1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

КФОР ги засили барикадите на Јариње

18 септември 2011

Единиците на КФОР денеска ги засилија барикадите на граничниот премин Јариње кои ги поставија при неговото затворање. Приштина го одби предлогот на Белград за дијалог за премините Јариње и Брњак.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Припадниците на германскиот контигент на КФОР дополнително ги засилија барикадите од сите страни на преминот на косовско-српската граница.

Во меѓувреме, претставници на косовската влада го одбија предлогот на официјален Белград за дијалог за регулирање на функционирањето на премините Јариње и Брњак.

Шефот на косовскиот тим во дијалогот со Белград, Едита Тахири изјави за „Коха диторе“ дека функционирањето на премините е внатрешна работа на Косово. Таа ги повика официјалните лица во Белград да го почитуваат договорот за царински печати постигнат на 2 септември во Брисел и да не трошат време во барање дијалог за функционирање на граничните премини.

Шефот на српскиот преговарачки тим во дијалогот со Приштина, Борислав Стефановиќ, пак, оцени денеска дека северот на Косово е ограничен простор под голем притисок и дека постојано постои можност да дојде до дополнителни проблеми. Белград инсистира на дијалог, а не на еднострани потези, кои би воделе кон конфронтација.

Србите во северно Косово и натаму остануваат на барикадите.

Барикади кај РудареФотографија: DW

Сите патишта кои од северот на Косово водат кон централна Србија и натаму се блокирани и не им се дозволува на припадници на Еулекс, КФОР и албански полицајци и цариници да се движат низ нив.

Според медиумски извештаи, Србите на неколку места ги забетонирале барикадите и истурале дополнителни количества песок за да оневозможат било какво движење.

Германските медиуми јавуваат дека на меѓународните трупи во Косово им пристигнале две оклопни возила од типот „Дакс“ кои ќе се користат за расчистување на барикадите. Кон почетокот на октомври во земјата треба да бидат испорачани и два водени топа, тврди „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Автор: ЖА/БГ/бета/миа/дв

Редактор: Жана Ацеска

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми