1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

К-15 нема да има за цела администрација

Костадин Делимитов
9 јуни 2021

Владиниот предлог за ребалансот на буџетот предвидува пари и за регрес за годишен одмор, но сепак тој нема да го добијат сите административци. Што друго предвидува прекроената државна каса и какви се реакциите?

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Продолжената рецесија не го урна оптимизмот на власта дека 2021 година ќе биде во знакот на опоравување на економијата. Минусот од 1,6% во првиот квартал од годинава, треба да се претвори во плус од 4,1% на крајот од 2021. Вака во проценти изразени во бруто домашниот производ изгледа владиниот план за враќање на економијата на развојната патека по кризата од ударот на пандемијата.

Подддршка на стопанството и граѓаните

Оптимистичкото сценарио се темели главно на натфрлените приходи во државната каса во првите пет месеци од годинава за вкупно 13,9%, но и сигналите за заживување на економската активност во вториот квартал од годинава. Овие бројки ја мотивирале владата да го скрои досега најгломазниот буџет кој ќе тежи 4,35 милијарди евра, или 350 милиони евра повеќе од првично планираниот. Зголемување на капиталните инвестиции за околу 100 милиони евра и продолжување на поддршката за стопанството според владата се двата клучни сегмента во ребалансот: 

„Фискалниот стимул за стопанството и граѓаните, мора да продолжи до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст. Во таа насока е и релабансот на буџетот, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Позитивен инвестициски циклус

Клучната дилема која постојано се наметнува кога се крои или прекројува државната каса е дали таа е позиционирана врз база на реални основи. Така е и сега, кога сме во период кој е исклучително предизвикувачки со оглед на последиците кои ги наметна и ги донесе пандемијата на Ковид-19.

Повеќе:

-План за спас на економијата-пандемијата ја урна, инвестициите ќе ја враќаат во живот

-Пирова победа во битката за спас на економијата

-Власта се фали, бизнисот се жали: Eкономијата е жива, но дали е стабилна?

За дел од стопанствениците е позитивно што Владата сепак се решава во вакви услови да стимулира зголемена потрошувачка и инвестициски циклус:

„Нашата Влада се определила да го стимулира развојот макар и малку да ризикува со дефицитот. Нормално дека тоа ќе влијае и на вкупниот долг на државата, но тоа е еден вид препорака на многу институции од Европа, да не се внимава толку многу на долгот, односно да се стимулира идниот развој затоа што короната доведе до една ситуација на полни магацини, пад на потрошувачката што влијае многу негативно на развојот. Сите држави па и нашава се обидуваат на некој начин да го стимулираат идниот развој, а тоа најдобро се прави преку инвестиции во инфраструктурата, гасификација, автопати, хидроцентрали. Некои од нив порано ги враќаат парите некои подоцна но во секој случај без таква државна интервенција не може да се покрене економскиот развој по оваа огромна криза од Ковид-19“, изјави за Дојче веле Ангел Димитров претседател на организација на работодавачи.

Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Планираното да се реализира

Сепак она што е клучно е планот за инвестиции да не остане само на хартија, што повеќе или помалку се случува низ годините наназад:

„Да, ефектот ќе го имаме само доколку инвестициите се реализираат. Ако останат само на хартија тогаш се би било џабе, тогаш тоа би бил само популизам. Затоа е многу битно да се реализираат тие инвестиции, да има брз поврат на парите, да има ефекти од инвестициите, но и тие да бидат квалитетни. Јас секогаш давам предност на инвестиции во гасоводи, во земјоделие, во брани, во енергетски проекти, за разлика од само патишта. Тие секак дека се потребни но повратниот ефект од нив бара повеќе време, додека пак за ваквите инвестиции се основа на идниот развој на земјоделието и на другата индустрија“, укажува Димитров.

К-15 само за дел од административците

Освен за капитални инвестции, во буџетот ќе има повеќе пари и за јавната администрација. Иако од лани во март до пред неколку недели поголем дел од нив не одеа на работа поради мерките за заштита од пандемијата, сега сите ќе добијат пари и за регрес за годишен одмор, или т.н. К-15. За оваа намена ќе се потрошат дополнителни 4 милиони евра. Од владата велат дека ова било ветено уште за лани, но поради кризата имало одложување. Од синдикатот велат дека овие пари нема да ги добијат сите во јавниот сектор, туку само оние кои се опфатени со гранскиот колективен договор:

„Во гранскиот колективен договор се опфатени органите на државната управа, стручните служби на владата, судовите, јавните обвинителства, казнено поправните и воспитно поправните установи, државното правобранителство, Градот Скопје и општините во градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието. Ова се органите кои ќе добијат регрес за годишен одмор и не станува ззбор за цел јавен сектор туку само за дел од нив. Конкретно, околу 27 илјади вработени за кои ние во синдикатот на УПОЗ постигнавме договор на ниво на гранка со Владата. Тоа беа долги и мачни преговори, но сепак завршија со успех“, вели за Дојче веле Пецо Грујоски престедател на синдикатот на УПОЗ кој е дел од Сојузот на синдикати на Македонија. 

Од синдикатот се свесни дека парите за овие вработени во државниот сектор ќе се делат во период на криза, но велат владата немала друг избор оти сепак бил потпишан јасен договор:

„Владата е должна да го исплати регресот за годишен одмор и ова не е ниту предизборен чин, ниту било што друго, туку е право и колективен договор. Доколку не се донесеше вакво решение, Владата ризикуваше да заработи тужби од сите овие вработени па пресметајте колкава ќе беше штетата врз буџетот. Инаку според колективниот договор, секој од овие околу 27 илјади вработени ќе треба да добијат регрес за годишен одмор во износ од најмалку 9,000 денари под услов да работат во период од намалку шест месеци“, објаснува Грујоски.

Предизборен поткуп?

Она што боде очи во проекциите е зголемениот дефицит кој сега е позициониран на рекордни 6,5%. Или во превод, дупката помеѓу приходите и расходите се зголемува за 200 милиони евра и сега ќе изнесува дури 750 милиони евра. Овие пари главно ќе се финансираат преку задолжување. Опозицијата предупредува од сценарио за предизборен поткуп:

„Нема пари за стопанството кое едвај преживува, нема пари за земјоделците, нема пари за помош на невработените, нема пари за угостителите, за занаетчиите, но има пари за социјални трансфери кои се единствено предизборен поткуп кој ќе се плаќа повторно од сите граѓани. Внимавајте, планиран е буџетски дефицит од над 6%, кој ќе биде финансиран со нови и нови задолжувања, а притоа од тоа нема да има никаква корист никој освен кога се во прашање лукративните интереси на Зоран Заев. Со овој ребаланс се предвидуваат над 200 милиони евра за предизборен поткуп кој преставува грабеж на државната каса финансирана од граѓаните, а скриена во ставката субвенции и трансфери, изјави Гордана Димитриеска Кочоска поранеше заменик министер за финансии во техничката влада од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

Од Владата пак објаснуваат дека дефицитот заедно со отплатите од претходните задолжувања во износ од 43,3 милијарди денари, ќе се финансира од надворешни и домашни извори.

Во рамки на отплатите по основ на претходни задолжувања влегуваат еврообврзницата издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра која доспева во јули, државните обврзници во износ од 4,68 милијарди денари и структурните обврзници во износ од 1,44 милијарди денари. Домашното задолжување во износ 23 милијарди денари, ќе се реализира преку државни хартии од вредност со истовремена отплата на државни обврзници во износ од 4,68 милијарди денари, така да нето-задолжувањето ќе изнесува 18,45 милијарди денари кои ќе бидат искористени за финансирање на потребите во тековната 2021 година како и за делумно финансирање на 2022 година“, изјави министерот Бесими.

Инаку со ребалансот на Буџетот според Владата се повлекуваат парите од Министерството за одбрана, каде поради пандемијата на Ковид 19  во договор со НАТО Алијасната  се откажуваат дел од вежбите на војската. Во буџетската прераспределба се доадаваат пари за нови вакцини, за локалните избори, односно за набавка на потребните апарати за читање на отисок од прсти, за субвенции за земјоделците. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми