1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров тврди дека Москва нема контрола врз војската во Крим

Б. Георгиевски/ртр5 март 2014

Шефот на руската дипломатија соопшти дека неговата земја не ги контролира борците кои ја презедоа власта во регионот на Крим. Украинските сили ја презедоа контролата врз административната зграда во Доњецк

Фотографија: Reuters

Вооружените трупи во Крим не примаат наредби од Москва, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по средбата со шпанскиот колега Хозе Мануел Гарсија- Маргајо во Мадрид.

„Доколку станува збор за единици за самоодбрана формирани од жителите на Крим, ние немаме контрола врз нив“, рече Лавров, кој попладнево во Париз се среќава со американскиот државен секретар Џон Кери. Москва нема да дозволи крвопролевање во Украина, дополни Лавров.

„Нема да дозволиме крвопролевање. Нема да дозволиме напади врз животите на оние кои живеат во Украина и на руските граѓани кои живеат во Украина“, рече рускиот министер.

Според наводи на украинското министерство за одбрана, руските трупи на Крим денеска продолжиле со агресивните акции. Руските сили ја преземале командата врз два украински баталјона за противракетна одбрана. Се работи за две бази во кои се стационаирани украински војници. Во првата, руските војници окупирале дел од базата, но не успеале да ја преземат контролата врз магацинот со ракетите. Во втората база, украинските војници успеале да ја задржат контролата врз командниот центар. Интересно е што и во двата случаи, не бил испукан ниту еден куршум.

Тензии во Доњецк

Од друга страна, во Доњецк, град на југоистокот на Украина кој се смета за упориште на проруските сили во земјата, полицијата денеска ја вратила контролата врз административната зграда која беше окупирана од проруските демонстранти пред пет дена. На кровот на зградата повторно е поставено украинското знаме, но и натаму се вее и руското кое го поставија демонстрантите.

Протести во ДоњецкФотографија: DW/K. Oganesian

Состојбата во градот и натаму е тензична. Во вторникот се одржаа паралелни протести на проукраински и проруски демонстранти. За денеска се најавени нови, уште помасовни.

Новата влада во Киев го именуваше тајкунот Сергеј Тарута за нов гувернер на областа Доњецк, што се толкува како сигнал дека моќните олигарси кои го поддржуваа поранешниот претседател Виктор Јанукович ја менуваат страната. Сепак, Тарута сѐ уште не успеал да почне со работа и се жали дека бил саботиран од локалните безбедносни сили.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми