1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Курти за ДВ: Србија сака да го „боснизира“ Косово

Беким Шеху
13 ноември 2021

Дијалогот меѓу Србија и Косово и натаму е закочен. Во интервју за ДВ, премиерот на Косово, Албин Курти, за тоа ја обвинува српската влада.

Интервју на косовскиот премиер Албин Курти за ДВ
Интервју на косовскиот премиер Албин Курти за ДВФотографија: Bekim Shehu/DW

ДВ: Новата уредба на Вашата влада поврзана со регистрациите на возилата кои од Србија влегуваат на Косово, предизвика протести и блокади на патиштата на северот на Косово, а покрај тоа повторно е запрен дијалогот со Србија. Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ја критикуваше акцијата на специјалните единици на косовската полиција. Како гледате на овие критики?

Албин Курти: Делувавме во согласност со Уставот и со важечките закони на нашата земја. Договорот за автомобилските регистрации истече на 15 септември 2021 година и донесовме нов пропис, кој се базира на приницип на реципроцитет. Намерата не беше да налутиме некого или некому да му се одмаздиме.

Повеќе од 10 години нашите граѓани, доколку сакаат со автомобил да патуваат во Србија, мора да платат 5 евра и на своите возила да стават провизорни српски таблички, додека тоа не беше случај со влезот на возилата од Србија на Косово. А, процесот за дијалогот со Србија е повеќепати запрен. За тоа е виновна Србија која јасно сака да го „боснизира“ Косово.

Српски демонстранти за време на тензиите на Косово во октомври 2021 годинаФотографија: AP Photo/picture alliance

Дали верувате дека Косово и Србија не можат да постигнат никаков договор? Која улога притоа би требало да ја имаат ЕУ и САД?

Надвор од рамки на ЕУ, Косово и Србија не можат да постигнат никаков договор. Во постигнување на договорот ЕУ би требала да биде посредник. И тој договор би требало да се базира на меѓусебно признавање, тоа би требало да биде централен аспект. Во моментов ситуацијата е таква што Србија не го признава Косово, ниту Косово ја признава Србија.

Повеќе: Србија и Косово почнаа со деблокада на граничните премини

Со непризнавање на злосторствата сторени на Косово, значи злосторства против човештвото, воените злосторства и геноцид, Србија не ја признава независноста на Косово, бидејќи власта во Белград тоа го смета за резултат на нашата ослободителна војна, но притоа заборава дека злосторствата на Србија го примораа НАТО да интервенира во Европа против државата која се обиде да протера, убие и силува еден народ.

Албин Курти и Вјоса Османи за време на предизборната кампања во февруари 2021 годинаФотографија: Visar Kryeziu/AP/picture alliance

Важна точка во спорот меѓу Приштина и Белград е таканаречената Заедница на општини на српското малцинство. ЕУ ја повикува Приштина да ја одобри оваа заедница во согласност со договорот од 2013 година. Какво е Вашето мислење?

Нашата претседателка Вјоса Османи и јас уште тогаш бевме против Заедницата на општини на српското малцинство. Денес сме на чело на нашата земја и сѐ уште сметаме дека договорот од 2013 година е потпишан со големи притисоци врз пратениците во косовскиот парламент, и оти недостасуваа транспарентност и вистински информации.

Повеќе: ЕУ „ранлива“ на Западен Балкан

Покрај тоа, Уставниот суд на Косово во 2015 година, исто така, заклучи дека заедницата на општини заснована на етички основи не може да се интегрира во нашиот правен и уставен систем. Со таа заедница Србија на Косово се обидува да постигне нешто слично како во Босна и Херцеговина. Погледајте во Босна со Република Српска имаме држава која не се вика држава, туку република. На сличен начин Белград би сакал на Косово да има држава која не се вика република, туку заедница. И таа би требала да постои во рамки на Република Косово, која така се вика, а не треба да биде држава. Значи, извлековме поуки од минатото и ја студиравме и ја анализиравме тактиката на Белград. Сѐ поевидентно е дека Србија на Западен Балкан се однесува како Руската Федерација - Република Српска во Босна се обидува да ја претвори во Белорусија, а Црна Гора во Украина. Суштината е значи во тоа што Србија земјите кои не се во ЕУ - значи Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, па дури и Северна Македонија - не ги признава како вистински држави, туку ги смета за привремени држави.

Премиерот на Албанија, Еди Рама и косовскиот премиер Албин Курти во септември 2021 годинаФотографија: Office of the Kosovo Prime minister

Вие, значи, категорично го отфрлате концептот на Отворен Балкан што го заговараат Албанија, Северна Македонија и Србија. Зошто?

Има суштинска разлика во ситуациите во кои се наоѓаат Албанија и Косово, бидејќи Србија ја признава Албанија како држава, а Косово не. Тоа отфрлање на Косово од страна на Србија води кон дискриминација на нашите граѓани. Значи, додека албански државјанин може да патува во Србија со својот пасош, косовски државјанин не може, бидејќи нашите документи не се признати во Србија.

За Балканот да биде отворен и слободен, Србија мора да се промени еднаш засекогаш. Ако соработуваме со Србија, која не се менува, тоа нема да ѝ помогне на Србија. Преферирам иницијативи во рамките на Европската Унија. Го поддржуваме Берлинскиот процес и заедничкиот регионален пазар кој произлезе од него, на кој секако му е потребна слобода на движење и квалификации, како и признавање на стручните и универзитетски дипломи - но Србија не го прифаќа тоа кога е Косово во прашање.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми