1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавина тргна кон Трифонов по неговото „мудрување“ за РСМ

4 јануари 2022

Лидерот на ИТН вели дека не бил добро разбран. Продолжувањето на блокадата на РСМ не е во интерес на Софија, смета партијата Демократска Бугарија

Бугарскиот политичар Слави Трифонов
Бугарскиот политичар Слави ТрифоновФотографија: BGNES

Начинот на кој лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов, го замисли решавањето на спорот меѓу Софија и Скопје, и тоа го презентираше вчера на Фејсбук, предизвика жестоки реакции во Бугарија. Откако во тамошната јавност беше обвинет за „срамно распродавање на бугарските национални интереси" заради безвизно патување во САД, Трифонов вчера се обрати по втор пат, со образложение дека не бил правилно разбран.

„Кон Република Северна Македонија - вие задолжително треба да ги исполнувате сите точки од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што го потпишавте со Бугарија, вклучително и сè што е поврзано со историјата на Бугарија. Северномакедонците треба да си ги признаат историските бугарски корени. Тоа е необжалив услов. Тоа не подлежи на дискусија. Кон нашите партнери од НАТО и ЕУ - штом толку држите до тоа ние да ја поддржиме Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ - постапете партнерски кон нас, штом сакате ние да сме ви партнери - без визи за САД и веднаш во Шенген. Мислам дека сега моето мислење како граѓанин на Бугарија е повеќе од јасно", дообјасни Трифонов на Фејсбук.

Запрашан - дали тоа е официјалниот став на ИТН, меѓународниот секретар на партијата, Димитар Гардев, за медиумите изјави дека за партискиот став ќе се разговара денеска.

Канцеларија на партијата Има таков народ на Слави ТрифоновФотографија: Mariya Ilcheva/DW

Политика не се води на Фејсбук

Но, лавината од реакции не запира. Весникот „24 часа“ во редакциски коментар оценува дека „водењето на надворешната (но и на секаква друга) политика, одамна се префрлило повеќе на Фејсбук отколку во државните институции, на кои тоа им е прерогатив“.

„Затоа и не е изненадувачки што Слави Трифонов, чија партија ‘Има таков народ' го покрива надворешнополитичкиот ресор во коалициската влада, излезе со статус по прашањето за членство на Северна Македонија во ЕУ, нашиот прием во Шенген и визната политика на САД за Бугарите. По се изгледа, во 2022 година ќе си останеме и без Македонци во ЕУ и со визи за САД“, коментира весникот.   

Тома Биков, пратеник на опозициската ГЕРБ предводена од Борисов, посочи два фактора за решавање на спорот со РСМ.

„Првиот чекор кон решавање на случајот со Република Северна Македонија е да му се забрани на Станислав Трифонов да размислува за тоа. Вториот чекор е Бугарија да почне да има министер за надворешни работи. Без присуство на овие два фактора, свикувањето на КСНС за оваа тема е безпредметно“, посочува Биков.

КСНС е кратенка за Консултативниот совет за национална безбедност на претседателот на државата, тело, кое според најавите треба да заседава на 10-ти јануари, токму на тема - спорот со Северна Македонија.

Дали Слави Трифонов се пресмета со објавата на Фејсбук?Фотографија: BGNES

Ризик - да се изгуби и иднината и минатото

За темата вчера се огласија и коалициските партнери на ИТН.

„Продолжувањето на сегашната блокада на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ не е во интерес на Бугарија, која и онака не успеа добро да им ја објасни својата позиција на европските партнери, а камоли да добие поддршка за неа“, оцени партијата „Демократска Бугарија“.

„Времето не работи во наша корист. Затоа е важно нашата земја да ги формулира своите барања на меѓународноправен и дипломатски јазик, разбирлив за сите во ЕУ и РСМ. Ние не сме во позиција да разменуваме иднина за минато - судбински е важно да ги сакаме и двете, но сега ризикуваме да го изгубиме и едното, и другото. Трајното оставање на Северна Македонија надвор од ЕУ е огромен ризик за нашиот национален интерес. Предлагаме во Софија итно да се формулира конкретен патоказ за излегување од блокадата, во кој ќе бидат опишани сосема конкретни барања кон Скопје. Ваквиот патоказ, интегриран во преговарачкиот процес, ќе ни ја зачува можноста да наметнеме последователно блокирање пред завршување на присодинувањето, ако поставените услови не се исполнат според распоредот“, предлага „Демократска Бугарија“, според одговорот до „Труд“ од Стефан Тафров, задолжен за меѓународни прашања во партијата.

Потпретседателот на Народното собрание на Бугарија и поранешен шеф на бугарската дипломатија од БСП, Кристијан Вигенин, вчера потенцираше дека позицијата на Бугарија на тема Република Северна Македонија - не е променета и останува единствена.

„Консултативниот совет за национална безбедност свикан од претседателот на Бугарија е добра можност да се добие нова информација и да се споделат политичките гледишта за следните чекори“, порача Вигенин.

Според него „секој збор е важен, и затоа се надева дека импровизираните изјави во оваа фаза ќе бидат сведени на минимум, за да не се создаде лажен впечаток за пукнатини во позицијата на Бугарија или меѓу коалициските партнери".

Бурни реакции на политичка Софија на изјавата на Слави ТрифоновФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Hermes-AGF

Жална потчинетост

Но, во пошироката јавност постојат сомнежи токму за разногласие во владата. Д-р Борислав Цеков од Центарот за нова Европа, го обвини Трифонов дека ги продава бугарскиот национален интерес и историјата за туристички визи.

„Дури ни за чинија леќа. И тоа го кажува гордо, како да прави најголем дипломатски потег. Ова е толку одвратно и долно. Таква политичка и морална нискост. Таква жална потчинетост пред странски интереси, каква што не покажале и најмаргиналните африкански племиња кои им служеле на колонизаторите. Ова се вашите власти, драги Бугари (...) Промената продолжува“, иронизира Цеков.

Светослав Витков, музичар и поранешен кандидат за претседател, и прогнозира партиски крах на ИТН до крајот на 2022 година, заради константна нестабилност и заблудување на граѓаните.

„Самите не можеме да се оправиме, а сме тргнале луѓето да ги сопнуваме. Многу сме мали за да ја определуваме светскта политика или да застануваме на патот на Русија, на САД, на Турција, на Македонците. Се прашувам, што губи Бугарија, ако Македонија влезе во ЕУ?", праша Витков на „Нова ТВ“.

Во реакции на бугарските граѓани може да се прочита дека „ставот на Трифонов завршил исецкан како македонска салата", а други пак, се сомневаат дека „тој став не е случајно пласиран, туку наменски, за повторно да се стегнат редовите околу ветото“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми