Куче по мирис открива рак на дебелото црево
6 март 2011Женката Лабрадор во периодот од неколку месеци ги мирисала примероците измет и здивот на триста доброволци, од кои еден дел веќе имал дијагностициран рак на дебелото црево во различни фази. Успешноста била фантастична.
Таа успеала да го детектира ракот на дебелото црево во раната фаза во 33 од 36 случаи само мирисајќи го здивот на пациентите (со 90 насто успешност). Уште поточна била кога ги намирисала примероците измет и во нив го препознала ракот во раната фаза во 37 од 38 случаи. (98 насто). Приближно сличен процент се остварува со колоноскопија.
Обуката на кучињата е долга и скапа
Јапонските научници на женките кучиња настојувале максимално да им ја отежнат работата, па меѓу примероците измет ставале и од оние луѓе кои страдаат од разни болести на системот за варење, како што се чиревите, воспаление на слепото црево и слично.
Во поранешните фази на истражувањето е утврдено дека кучињата можат да намирисаат рак на бешиката, белите дробови, јајниците и на дојката. Нивната обука е многу бавна и скапа, но научниците се надеваат дека со нивна помош ќе успеат да развијат сензор кој би можел да ги детектира посебните состојки во изметот или во воздухот, кои се поврзани со ракот.
Женката Лабрадор од Фукуока порано се користела са спасување во вода, а за откривање на ракот почнала да се обучува во 2005 година. Секој пат кога точно ќе го намириса примерокот кој содржи рак, за награда добивала време за играње со нејзиното најомилено тениско топче.
Автор: СБ /ЖА /Фена /дв
Редактор: Александра Трајковска