Рускиот министер за надворешни работи престојува во Пјонгјанг, каде разговарал со лидерот Ким Јонг Ун околу севернокорејската атомска програма. Продолжуваат подготовки за можен самит Трамп-Ким Јонг Ун.
Реклама
На својата средба со севенокорејскиот лидер во Пјонгјанг, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров го поканил Ким Јонг Ун да ја посети Русија, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Од Москва се соопштува дека тема на разговорите меѓу Лавров и Ким Јонг Ун е севернокорејската атомска програма и прашања поврзани со билатералните односи.
Американскиот министер за надворешни работи синоќа во Њујорк го примил севернокорејскиот генерал Ким Јонг Чол, со кого денеска ќе има натамошни разговори. Ким е заменик-претседател на Централниот комитет на севернокорејската Работничка партија и близок соработник на севернокорејскиот лидер и главен командант на армијата, Ким Јонг Ун. Генералот е највисок по ранг севернокорејески функционер кој по 18 години престојува во САД.
Истакнат американски дипломат изјави дека разговорите на пратеникот од Пјонгјанг се во функција на евентуално одржување самит меѓу американскиот претседател и севернокорејскиот властродржец, првично планиран за 12. јуни во Сингапур. „Доколку самитот се одржи, Севернокорејците мора да кажат јасно на кои чекори се спремни“, изјавил дипломатот. Тема на историската средба би требало да биде разградувањето на севернокорејската атомска програма. САД инсистираат на целосно и проверливо денуклеизирање на Северна Кореја, а за возврат нудат економски олеснувања. Пјонгјанг има поинакво гледиште за денуклеизацијата - набљудувачите сметаат дека Северна Кореја нема да биде подготвена да се откаже од својата атомска програма без добивање безбедносни гаранции од САД. Вашингтон во меѓувреме е спремен на одредени отстапки во таа насока, тврди американски дипломат.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.