1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

КФОР ја презеде контролата

28 јули 2011

Сообраќајот на административниот премин Јариње, кој вчера вечер беше запален, се одвива под контрола на американските војници од КФОР, а дозволено е минување и на автомобили и камиони.

КФОР ја презеде контролата на преминот Јариње и пропушта автомобили и камиониФотографија: picture alliance/dpa

Припадниците на КФОР ги контролираат патниците, а на новинарите им е забрането да ги фотографираат и снимаат војниците и нивните возила. Еден од локалните команданти на КФОР за агенцијата Бета изјави дека тие се на преминот Јариње за да обезбедат слободно движење. Претходно во денот, КФОР соопшти дека преминот е затворен, бидејќи инфраструктурата е тешко оштетена од синоќешниот пожар и би можела да се урне. Пожарот го предизвикаа стотина маскирани млади луѓе, кои фрлаа молотов-коктели врз преминот.

Косовскиот парламент со резолуција за поддршка

Денеска косовското собрание, на вонредна седница, усвои резолуција, со која ја обврза владата во Приштина да оствари „уставна власт на целата територија на земјата“. Во резолуцијата стои дека Собранието го поддржува уставното право на институциите на Косово за контрола на остварувањето на уставноста и законитоста на целата територија на земјата. Собранието се залага и за остварување реципроцитет во односите со Србија, стои во документот.

Војници на КФОР го испитуваат преминот Јариње во палењетоФотографија: picture alliance/dpa

Пред гласањето, премиерот Хашим Тачи ги информираше пратениците за најновите настани по одлуката да се воспостави „ред и закон на премините Брњак и Јариње“. Тој обвини дека зад нередите на северот на Косово стои официјален Белград и додаде дека вандалите, кои го запалиле преминот Јариње, биле предводени од претставници на „паралелните структури на Србија на северот на Косово“. Според него, силите на КФОР и полицијата на Косово под контрола го држат преминот Брњак, додека преминот Јариње е под контроала на меѓународните мировни сили.

Додека во Приштина се одржуваше вонредна седница на Парламентот, пратениците во Белград не успејаа да соберат доволен број потписи за инцијативата за закажување седница за Косово. На пратениците им беа потребни 84 потписи, а овие денови вкупно 77 пратеници бараа вонредна седница. Опозицијата критикува дека најголема одговорност за тоа што нема да се расправа за Косово носи владината коалиција и оти владата има обврска да поднесе извештај за состојбата на Косово.

Премиерот Хашим Тачи зборува во парламентотФотографија: picture alliance/dpa

Поддршка за косовските власти од албанскиот државен врв

Со осуда за случувањата на Косово се огласија албанскиот претседател, Бамир Топи и премиерот Сали Бериша. Убиството на косовскиот полицаец и палењето на граничен премин ги оценија како „насилства иницирани од српски националистички кругови“.

Во сооштението од кабинетот на Топи се вели дека тој со везнемиреност ги следел случувањата, кои ги смета за „непотребни еднострани насилни активности“ и искажува верба во легитимните косовски инситуции за враќање на државата во нормала. Албанскиот претседател повикува на продолжување на дијалогот меѓу Приштина и Белград, инициран од страна на ЕУ, оценувајќи го како најдобар пат за решавање на проблемите.

Српскиот парламент не можеше да собере потписи за вонредна седницаФотографија: AP

Премиерот Сали Бериша, на прес-конференција во Тирана, апелираше до Србија и до Косово да ги намалат тензиите и да преземат мерки за реактиврање на дијалогот со посредство на Брисел „за доброто на двете земји, но и за мирот и стабилноста во регионот“. Според него, зад „едностраните непотребни насилства“ стојат српски националистички кругови.

„Целосно подржувајќи ги одлуките на Владата на Косово за гарантирање на уставниот поредок, интегритетот и целосната контрола на нејзината територија, албанската Влада ги осудува криминалните активности на северот на Косово, нападот врз КФОР и убиството на косовскиот полицаец, дела поттиканти од ултранационалистичките кругови во Белград. Нападите јасно говорат дека фантазијата за Голема Србија претставува опасност за мирот и стабилноста во регионот“, изјави Бериша.

Конфликтот неповолен за Белград

Пратеникот во германскиот парламент и заменик-претседател на собраниската група на опозициската Социјалдемократска партија, Гернот Ерлер, оценува дека најновата ескалација на границата меѓу Косово и Србија најмногу ќе и’ наштети на српската страна.

Германскиот пратеник Гернот Ерлер оценува дека ситуацијата на Косово ќе му наштети на имиџот на СрбијаФотографија: picture-alliance/ dpa

„По мое мислење губитникот на крајот ќе биде Белград, бидејќи моментално имавме позитивен развој со апсењето на Горан Хаџиќ. Но, тоа сега го прекрива конфиктот околу царините и така светската јавност повторно добива негативен имиџ за Србија, овој пат поради Косово.“

Со оглед на фактот дека претседателот Борис Тадиќ интензивно игра на европската карта во пресрет на изборите во Србија, ваквиот развој на ситуацијата на Косово воопшто не му оди во прилог, оценува Ерлер. Тој потсетува дека Тадиќ по апсењето на Хашкиот бегалец Горан Хаџиќ порача оти неговата земја очекува кандидатски статус и дури датум за почеток на преговори за прием во ЕУ. Но, за тоа е неопходно и надминување на проблемот со Косово, смета Ерлер:

„Во никој случај нема да се случи да почнат преговори за прием со Србија, доколку не се создаде опуштена ситуација меѓу Србија и Косово. Тоа значи дека мора да се разреши и проблемот со царините, бидејќи ако тоа не се случи, може повторно да има конфликти поради трговското ембарго. Ембаргото, пак, само по себе е бесмислено, бидејќи вообичаено меѓу Косово и Србија се одвива интензивна трговска размена“, потсетува Гернот Ерлер.

Консултации на Советот за безбедност на ОН за Косово

Советот за безбедност на ОН денеска ќе расправа за моменталната состојба на Косово, откако Србија пред два дена побара итно одржување на седница, поради ескалацијата на состојбата на границата. На вечерашните затворени консултации, кои почнуваат во 21 часот по средноевропско време, ќе учествуваат само претставниците од 15-те земји членки на Советот за безбедност. Ова за агенцијата Бета го изјави портпаролот на германската мисија, која претседава со Советот, Александар Еберл.

На затворени консултации во Советот за безбедност на ОН ќе се расправа за КосовоФотографија: AP

„Советот за безбедност ќе го сослуша извештајот на Одделението за мировни операции при ОН на затворени консултации, по расправата за други прашања“, изјави Еберл. Прашан дали на консултациите ќе присуствува и српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, Еберл вели дека „на консултациите учествуваат само 15-те членки на Советот“.

Јеремиќ вчера за РТС изјави дека две постојани земји членки во Советот остро се спротивставиле на закажувањето итна седница, па дури и дека се заканиле со вето, по што се одлучило состанокот да се одржи во форма на консултации, затворени за јавноста.

Автор: Александар Методијев/ Бета/ Макфакс

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми