Курдите можат да ги одлучат изборите во Турција
5 јуни 2015За некој партија да освои пратенички места во турскиот парламент мора да го надмине цензусот од дури 10 проценти. За да го избегнат тоа правило, малите партии често настапуваат како „независни кандидати“. Но годинава е поинаку - барем кога станува збор за прокурдската Демократска партија на народот (ХДП). „Ќе биде возбудливо бидејќи ако ХДП го мине цензусот од 10 проценти, тоа целосно ќе ја смени распределбата на местата во парламентот“, вели професор Бехил Озкан од Универзитетот Марама во Истанбул.
Мировниот процес со ПКК
На коцка е кревкото примирје кое во 2012 беше договорено меѓу забранетата Работничка партија на Курдистан (ПКК) и Турција. Судирот досега однесе 40 илјади животи и враќање на непријателството кое никој не го посакува. ХДП неофицијално се смета за политичко крило на ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, ЕУ и САД. Раководството на ПКК се откажа од насилството, но одбива да го положи оружјето додека владата не ги донесе ветените реформи за малцинствата.
Заменикот премиер Јалцин Акдоган изјави дека влегувањето на ХДП во парламентот би претставувало ризик за кревкиот мир. „Доколку АКП ги загуби гласовите затоа што ХДП го минала цензусот, тоа нема да придонесе за конечно решавање на судирот“, вели Акдоган.
Поранешниот професор по право и кандидат на ХДП Митхат Санчар неодамна изјави дека потенцијалното влегување на неговата партија во парламентот би било можност за решавање на турско-курдскиот судир во парламентот. „Тоа е единствен начин да се убедат курдските националисти дека судирот со Турција мора да се реши политички. Воено, насилно решение не доаѓа предвид. Мораме да влеземе во парламентот, за да се спречи ново насилство“, вели Санчар. „Базата на нашата партија се симпатизерите на ПКК. Тоа е социолошки факт, а не наш политички избори“.
ХДП има голема поддршка во југоисточна Турција каде живеат голем број Курди. Како противтежа, владејачката АКП на југоистокот на земјата постави кандидати кои имаат силни верски со курдското национално движење. Откако прокурдската партија беше судски забранета во 2009 година, Орхан Мироглу веќе не смееше да биде политички активен. Годинава, тој е кандидат на АКП во покраината Мардин на југоистокот на Турција. „Тензиите се големи и постои можност повторно да дојде до насилства“, смета Мироглу.
Иднината на Ердоган под прашање
Истовремено на претстојните избори важна улога играат и целите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој во 2014 година со апсолутно мнозинство беше избран за претседател, изјавувајќи притоа дека сака да биде „силен извршен претседател“. Сегашниот Устав му дава само ограничен простор за маневрирање. Оттогаш тој се обидува да го смени Уставот за да ја прошири својата претседателска власт. Но, АКП ќе мора да освои најмалку 400 од 550 места во парламентот за да може самата да го смени Уставот. Судејќи според последните прогнози, шансите за тоа се мали. АКП може да се надева на освојување на 40 до 42 отсто од гласовите, далеку помалку од она што го сака претседателот.
Доколку ХДП влезе во парламентот, ќе биде загрозена позицијата на АКП. Членовите на оваа партија веќе нема да бидат во можност да спречат парламентарна истрага за обвинувањата за корупција во круговите блиски до Ердоган.
„Доколку АКП освои помалку од 276 пратеници ќе мора да коалицира. Тогаш ќе може да се истражат обвинувањата за корупција“, вели политикологот Озкан. Три опозициски партии веќе се изјаснија за истрага, а тоа ќе значи голем проблем за Ердоган и за неговата партија.
Овој текст е изработен во соработка со Платформата за независно новинарство (П24) од Турција.