1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курдите ги менуваат сојузниците: Напомош повикан Дамаск

БГ
13 октомври 2019

Сириската влада испраќа трупи на границата со Турција за да им помогнат на курдските борци против турската офанзива во северна Сирија. Американските трупи забрзано се повлекуваат. Бројот на жртви во офанзивата расте

Syrien l Militäroffensive der Türkei in der Grenzstadt in Akcakale
Фотографија: Reuters/M. Sezer

Најавата претставува голем пресврт во сојузништвото за сириските Курди кои претходно беа напуштени од САД со кои беа во долгогодишна алијанса во борбата против Исламската држава. Во меѓувреме, стотици членови на семејства на борци на Исламската држава и нејзини поддржувачи успеаја да избегаат од затвор во северна Сирија поради жестоките судири на турските сили и Курдите.
Вртоглавиот развој на настаните е резултат на растечкиот хаос во регионот откако американскиот претседател Доналд Трамп најави повлекување на своите трупи, а Турција започнува офанзива во соседната држава.
Американскиот министер за одбрана Марк Еспер најави дека сите трупи ќе бидат повлечени од северна Сирија поради растечката опасност од борбите.

„Американските трупи можат да бидат фатени меѓу две армии и тоа е неодржлива ситуација“, рече Еспер. Досега во регионот, САД имаше околу 1.000 војници. Заканата беше илустрирана во петокот, кога мала група американски војници се најдоа под удар на турската артилерија додека вршеле набљудување. Еспер исто така рече дека Курдите најверојатно се обидуваат да постигнат договор со сириската армија и со Русија за да го спречат напредокот на Турција.
Набрзо потоа, курдските претставници соопштија дека ќе соработуваат со сириската влада во обид да ја сопрат турската инвазија. Сириската телевизија јави дека владините трупи веќе се упатиле кон границата.
На петтиот ден од офанзивата, турските медиуми јавуваат дека армијата влегла во центарот на пограничниот сириски град Тал Абјад, а турското министерство за одбрана тврди дека е под контрола и автопат кој поврзува два регионални центри.
Обединетите нации велат дека 130 илјади Сиријци ги напуштиле своите домови од почетокот на офанзивата. Турција тврди дека досега загинале 440 курдски борци, додека Курдите тврдат дека бројката на загинати е 56. Меѓу загинатите се и четворица турски војници како и 16 борци на милиции кои ја поддржуваат Турција.

Погреб на борци на Сириските демократски сили кои загинале во борбите со турската армијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Ahmad

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми