1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

КФОР ќе реагира решително на сите нелегални вооружени групи на Косово

4 октомври 2007

Експертите за безбедносни прашања предупредуваат дека одолговлекувањето на решавањето на статутот на Косово и нејаснотиите околу конечното решение можат да ја загрозат тамошната безбедност.

Војници на КФОР го чуваат зданието на УНМИК во ПриштинаФотографија: AP

Непосреден повод за општиот заклучок е појавата на вооружени групи на Косово. Според информацијата што синоќа ја емитуваше јавниот телевизиски сервис на Косово, таква група вчера вршела сообраќајни контроли на еден патен правец на северот од покраината, во близина на српската граница.

Во телевизискиот прилог се гледа едно маскирано лице во црна униформа и со амблем на АКШ, Албанската национална армија. За целите и намерите на групата лицето изјави:

“За нас, понарешните борци од ослободителната војна многу сериозна закана е можноста Србија повторно да се обиде да изврши инвазија врз Косово. Затоа во меѓувреме решивме да се подготвиме, без при тоа да им пружаме отпор на безбедносните сили на Косово, токму затоа што имаме голема почит за силите на НАТО."

На прилогот веднаш дојде и реакција од претставник на КФОР. Портпаролот Борнеал изјави дека вакви настапи ја загрозуваат безбедносната ситуација и додаде дека КФОР ќе преземе решителни мерки против сите нелегални вооружени групи.

“Знаете дека безбедноста е во надлежност на КФОР и ние силно ќе реагираме доколку некој тоа го доведе во прашање. Сите мораат да бидат свесни дека ќе преземеме мерки против вакви групи. КФОР е решен да го обезбеди мирот на Косово. Тоа се наоѓа во историски момент и сигурен сум дека групите кои покажуваат оружје можат да го загрозат мирот во оваа земја и да му наштетат на имиџот на Косово.“

Портпаролот на КФОР уште додаде дека ваквата решителност важи за сите групи без оглед на етничката припадност. При тоа ја спомна и Гардата на Цар Лазар, составена од српско население, која во повеќе наврати најави дека ќе го брани Косово и со оружје - ако треба. Групата неодамна преку српските медиуми соопшти дека ќе организира марш на Косово во рамките на протестите на српското малцинство против независноста на покраината.

На тоа полицискиот комесар Решат Малиќи изјави дека полицијата ги набљудува ваквите најави, но ако биде потребно соодветно ќе одреагира.

“Такви организации не се добродојдени на Косово. Ќе се потрудиме да ги спречиме воопшто да дојдат на косовска територија.“

И меѓународната заедница е решена да ги спречи вооружените групи во дејствувањето. Уште претходниот шеф на УНМИК Сорен Јесен Петерсен ја прогласи Албанската национална армија за терористичка организација. А неговиот наследник Јоаким Рикер издаде наредба да не и‘ се дозволува пристап на Градата на Цар Лазар на Косово.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми