1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курдите продаваат „на црно“ германско оружје

Керстен Миге/ард/ндр/З. Јордановски23 јануари 2016

Германија од 2014. година им испорачува оружје на курдските борци Пешмерги во Ирак како поддршка во борбата против ИД. Но, дел од тоа оружје изгледа отиде на препродажба на „црниот пазар“.

Фотографија: Reuters/A. Jalal

Тесен макадамски пат се провлекува низ пустите планини во близина на градот Ербил на северот на Ирак. Сообраќајот е густ. Горе, на малото плато, се паркирани десетици автомобили. Од нив излегуваат мажи, мнозина во униформи на Пешмергите, вооружените сили на северноирачката регионална влада.

Тие одат на пазар за оружје. Продавницата е ѕидана просторија покриена со сина пластична прекривка. Пред неа трговецот поставил стари троседи. На едниот се наоѓаат седум автоматски пушки, сите различен модел. Меѓу нив и Г3. Ознаката на типот, кратенката „ХК“ за производителот „Хеклер и Кох“, како и датумот на производство се вгравирани. Под нив стои и „Бв“, кратенка за Бундесверот. Такво оружје таму чини помеѓу 1450 и 1800 американски долари.

Тоа оружје всушност не смее да се нуди на продажба, во писмена форма владата на курдската провинција ја уверуваше сојузната влада на Германија. При испраќањето на првата пратка оружје кон средината на 2014. година, Клаус Брандел, претставник на Бундесверот, изјави: „Со потпис за секое поединечно парче оружје тие се обврзаа дека ќе го користат само во борбата против Исламската држава (ИД) и за заштита на бегалците на северот на Ирак“.

До летото 2015. Бундесверот испорача илјадници парчиња опрема во Северен Ирак: заштитни очила, уреди за радио-врска, шатори... но и оружје: 12 000 карабини Г3, 8 000 пушки Г36 и 8 000 пиштоли П1.

Репортери на германските телевизии НДР и ВДР го пронајдоа тој модел на пазар во курдскиот град Сулајманија, поставен во излог. И на него, окрај ознаката на моделот и бројката на пиштолот, стои и „Бв“. Трговецот бара 1200 долари за пиштолот и уверува дека може да набави уште повеќе германско оружје, дури и автоматската пушка Г36.

Обука за курдските борци за ракување со карабини Г3Фотографија: picture-alliance/Foto: Bundeswehr/S. Wilke

Како можело да се најде ова оружје на тие пазари? Одговор телевизиските репортери најдоа во едно сместувалиште за бегалци во Берлин. Таму од пред неколку месеци живее еден човек, кој речиси 30 години бил борец на Пешмергите. Двапати бил ранет во борбите против ИД. Добил 40-дневна обука од Бундесверот. Тој вели дека Г36 може да разглоби и состави со заврзани очи. Пред 4 месеци побегнал со семејството во Германија, оти пет месеци не добил плата. Бегството го финансирал со продажба на еден „калашников“ (руска автоматска пушка - н.з.). „Познавам повеќе од сто луѓе кои го продадоа своето оружје. Еден од нив е мојот братучед, кој својата Г36 ја продаде за 2800 долари“, кажува човекот.

Дали навистина бегството кон Европа се финансира со продажба на службеното оружје оти платата изостанува со месеци? Наџмедин Карим, гувернер на курдската провинција во Северен Ирак, на репортерите на НДР и ВДР во Киркук им тврди дека, за среќа, само малкумина Пешмерги ги напуштиле трупите, а најголемиот дел се на фронтот. Но, потврдува и дека има проблеми со плаќањето - поради ниските цени на нафтата немало редовни плати: „Мислам дека единственото што уште ги мотивира е љубовта кон својата земја. Многумина се бореа во планините и никогаш не добија пари за тоа. Но, сега е поинаку. Многумина имаат семејства кои зависат од нив, па наша должност е да им помогнеме на тие луѓе“, вели Карим. Тој посакува поголема поддршка за Пешмергите - со оружје, но првенствено со пари.

Запрашано во врска со трговијата со оружје од Германија, Сојузното министерство за одбрана вели дека нема известување за конкретни бројки на оружјето, но не може да се исклучи дека тоа било продавано. Според министерството, било проверувано секое конкретно укажување.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми