од Германија

Германија одобри дополнителни 1,5 милиони евра како мерка на итна помош наменета за Курдите во Ирак. Тоа го соопшти сојузниот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер. Тој е во контакт со лидерот на ирачките курди Масуд Барзани. Нему му објаснил како Германија „може да помогне во оваа исклучително критична ситуација“. Досега итната помош на германската влада изнесуваше 2,9 милиони евра.

Во барањето за проширување на помошта се создаде широк сојуз од политичари, активисти за заштита на човековите права и верски лидери. Во отворено писмо потпишано од политичари од ЦДУ, СПД, Зелените, ФДП и Партијата на левицата се нагласува дека во Ирак им се заканува геноцид посебно на христијаните и језидите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми